четврток, 25 април 2024
ТВ Топ чанел

Ахмети имал тајна средба со Таравари и го поканил во Европскиот фронт? Таравари: Лажна вест!

„Неколку часа по поразот на вчерашните претседателски избори, лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари имал тајна средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и со техничкиот премиер  Талат Џафери… Ахмети му дал сериозна понуда на Арбен Таравари да се приклучи на Европскиот фронт и го очекува неговиот конечен одговор“. Ваква вест денеска објави албанската телевизија Топ чанел, која е мошне гледана во регионот. Преку соопштение Таравари демантира. Вели, тоа е лажна вест.

Објавено на

часот

Сподели

Во веста на Топ чанел уште се вели дека Таравари на некои медиуми им потврдил дека имал средба со Ахмети, а на прашањето дали ќе се приклучи на коалицијата на ДУИ  Европски фронт, како што наведува телевизија, кажал дека за неколку дена јавно ќе се произнесе. На таа средба, според Топ чанел, бил присутен и еден министер.

Таравари вели дека оваа вест е лажна и посочува дека не би било изненадување доколку дојде Ахмети со некаква понуда до него.

„Со жалење денеска од еден многу сериозен албански медиум како што е Топ-чанел дознав дека синоќа сум се сретнал со господинот Ахмети и други функционери на ДУИ, за да слушнам понуда од него. Не, не е вистина. Кој и да им ја дал оваа вест на Топ чанел, лаже! Синоќа му честитав на мојот тим и мирно денеска продолжуваме со нашата работа кон промената! Навикнат сум на понуди од Ахмети и мислам дека не би било изненадување доколку дојде до мене, но оваа вест е лажна“, истакнува Таравари.

На вчерашниот прв круг од претседателските избори претседателскиот кандидат на Вреди Таравари е на четврто место од седуммината кандидати со освоени 83.356 или 9,21 отсто од гласовите, додека претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“, Бујар Османи е на третото место со освоени 120.903 гласови или 13,36 проценти.

Но, иако и двајцата кандидати за функцијата шеф на државата не влегоа во вториот изборен круг, ДУИ со коаолициските партнери во рамки на Европскиот фронт резултатот на својот претседателски кандидат Бујар Османи го слави како голема победа над опозициската Вреди. Османи не само што освои речиси 40 илјади гласови повеќе од Таравари, туку повеќе гласови во споредба со Таравари се освоени во 15 општини, додека Таравари оствари тесна победа само во Гостивар и Теарце.

Синоќа, Османи преку прес-конференција му порача на Таравари:

„Сакам да му кажам нешто и на противникот Арбен Таравари. Арбен и покрај ниските удари имавме фер кампања, достоинствено нека се прифати поразот, но и нашата победа. Волјата на народот е она што ги дефинира нашите кариери“.

Инаку, Таравари со дел од партијата Алијанса за Албанците пред изборите се приклучи кон опозициската коалиција на Беса, Алтернатива и Демократско движење на која ѝ се приклучи и косовската Самоопределување преку македонски државјани, a тој беше истакнат како заеднички претседателски кандидат во рамки на тогаш оформената коалиција Вреди. Другиот дел од Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села се приклучи кон Европскиот фронт на ДУИ.

П.Џ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ