ДАНИЕЛ СЕРВЕР

Европа и САД треба да ѝ кажат на Грција дека Македонија ќе биде примена во НАТО под привременото име

Што се однесува на Македонија, Европа и САД треба да ѝ кажат на Грција дека „ФИРОМ“ ќе биде поканета да се приклучи во НАТО, откако повторно ќе го воспостави транспарентното и отчетно демократско владеење, вели американскиот професор Даниел Сервер, во писмените белешки од расправата на тема „Балканот: закани за мирот и стабилноста“ на Поткомитетот за Европа, Азија и за новите закани, на конгресниот Комитет за меѓународни односи.

„Прво, земјите од регионот постигнаа извонреден напредок во 10-те години по интервенцијата на НАТО во Босна во 1995 година. Но во последните 10 години обидите на САД да ѝ ја предадат лидерската палка на Европската Унија овозможија опаѓање. Во Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Македонија сега постојат ризици од нестабилност, која може да предизвика грчеви во целиот регион. Тоа ќе се одрази лошо на глобалната лидерска улога на Америка, ќе загрози три мировни договори и ќе нè чини многу повеќе од спречување на конфликтите.

Второ, оние што велат дека би била остварлива етничка поделба преку преуредување на границите си играат со кибритче во близина на буре барут. Потезите во таа насока ќе доведат до насилство, вклучувајќи и етничко чистење, злосторства против човештвото, па дури и геноцид. Тоа се случи во 1990-тите години и може повторно да се случи. Не може да се постигнат моноетнички држави без големи и скапи мировни распоредувања.

Етничката поделба не би била само насилна, таа би создала и нов наплив на бегалци и би создала исламски минидржави во делови на Босна и Херцеговина, Србија и Косово. Ова беше главната причина што одбивме да ги поместуваме границите во 1990-тите. Американците денес треба да бидат дури и позагрижени за тоа. Исламска држава и Ал каеда имаа поголем успех во регрутирањето на Балканот отколку што многумина можеа да замислат со оглед на прозападните и проамерикански ставови на повеќето муслимани таму. Втурнувањето на балканските муслимани во моноетнички држави таму би радикализирало уште повеќе луѓе.

Штетата не би била ограничена само на Балканот. Русија би ја поздравила етничката поделба, бидејќи таа ќе би го поткрепила деструктивното иредентистичко однесување на Москва во Јужна Осетија, Абхазија, Транснистрија, Крим и Донбас, а и би ѝ дала на Москва и посилно упориште во регионот. Таа би создала географски јаз во НАТО и во ЕУ, за кој ние веќе долго време се надеваме дека ќе биде исполнет со пријатели и сојузници.

Мојата трета точка е ова: на Балканот не гледам сериозна алтернатива за политичките и економските реформи што ѝ се потребни на секоја од земјите од регионот за да се квалификува за членство во НАТО и ЕУ. Сите сакаат да ѝ се приклучат на ЕУ, која за жал нема да биде во можност да почне да ги прима сè до 2020 година. Тоа го прави членството во НАТО важен „морков“ за реформите, освен во Србија. Ние мора да направиме повеќе за да им овозможиме на балканските земји што сакаат да го сторат тоа, да се зачленат во Алијансата, како Црна Гора.

Во Македонија, тоа значи дека Европа и САД треба да ѝ кажат на Грција дека „ФИРОМ“ ќе биде поканета да се приклучи во НАТО, откако повторно ќе го воспостави транспарентното и отчетно демократско владеење. На Косово, тоа значи дозвола за Приштина да развие армија наменета за меѓународно миротворство што нема да претставува закана за Србите. За тоа, Србија ќе треба да го прифати суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, дозволувајќи му да се зачлени во ОН. Во Босна и Херцеговина, членките на НАТО треба да ѝ кажат на Република Српска дека Западот нема да го признае отцепувањето ниту ќе ѝ дава помош, како и на секоја земја што ќе ѝ се приклучи, вклучително и од ММФ и од Светската банка.

Овие и други предлози во моето пишано сведочење ќе го вратат регионот на вистинскиот пат и ќе спречат да бидат уништени мировните договори од 1990-тите и 2001. Така ќе се обезбеди сите земји од Балканот да имаат пристап до снабдување со енергија од други земји освен од Русија: природен гас од Азербејџан, ЛНГ од САД, или евентуално медитерански гас од Кипар или Израел.

Тукушто наведов голема листа на дипломатски задачи. Ако администрацијата се обврзе да ги спроведе, ќе биде потребен американски специјален пратеник. Но политиката треба да биде во прв план: базирана на одржување на постојните граници, спречување етничка поделба и забрзување на членството во НАТО и ЕУ, заклучува Сервер“, директор на Програмата за справување со конфликти и виш соработник во Центарот за трансатлантски релации во „Џон Хопкинс“.

Во Мексико, Индија и Турција, жените завршуваат трипати повеќе обврски поврзани со грижа од мажите.

повеќе

Сега свесно или несвесно се оди во друг правец, сведувајќи ја  партијата  на ниво на  дебатен клуб.

повеќе

Најчести места каде што може да се препознае (и шири) говорот на омраза на интернет се всушност онлајн медиумите кои дозволуваат простор за коментирање.

повеќе