Без единствено решение за кризата

Европа и натаму раштимано за бегалците

Словенија е согласна со тоа за бегалците на балканската рута да се издава еден унифициран идентификациски документ на македонско-грчката граница со кој тие ќе може да патуваат до посакуваната дестинација. И официјални лица од Хрватска вчера истото го изјавија, а утре во Македонија треба да дојде австрискиот министер за надворешни работи кој ќе треба да одговори на овие предложени нови процедури.

Околу документите има некаква согласност, но не и за тоа дека возовите, непречено ќе ја поминуваат бегалската рута од Гевгелија до Шентиљ. Интересот на Европа е оваа процедура да стане колку што е можно покомплицирана за да можат бегалците да се држат што е можно подалеку од границите на ЕУ. 
Австриската влада најавува нови безбедносни мерки на нејзината граница, нов „систем на менаџирање на границата“, што, според австриското радио ОРФ значи нови жичени огради на границата и зголемување на бројот на полицајци и војници за граничните патроли. 
Во однос на мигрантската криза, македонскиот претседателот Ѓорге Иванов вчера посочи дека Република Македонија се залага за сеoпфатно европско решение, за заеднички критериуми за справување со миграциската криза, за намалување на безбедносните ризици и поддржува измена на закони за заштита на границите. Иванов на претстојниот самит на Вишеградската група (која веќе е наречена источноевропска унија во ЕУ) ќе ги промовира македонските позиции и загриженоста од можните правци на развој на кризата, кои се надева дека ќе бидат земени предвид и на претстојниот Европски Совет, соопштија од кабинетот на претседателот.
Македонскиот претседател посочи на предлогот за воспоставување на стандардизација на регистрација на мигрантите со јасни заеднички критериуми, кои мигрантите треба да ги исполнуваат за нивно транзитирање низ балканскиот мигрантски коридор, преку употреба на унифицирани системи за регистрација и размена на податоци меѓу европските држави за барателите за азил, лицата кои се спречени на илегални патишта во намера да остварат влез надвор од контролните пунктови за регистрација и користењето на фалсификувани документи за транзитирање и регистрација.
Сите се согласуваат дека треба да има единствен документ, но, сепак, ако може бројот на оние што ќе бидат во возот да биде што е можно помал.
Интересот на Австрија е бегалците да запрат на грчко-македонската граница. Тие сметаат дека побрзиот транспорт на бегалците до австриската граница нема да биде решение. Австрија по секоја цена сака да го успори движењето на мигрантите долж коридорот. Оваа држава засега настапува сосема самостојно и некоординирано со Брисел.
Курц во Белград рече дека Австрија е подготвена да упати свои војници и полицајци на македонско-грчката граница. Курц утре и во Скопје ќе ја убедува и Македонија за планот за заштита на границите на Македонија со војници и полицајци од ЕУ.
 „Токму во Македонија, но и во други земји долж балканската рута постои силна подготвеност за редуцирање на бегалската навалица, за намалување на бегалскиот бран, дури за негово целосно запирање. Оваа подготвеност треба да ја користиме“, изјави Курц. Ако Грција и натаму не е во состојба да ги задржи бегалците кои стигнуваат од Турција, тогаш тоа мора да се случи на границата кон Македонија, смета Курц. 
И српскиот премиер Александар Вучиќ вчера предупреди: „Не можеме да примиме 100.000 или 200.000 бегалци, зашто Србија тоа не може да го понесе. Не сакаме да станеме ’паркиралиште’ за бегалците и ќе најдеме начин како да ги заштитиме националните интереси.“
Најважната станица за бегалците станува Македонија, каде почна да се подига втор ред од жичената ограда вдолж границата со Грција.
А.Д.
 

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе

Солидарноста е единствениот начин за надминување на оваа криза.

повеќе