Дипломатска мисија

Европа да си го одржи зборот за почеток на преговори, порача Заев на средбата со Лајчак во Брисел

Европската Унија да го испорача она што го вети, Македонија да ги започне преговорите за членство со ЕУ без натамошни условувања бидејќи го одработи својот дел од обврските е пораката со која македонската владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, а во која се и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја започна дипломатската мисија во Брисел.

Средбата со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за преговорите меѓу Србија и Косово и за целиот Западен Балкан беше првата од серијата средби на Заев.

„Северна Македонија го одработи својот дел од обврските. Време е ЕУ да испорача, без одложување, бидејќи секоја поинаква одлука ќе го наруши кредибилитетот на ЕУ пред целиот Западен Балкан“, е пораката која ја објави Заев на социјалните мрежи за која била постигната согласност и со Лајчак.

Лајчак, пак по средбата на Твитер напиша: „ „Денеска, на Денот на Европа се сретнав со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров, и шефот на дипломатијата Бујар Османи да разговараме како да се отворат преговорите за пристапување“.

Заев утре во седиштето на ЕУ во Брисел ќе се сретне со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, со извршниот потпретседател на ЕК, Франс Тимерманс и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

На средбите на Заев, Димитров и Османи со високите европски претставници се очекува да се разговара за пристапниот процес на Македонија кон Европската Унија, за бугарското вето, но и за последните изјави на еврокомесарот Вархеји дека е можно раздвојување на Скопје и Тирана на европскиот пат.

Според најавата од владината прес-служба, премиерот Заев за време посета на Брисел ќе има средба и со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја актуелен претседавач со ЕУ.

Од Брисел Заев ќе замине во Шпанија на разговори со премиерот Педро Санчез, а оттаму во Атина на економски форум каде ќе има средба и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. ЕУ треба да ја донесе одлуката за првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија на самитот во јуни. Во Бугарија тогаш ќе има службена влада која ќе ги подготвува изборите закажани за 11 јули. 

Пред заминувањето на владината делегација за Брисел, денеска, на Денор на Европа, сите политичари во земјава упатија иста порака – Европа да си го одржи зборот. По изјавата на Заев дека „не ни треба Европската унија по цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во ЕУ“, слична порака денеска упати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Прилеп.

„На Денот на Европа бараме Европа да го испорача тоа што го вети. Тоа е: датум и преговори веднаш и сега, без дополнителни услови, без дополнителни барања од овој мал народ во срцето на Балканот, кој има чесни луѓе и заслужува да го почне патот кон полноправно членство во Европската унија… Престанете со дополнителни услови. Преговори сега и веднаш, а паралелно со преговорите, нека течат разговорите со источниот сосед. Тоа е формулата за успех и тоа треба да се случи уште на самитот на крајот на јуни“, рече Мицкоски.

Димитров порача дека „нашата битка денес е всушност битка и на Европа самата со себе, да си го одржи зборот. Крајно време е да ги почнеме заслужените преговори за членство и така ќе бидеме заеднички победници“.

Со слична пораки се јави и првиот вицепремиер, Артан Груби.

„Сите потребни и непотребни компромиси, ние лидерите на оваа земја ги направивме, вклучително и спроведувањето на Рамковниот договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство заокружено со сите реформи кои ги побара ЕУ. Ние ја докажавме нашата храброст, сега храброст треба да демонстрираат лидерите на ЕУ и да не ја држат во заложништво иднината на нашите граѓани“, рече Груби.

 

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе