Еврометар: Граѓаните на референдум би гласале „за“ влез во ЕУ, Бугарија ја сметаат за закана

Се зголемува процентот на граѓани кои го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ и 70,8 отсто од нив сметаат дека тоа е „добра работа“, а 74,3 отсто дека е „корисна работа“, покажува последниот Еврометар од февруари 2021 кој инаку е дел од традиционалните продукти на Евротинк.

Мнозинството граѓани, според испитувањето, на референдум би гласале „за“ влез на земјава во ЕУ, а зголемен е процентот на граѓани кои очекуваат влез во ЕУ во наредните пет години, соопшти на денешниот брифинг Иван Стефановски, извршен директор на Евротинк.

Сѐ уште е голем бројот на граѓани кои имаат негативно мислење за односот на ЕУ кон Македонија, односно 47,4 отсто од нив оценуваат дека односот на ЕУ кон државата е нефер, надмен и уценувачки, додека пак, 20,7 отсто сметаат дека односот е фер, пријателски, коректен. Една третина од граѓаните (31,5 отсто) веруваат дека постои држава која претставува закана за Македонија, а половина од нив (51,5 отсто) сметаат дека тоа е соседна Бугарија.

„Во однос на довербата во институциите, повторно најголем број граѓани имаат доверба во Армијата (62 отсто), потоа следи претседателот (41 проценти) и религиозните заедници (35 отсто). Најмалку доверба имаат во судството (13 отсто) и обвинителството (14 проценти)“, соопшти Стефановски.

Голем дел од граѓаните имаат негативна перцепција за полицијата, односно 63 отсто не се согласуваат дека полицијата во Македонија е независна од политички, владини или бизнис интереси. Но, од друга страна, 57 проценти од граѓаните сметаат дека полицијата добро ги извршува своите задачи за време на пандемијата со ковид-19. Исто така, голем број од граѓаните, 65 отсто, изразуваат позитивен став за работата на полицијата во време на забраните за движење во текот на пролетта 2020 година.

Во однос на демократијата, односно на прашањето „дали Северна Македонија е демократска држава“, повеќето сметаат дека нема демократија, а овој процент е зголемен во однос на претходниот Еврометар. Околу 26 отсто сметаат дека има демократија.

Испитувањето е направено од агенцијата „Индаго“ од Скопје преку компјутерски асистирана телефонска анкета во периодот 4 февруари до 15 февруари 2021 на репрезентативен примерок од 1015 испитаници со +/- 3 проценти маргина на грешка.

 

 

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе