„Имам добри вести за интергацијата на Западен Балкан во ЕУ. Таа ќе продолжи и ќе работиме уште посилно и напорно да го оствариме тоа. Мора да ги забрзаме процесите и да вметнеме динамика во нив, но истовремено да ги направиме посигурни и поверодостјни за сите нас, и за рагионот и за земјите членки”, рече Вархеји на заедничката прес-конференција со техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Проширувањето, според него, е приоритет за новата Европска комисија и не може да работи без поголемо влијание во регионот.
„Мора да работиме врз основа на проценката дека Северна Македонија и Албанија се подготвени за почеток на преговори. Нема промена во тој став и ќе се држиме до таа првична процена дека мора да почнеме пристапни преговори со овие две земји. Тоа значи дека треба да имаме позитивина одлука од Советот за отворање на пристапните преговори пред Самитот во Загреб годинава”, изјави Вархеји.
Тој нагласи дека ќе имаат многу работа во следните месеци, кога ќе треба да се унапреди процесот на проширување.
„Новиот пристап мора да биде сигурен и попредвидлив, и ќе мора да биде малку пополитички и објективен, но и со поголема динамика. Тоа се принципите на кои ги засноваме нашите предлози. Принципите треба да функционираат и за регионот и за нашите земји членки. Сакаме да предложиме отворање на пристапни преговори уште пролетва, но тоа треба да дојде заедно со економски план за регионот. На Самитот во Загреб се надевам дека ќе ја добиеме поддршката на земјите членки за интензивирање на нашето присуство и затворање на економскиот јаз”, изјави Вархеји.
Тој сепак, порача дека очекува успешни избори, по кои ЕУ ќе добие сигурен партнер во Владата и потсети дека е клучно спроведувањето на Преспанскиот договор и билатералниот договор со Бугарија, без разлика на тоа која ќе биде следната влада.
„Побарав ЕП да определи награда од 50 милиони евра за постигнувањата и резултатите на земјата во искористувањето на европските фондови. Предлогот очекувам дека ќе добие зелено светло и ќе се овласти исплатата”, изјави Вархеји.
Техничкиот премиер Спасовски, пак, изрази очекување дека средбите и комуникацијата со Вархеји ќе добијат на интензитет, бидејќи како што рече, влегуваме во клучен период за остварување на нашата стратешка цел, членство во ЕУ.
„Се надеваме и со право очекуваме одлука за почеток на пристапни преговори во претстојните месеци, по 15 години во чекалната со статус држава кандидат за членство”, изјави Спасовски.
Претходно Вархеји имаше средба со претседателот Стево Пендаровски, а ќе се сретне и со спикерот талат Џафери, како и со претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран заев и Христијан Мицкоски, по што утре ќе замине за Албанија.