Како што изјавија за Бета извори од Европската комисија, некои проекти од Западен Балкан веќе пристигнале во Брисел и секој проект, што мора да биде „многу темелно подготвен”, ќе се разгледува поединечно.
До крајот на декември треба да биде во сила Фондот за претпристапна помош ИПА III на ЕУ од вкупно девет милијарди евра, одобрен за периодот 2021-2027 година, со кој ќе се финансираат проекти од Економскиот и инвестицискиот пакет, во очекување на дополнителни средства од уште 20 милијарди евра.
Пакетот на ЕУ беше усвоен во октомври 2020 година и треба да привлече значителни приватни инвестиции, а приоритетни се развојот или реконструкцијата на главните патни и железнички врски, обновливите извори на енергија и преминот од јаглен кон други извори на енергија, зголемување на енергетската ефикасност, намалување на ефектот на стаклена градина, управување со отпад и отпадни води и воведување на широкопојасен интернет.
Според претставниците на ЕК, особено е важно „Западен Балкан да ги постигне климатските цели на ЕУ и да ги усвои енергетските и климатските аспирации на Унијата за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55% до крајот на оваа деценија, што бара фундаментални трансформации“.