Интервју со директорот на Агенцијата за разузнавање

Еролд Муслиу: Бугарија не е безбедносно прашање

Улогата на исламските верски заедници повеќе ја гледам од аспект на превенција и спротивставување на радикализацијата, која треба да се реализира во соработка со други државни институции и граѓанскиот сектор, вели во интервјуто за МКД.мк, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за разузнавање.

Во еден од ретките свои јавни настапи Муслиу открива дека во бегалските кампови во Сирија престојуваат неколку жени и деца по потекло од Македонија, кои живеат во катастрофално нехумани услови, во кои се заканува опасност ситуацијата да излезе од контрола, па да се соочиме со масовно бегство и со тоа да се создаде ситуација во тој бран да се најдат и терористички елементи. Со директорот на Агенцијата за разузнавање разговараме и за коронавирусот, спорот со Бугарија и други теми.

Помина една година од појавата на коронавирусот во светски рамки, со кој од крајот на февруари се бори и нашата земја. Што прават на тоа поле безбедносно-разузнавачките служби, конкретно Агенцијата за разузнавање?

-Пандемијата несомнено го промени целокупниот начин на нашето живеење и таквата промена ќе остане да се чувствува и по нејзиното надминување. Сите институции мораа да се приспособат на новата реалност и од аспект на внатрешното функционирање и од аспект на исполнувањето на својата мисија.

Пристапот на Агенцијата кон пандемијата е како кон глобален феномен, уште повеќе што таа се рефлектира и предизвикува промени во севкупните политички, економски и меѓународните односи, но и кон манифестирањето на асиметричните и хибридните закани. Во вакви услови, идентификувана е адаптација на новата реалност и од страна на терористичките организации и транснационалните организирани криминални структури. Се адаптираа и креаторите на хибридните стратегии со спроведување медиумско-пропагандни активности и дипломатски алатки за влијание врз јавното мислење. Во овој правец, одредени држави преку креирање лажна перцепција во јавноста предизвикуваа позитивни емоции за држави што не се членки на НАТО, наспроти „инертните и несолидарни“ ЕУ и НАТО.

Ваквите промени подразбираат нов пристап во работата на безбедносно – разузнавачките служби, покрај ограничувачките околности за нормално функционирање. Агенцијата за разузнавање се адаптира на новата реалност и го задржа нивото на оперативност и редовно информирање на корисниците на информации, вклучително и Министерството за здравство. Во вакви услови, Агенцијата оствари динамична соработка со партнерските разузнавачки служби, разменувајќи искуства и информации за справување со пандемијата, корисни за здравствениот сектор во нашата држава.

Колку актуелната ситуација во земјава, особено односите со Бугарија, влијае врз безбедносната оценка за Македонија? Имате ли информации за засилена разузнавачка активност од странските земји во Македонија?

-Односите со Бугарија не се безбедносно прашање. Бугарија е наш сојузник во рамките на НАТО и оттука имаме одлични односи со бугарските цивилни безбедносно-разузнавачки агенции. Ние како Агенција ги делиме истите стратешки определби и интереси со бугарските агенции и заеднички се справуваме со асиметричните и хибридните закани. Во тие рамки, АР ја следи разузнавачката активност и делување на земјите што развиваат хибридни стратегии, а во чии рамки пропагандното делување со креирање лажни вести, приспособени на географските, етничките и религиските посебности може да доведе до конфузија и несигурност кај населението и политичките актери во државите. Во вакви ситуации, многу е опасно доколку политичарите и медиумите несвесно влезат во матрицата на хибридно-пропагандното дејствување на креаторите на хибридните стратегии и да предизвикаат дополнителна поларизација и поделби, придружена со тензии во општеството, особено за внатрешнополитички цели и во периоди на предизборие.

Дијалогот Белград - Приштина е едно од клучните политички прашања, кое е поврзано со стабилноста на целиот регион. Кои се Вашите оценки во врска со исходот на овој дијалог под спонзорство на ЕУ?

-Се работи за комплексен и сензитивен преговарачки процес, блокиран со убиството на еминентен политички првенец на косовските Срби во 2018 година, а ревитализиран годинава со силна иницијатива на администрацијата на САД и ЕУ. Повеќе фактори влијаат врз динамиката на преговарачкиот процес и неговата разврска: позициите на Србија, Косово и меѓународната заедница; внатрешнополитичката состојба во двете земји, пред сѐ на Косово, особено поради оставката на косовскиот претседател, по потврденото обвинение од Специјалниот суд за злосторства во Хаг. Напредок во преговарачкиот процес не може да се очекува без политичка волја на политичкото лидерство во Србија и Косово. Се очекува преговорите да завршат со правно обврзувачки договор за целосна нормализација на односите, со меѓународно прифатливо решение со почитување на принципите на непроменливост на границите, без регионални и безбедносни импликации.

-Случувањата во Виена повторно го отворија прашањето со исламскиот радикализам, Македонија, македонските безбедносни органи... Колку сме подготвени, обучени и информирани од присуството на тој радикализам на македонската територија?

-Радикализмот, насилниот екстремизам и тероризмот од политички, етнички и религиски аспект претставуваат глобална, регионална и национална закана, а поради тоа и еден од приоритетите во работата на Агенцијата за разузнавање. Тероризмот не познава граници, терористот убива луѓе, напаѓа објекти од витално значење, создава страв и конфузија со цел да доведе до верска, расна и национална омраза и поларизација во општеството. Мрежата на инспиратори, регрутери и поддржувачи на идеологијата на Глобалниот џихад во Европа и на Балканот е испреплетена и минува низ многу држави, придружена со логистичка поддршка. Феноменот на странски терористички борци за Агенцијата останува да биде во фокусот на интерес на работа. Ова, особено имајќи го предвид фактот што од почетокот на војната во Сирија, во Сирија и Ирак од територијата на Западен Балкан заминаа да војуваат околу 1.000 приврзаници на радикалните идеологии што беа регрутирани и искористени во почетокот од Ал каеда, а подоцна и од ИСИС.
РСМ е дел од глобалната анти-ИСИС коалиција, во тие рамки Агенцијата има стратегија за спротивставување со овој феномен, нејзините припадници се високо обучени професионалци, развива соработка со меѓународните партнери и домашните безбедносни ентитети. Дека соработката на меѓународно и национално ниво игра клучна улога покажа последниот случај, кога во почетокот на септември годинава беа уапсени тројца приврзаници на ИСИС што имале план да извршат терористички акт. Во врска со последниот терористички акт во Виена, треба да се напомене дека македонските безбедносно-разузнавачки агенции имаат редовна соработка и комуникација со истородните во Австрија и разменивме релевантни сознанија. Секако, треба да се има предвид дека таквата соработка и комуникација секогаш била во рамките на надлежностите на австриските служби и нивното законодавство и надлежностите на македонските безбедносни ентитети.

Каква е улогата на Исламската верска заедница? Колку длабоко го следите проповедањето по џамиите, за кое неретко излегува дека нема никаква врска со исламот?

-Исламските верски заедници како институции или во некои држави како асоцијации имаат обврска да ги регулираат прашањата поврзани со организација на верскиот живот во државата каде што се регистрирани. Како такви, не претставуваат безбедносен интерес на АР. Досегашното искуство покажа дека регрутерите, инспираторите, приврзаниците и идеолозите на радикалните идеологии оперираат во нелегални верски објекти и други локации. Улогата на исламските верски заедници повеќе ја гледам од аспект на превенција и спротивставување на радикализацијата, која треба да се реализира во соработка со други државни институции и граѓанскиот сектор.

-Од сите информации што ги добивате дали може да се каже дека и емигрантската криза, Балканската рута на бегалците се користи од радикалите и дека поединци се распоредуваат по земјите од регионот?

- Во делот на идентификување надворешни закани, Агенција за разузнавање ја третира илегалната миграција како феномен, но заради географските точки од каде што се појавува, а е придружена со безбедносна и политичка нестабилност, предизвикана и од бегалски текови, во нејзиниот пристап ја третира и како хибридна закана.

Досегашното искуство покажа дека Балканската рута, која минува и низ нашата држава, а чија крајна дестинација се државите од Западна Европа, беше искористена од екстремистички и терористички елементи што изведоа терористички акти на европско тло. Безбедносно-разузнавачките агенции соработуваат и разменуваат сознанија по однос на идентификување терористички елементи, кои може да бидат закана по националната безбедност, а притоа користејќи како логистика криминални структури што се занимаваат со организирање илегални канали и префрлања. Морам да напоменам дека во моментов во бегалските кампови во Сирија престојуваат неколку жени и деца по потекло од Северна Македонија, кои живеат во катастрофални нехумани услови, во кои се заканува опасноста ситуацијата да излезе од контрола, па да се соочиме со масовно бегство и со тоа да се создаде ситуација во тој бран да се најдат и терористички елементи.

Од друга страна, факт е дека во Сирија останати се неколкумина македонски државјани, припадници на ИСИС, од кои дел се во затвор, како и други што се припадници на Хајат Тахрир ал-Шам.

Каква е соработката со службите од соседните земји во однос на повратниците од ИСИС со двојни државјанства од безбедносен аспект?

-Од почетокот на војната во Сирија, безбедносно-разузнавачките агенции на Балканот развија интензивна размена на сознанија, кои опфаќаа неколку аспекти поврзани со процесот на заминување на доброволци на тамошните боишта. Еден од тие аспекти беше идентификација на оние кои заминале во Сирија и тие што се подготвуваа да заминат. Размената на сознанија беше на високопрофесионално ниво и во многу случаи си помагавме едни на други во превенирање на заминувањата во Сирија, како и во откривање намери за извршување терористички акти во регионов. Треба да се напомене дека извесен број доброволци, кои потекнуваат од регионот на Балканот, а живееле и работеле во државите од ЕУ, заминувале на боиштата од европските држави и се поврзуваа во Сирија со дел од балканските групи.

При вашиот избор за директор на АР имавте проблем со ДУИ, партија што е дел од владејачката коалиција. Како стојат сега работите, се смирија ли страстите? Колку тој политички притисок Ви прави проблем во секојдневното работење?

-Точно е дека во почетокот од моето именување имаше реакции од страна на ДУИ. Сметам дека тие се должеа на недоволна информираност во врска со мојот професионален профил и реалните состојби во Агенцијата во изминатиот период. Но ова недоразбирање се надмина и сега е минато. Со министрите од ДУИ во Владата имаме одлична соработка, тие веќе ја поддржаа систематизацијата на АР, како и текстот на предлог – Законот на Агенцијата, кој набргу ќе влезе во собраниска процедура.

Кога станува збор за политички притисок, треба да се напомене дека Агенцијата како институција успеа во изминатава година и пол да има независна и автономна улога во својата работа и да биде ослободена од политички влијанија и притисоци, што е многу битно за една професионална служба. Сега веќе е минато ситуацијата кога поединци, кои искористувајќи ги врските со врвот на политичките структури на државата, влијаеа и се мешаа во работата на Агенцијата. Сепак, јас како директор, во неколку наврати необјективно бев лично предмет на напад на партиски пресови и соопштенија, организирани од опозицијата, која беше дезинформирана и злоупотребена од поединци, кои веќе не се дел од Агенцијата и припаѓаат на едно немило минато на Агенцијата.

Можете ли да кажете за себе дека работата ја терате професионално, бескомпромисно, дека тие што напредуваат во АР се професионалците, а не политичките полтрони?

-Принципите во моето раководење ги црпам од мојата професионална кариера, која почна пред 27 години во МВР и продолжи во АР. Во тие години ги поминав сите скалила од хиерархијата, а од мај 2019 година ми беше дадена доверба да ја предводам Агенцијата за разузнавање. Честа е уште поголема со фактот што првпат во целиот безбедносно-разузнавачки систем на оваа одговорна функција е поставен Албанец. Агенцијата има автономна улога и е професионална служба со изградени критериуми, кои постојано се надградуваат, а место за политички полтрони нема.

Безбедносните прашања, безбедносните структури се дел од она што нѐ очекува во евроинтегративните процеси. Како стоиме тука како држава? Лесно ли ќе го поминеме тоа поглавје или не?

-Од нас како држава зависи дали и колку лесно ќе го поминеме поглавјето 3.24 Правда, слобода и безбедност, кое согласно со новата методологија на преговори е дел од првиот кластер - темели, кој се отвора прв, а се затвора последен. Исполнувањето на реформите во овој кластер ќе влијае на динамиката на пристапните преговори во целина. Реформата во разузнавачко-безбедносните служби е еден од клучните приоритети во процесот на европската интеграција, предвидена во рамките на итните реформски приоритети и предмет на засилен мониторинг од страна на Европската комисија. Потребата за реформа во разузнавачко-безбедносниот сектор во континуитет се повторува и во извештаите на ЕК. Од суштинско значење е реформата да биде целосно завршена и спроведена, обезбедувајќи непартиско работење на разузнавачките служби.

Кои промени се предвидуваат со новите измени во Законот за Агенција за разузнавање?

-Пред почнувањето на реформите во разузнавачките–безбедносни служби во 2018 година, Агенција за разузнавање беше единствената служба во државата формирана со закон што датира од 1995 година. Со цел заокружување на реформскиот процес во оваа сфера, почнат со законите за ОТА, АНБ и Законот за координација на безбедносно – разузнавачката заедница, се наложи потреба од нов закон за Агенцијата за разузнавање. Новиот закон нуди повеќе новитети по однос на нејзиното функционирање и статус на вработените. Се прави јасна дистинкција помеѓу надлежностите на АР и АНБ, односно АР се дефинира како единствена институција надлежна за надворешно разузнавање, која собира разузнавачки информации за асиметрични, хибридни и сајбер-закани од странство. Меѓу другите придобивки, би го спомнал и воведувањето на позицијата заменик директор на АР, интегрирањето на НАТО-критериумите, воведувањето за прв пат на внатрешната контрола и надзор над работата на Агенцијата, транспарентноста во работењето, изедначувањето на статусот на правата на вработените со вработените од безбедносниот сектор во РСМ.

Сите информации што деновиве излегуваат во јавноста за невидени злоупотреби на функционери од безбедносните структури само ни покажуваат колку порозна е и оваа област. Како се справувате со тоа? До каде е пријавата за конфликт на интереси на консултантската агенција на Вашата сопруга и Вашата сегашна позиција?

-Досега не сме имале случаи за судски постапки за коруптивни активности на функционери од Агенција за разузнавање. Во врска со пријавата за конфликт на интерес на граѓанското здружение, чиј претседател е мојата сопруга, сакам да напоменам дека Агенцијата никогаш не воспоставила деловен однос со тоа здружение. Како што беше јавно објавено, постапката против мене, оформена по анонимна пријава, е завршена со одлука „се запира“, донесена од ДКСК на 2 октомври.

Што презедовте по скандалите во Брисел на двајцата припадници на АР, кои беа приведувани од бриселската полиција поради нивната параноја, а еден од нив повторно е претставник во Сараево?

-Настанот за кој прашувате, за жал, беше погрешно претставен во нашата јавност, од лица што очигледно од лични причини и интереси сакаат да му наштетат на угледот на АР како институција и на угледот на нашата држава. Настанот се случи за време на мандатот на претходниот директор на АР, а јавно беше пласиран по моето именување. До моето именување за директор на АР не беа преземени никакви мерки за разгледување на случајот. Го разгледав случајот, разговарав со колегите околу целиот настан и одлучив едниот од нив да биде казнет согласно со моите овластувања.

Во врска со вториот дел од Вашето прашање, поврзано со дипломат на нашата држава во БиХ, треба да напоменам дека не се работи за лицето за кое беа преземени дисциплински мерки.

Александар Дамовски

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Среда, Декември 2, 2020 - 10:57

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе