Британски телеграф

Емануел Макрон „ја држи Северна Македонија како заложник“ во обид да поттикне подлабока интеграција во ЕУ

Емануел Макрон во средата беше обвинет дека ја држи Северна Македонија како заложник за присилно да го протурка својот сон за поблиска политичка интеграција меѓу земјите на ЕУ, вели Телеграф.

Францускиот претседател, кој самиот себеси се опишува како жесток еврофил, беше обвинет дека ги блокира преговорите меѓу Брисел и Скопје за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, вели британскиот весник.

Брисел го користи морковот на членството во ЕУ за да ја убеди Северна Македонија да ги прифати контроверзните и широки реформи, вклучувајќи и менување на името на земјата за да му се стави крај на деценискиот горчлив спор со Грција.

„Французите го намалија нашиот морков“, рече еден извор од ЕУ: „Ова е шлаканица во лицето на Северна Македонија, која сè направи како што треба“.

Во јануари македонскиот парламент гласаше за промена на името на земјата од Поранешна Југословенска Република Македонија. Како резултат на тоа, Грција, која има свој сопствен регион наречен Македонија, престана да го блокира Скопје во приклучувањето кон ЕУ и НАТО.

На состанокот во вторникот во Луксембург Европската комисија беше бесна откако министрите за надворешни и европски министри на ЕУ ја одложија одлуката за отворање разговори за пристап со Северна Македонија и Албанија, вели Телеграф. Таа двапати препорача да почнат разговорите за пристапување.

Владите на ЕУ порано сигнализираа дека разговорите ќе почнат во јуни, што беше нашироко сфатено како ветување дека ќе се заложат за ова прашање откако ќе завршат европските избори во мај.

Дипломатите на ЕУ велат дека уште една причина за доцнењето во донесувањето на одлуката било тоа што на германскиот парламент му требало повеќе време за да ја поддржи одлуката за почнување разговори. Се очекува Бундестагот да го поддржи овој потег, велат дипломатите.

„Вистинскиот проблем се чини дека е Франција“, рече еден извор: „Нивниот став е нема веќе проширување ако прво не се спроведат реформите на ЕУ. Таа ги држи Северна Македонија и Албанија како заложници“.

„Ризикуваме воопшто да немаме веродостоен процес“, рече во вторникот еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, „Недонесувањето одлука и неактивноста не се опција“.

Макрон побара заеднички буџет за еврозоната и министер за финансии за сите земји со единствена валута, меѓу другите мерки, како што се „транснационални европарламентарци“, кои би ја претставувале ЕУ, а не својата матична земја.

Портпаролот на француската влада рече: „Како што во неколку наврати посочи претседателот на Републиката, процесот на проширување мора прво да го земе предвид приоритетот за продлабочување на Европската Унија и нејзино подобро функционирање. Процесот на проширување се базира на критериумите и барањата, како и на заслугите на самите кандидати, без никаква претходно утврдена временска рамка“.

Дури и ако се почнат разговорите, сепак ќе поминат уште многу години пред Северна Македонија да ѝ се приклучи на ЕУ, која размислува во проширувањето да вклучи неколку земји од Западен Балкан, вклучително и Србија и Црна Гора.

Проширувањето е поддржано од Велика Британија, која можноста за членство во ЕУ ја гледа како начин за гарантирање на стабилноста во регионот, борба против организираниот криминал и борба против руското влијание во Западен Балкан.

Србија одамна одбива да ја признае независноста на Косово, уште еден потенцијален кандидат за пристап во ЕУ.

„Како можеме да очекуваме Србија некогаш да направи компромис за Косово ако Северна Македонија не добие ништо за возврат на решавањето на историскиот спор?“, рече еден извор на ЕУ.

На Макрон му одговара да заземе цврст став против проширувањето на ЕУ поради предизвикот од антиимиграциската Национална алијанса на Марин ле Пен.

Национална алијанса тесно ја победи партијата на францускиот претседател на европските избори, но Макрон по гласањето се појави како потенцијален лидер во решавањето за највисоките функции на ЕУ.

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе