Реакција

Експертската јавност од власта бара одговори на многу прашања за францускиот предлог

Македонско - бугарските преговори и договори не смеат повеќе да бидат тајни. Решението за македонскиот јазик не е чисто. Историските теми остануваат на маса. Аргументите „сега или никогаш“ не се оправдани. Процесот на градење општествен консензус за една од најважните одлуки кои Македонија треба да ги донесе, треба да биде инклузивен. Ова се дел од заклучоците на Институтот за демократија и Институтот за европска политика, поддржани и од неколку други организации кои подготвија заеднички документ како одговор на францускиот предлог за преговарачката рамка и на дебатата која ја отвори Владата по добивањето на модификациите од Брисел.

Карикатура на Петар Јанков

Документот го пренесуваме во целост:

Преку отфрлањето на „францускиот предлог“ за кој првично се заложи премиерот и очигледно доминантен дел од нашето општество, мора да изградиме нов став со широк општествен консензус за каков било иден аранжман, којшто ќе биде заснован на темелни дискусии. Во тековниот предлог, преговорите вистински би почнале по внесувањето на етничките Бугари во преамбулата на Уставот - ветување за коешто Владата нема мандат и ќе нè остави уште долго во чекалната, но сега, со целиот притисок врз нас.

Протоколот кој сè уште не е достапен за јавноста, останува дел од преговарачката рамка.

Историските теми остануваат на маса, а мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања добива многу поголем притисок за резултати. Но овој пат, притисокот ќе биде европски, а не бугарски.

Решението за македонскиот јазик не е чисто. Со изоставувањето на поглавјето 34 од преговарачката рамка и со внесувањето на унилатералните ноти за македонскиот јазик, Бугарија си остава простор во подоцнежната фаза на преговорите да го блокира затворањето на ова поглавје (кое сe носи со едногласност), доколку нејзините барања не се исполнети, а се дел од нотата за македонскиот јазик. Потпишувањето на договорот за Фронтекс не е правна гаранција за непризнавање на јазикот во ова поглавје.

Аргументите „сега или никогаш“, „земи или остави“ не се оправдани во ситуација кога идниот изглед на ЕУ не е познат и кога војната во Украина налага потреба од итен успех во проширувањето што треба да се направи по секоја цена. Сега тоа е на штета на Северна Македонија, но и на самата ЕУ. Штетата од овој присилен „успех“ ќе ја направи земјата уште поранлива на подривачки влијанија од трети страни и е далеку поголема по безбедноста и стабилноста на регионот.

Процесот на градење општествен консензус за една од најважните одлуки кои Македонија треба да ги донесе, треба да биде инклузивен и да не се вградува во нереална временска рамка. Владата еднострано информира отколку што дебатира и се труди да изгради заеднички став. Оваа стратегија не само што создава дополнителна несигурност и фрустрација кај граѓаните, туку ја зголемува и поларизацијата во општеството и нетрпеливоста кон неистомислениците.

Можеби, за политичкиот естаблишмент прифаќањето нема да биде „ни триумф, ни дебакл“, но за нашето општество се создава ризик дека пристапниот процес ќе биде јамка околу вратот што ќе се затега во следните децении.

 

Со наведувањето можни етнички тензии како последица од неприфаќањето на предлогот (кој има јасен бугарски печат: „Раздели, па владеј“), се внесува дополнителна несигурност. Дали во Македонија ќе има етнички тензии зависи најмногу од македонските политички субјекти. Одговорноста е на Владата да обезбеди меѓуетничка трпеливост и толеранција во најосетливи моменти.

Инсистираме сите понатамошни чекори и документи, вклучително и Протоколот, коишто би ги презела македонската влада за решавање на македонско-бугарскиот спор, да бидат презентирани во јавноста за да се обезбеди широка општествена поддршка. Собранието не смее да биде заобиколено.

Оттука, во интерес на вистински и целосни информации и во интерес на иднината, Владата мора да одговори на следните прашања/барања:

Владата веднаш да го објави Протоколот кој треба да се потпише меѓу ресорните министерства.

Како во модифицираниот предлог е заштитен македонскиот идентитет?

Зошто пред една седмица за решението за јазикот со унилатерлани декларации сметавте дека е неприфатливо, а сега е прифатливо?

Какви гаранции Владата обезбедила за да го заштити македонскиот јазик, особено во однос на идна злоупотреба на унилатералната изјава на Бугарија во поглавјето 34? 

Кога и со кои политички субјекти Владата постигнала согласност за промена на Уставот?

Каков реципроцитет е обезбеден во обврските за спроведување на Протоколот (изјава на министерот Османи за ТВ емисијата „Топ тема“)?

Зошто Владата смета дека ова е „последна шанса“ за евроинтегративниот пат?

Владата да го објави претходниот предлог – “работна верзија“.

Последно, нагласуваме да се преиспита пристапот на забрзани консултации и да се остави време за суштествена дискусија, анализи и проценки“.

Документот го подготвија Институтот за демократија и Институтот за европска политика. Истиот е поддржан од: Македонски центар за меѓународна соработка, Институт за комуникациски студии, Центарот за управување со знаење, Центар за истражување и креирање политики, Центар за правни истражувања и анализи, Зелен институт ЕКОВИТА, Рурална коалиција и Радар.

Легенда под Главна слика

Карикатура на Петар Јанков

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе