Реакција

Еко-свест: Сомнителна е одлуката на Владата за малите хидроелектрани, Анѓушев поседува многу такви централи

Еко-свест и CEE Bankwatch Network вчера испратија жалба до Енергетската заедница поради владината уредба за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори која неправедно ги фаворизира малите хидроелектрани пред другите енергетски извори.

„Македонија е потписник на Договорот за енергетска заедница, со кој се забранува „каква било јавна помош која ја нарушува или се заканува да ја наруши конкуренцијата со фаворизирање на одредени претпријатија или одредени енергетски ресурси".

Во последниве години малите хидроелектрани прават пустош низ земјите од југоисточна Европа - вклучувајќи ја и нашата земја - поради нивниот брз развој, често во заштитени подрачја и без примена на законите за заштита на животната средина.

Сепак, новата законска рамка одобрена од Владата во февруари дозволува неограничен број хидроелектрани под десет мегавати да продолжат да добиваат оперативни субвенции во форма на повластени тарифи. Во исто време, сончевите фотоволтаици не можат да добијат никакви повластени тарифи, без оглед на големината. Сите квоти за ветерници веќе се резервирани, а само неколку мегавати биомаса и биогас сѐ уште можат да добијат оперативна поддршка.

„Вицепремиерот Кочо Анѓушев, поседува голем број мали хидроцентрали, а неговиот кабинет е тесно вклучен во подготовката на законодавството за енергетскиот сектор. Затоа одлуката на Владата да даде предност на малите хидроелектрани изгледа сомнително ", рече Давор Пехчевски од Еко-свест.

Новите правила, што со новата законска рамка се воведуваат само за фотоволтаичните централи и повеќето ветерни централи, се дизајнирани да ги минимизираат трошоците за потрошувачите. Тие мора да се натпреваруваат на аукции за да понудат производство на електрична енергија по најниска цена, а успешните понудувачи се квалификуваат за поддршка во форма на премии што се плаќаат над пазарната цена за електрична енергија за да се осигураат дека ги покриваат нивните производствени трошоци.

Системот со премии, што исто така се применува и во ЕУ, повлекува поголеми ризици за инвеститорите. Исклучувањето на хидроенергијата од овој систем му дава неправедна предност на овој сектор.

„За земја што го има сонцето на нејзино знаме, Северна Македонија чудно го користи својот потенцијал. Привилегираната хидроенергија можеби имала смисла пред неколку години кога сончевата и ветерна енергија била премногу скапа, но тие денови се одамна поминати", вели  Филипа Галоп од CEE Bankwatch Network. „Наместо да се стимулира растот на нови извори, оваа шема ги потпомага малите хидроцентрали со голема штета. Оваа пракса треба веднаш да се смени за да се изедначат можностите".

Самиот закон за контрола на државната помош не е во согласност со одредбите од Спогодбата за функционирање на Европската Унија кои се однесуваат на заштита на конкуренцијата. Во последниот извештај за земјата од ЕУ во поглавјето 8 за заштита на конкуренцијата стои дека земјата мора да ја подобри транспарентноста на државната помош која ја дава Владата, меѓутоа и да обезбеди независност на институциите надлежни да ја спроведат. Како земја која активно се стреми да стане членка на ЕУ сметаме дека со вакво непочитување на ЕУ регулативата и игнорирање на забелешките од извештајот ние испраќаме порака дека за жал,  не ја сфаќаме сериозно задачата за исполнување на обврските за влез во унијата“, се вели во соопштението на Центарот за истражување и инфромирање за животната средина Еко-свест.   

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе