Прашања и одговори

Екатимерини: Преспанскиот договор ја спречува Грција во иднина да употреби вето

Ратификацијата на Преспанскиот договор сигнализира ново поглавје и за Грција и за Македонија*, а покренува и низа прашања во врска со иднината на двете земји. Екатимерини се осврнува на некои од овие прашања и се обидува да даде одговор.

1. Која е поврзаноста на спогодбата со кандидатурата на Македонија во НАТО?

Преспанскиот договор ќе стапи во полн ефект откако Македонија ќе стане член. По ратификацијата на договорот во грчкиот парламент на 25 јануари, балканската земја ќе биде поканета од НАТО во следните неколку дена за потпишување протокол за пристапување како „Република Северна Македонија“. Сепак, нејзиното пристапување ќе мора да биде одобрено од сите 29 парламенти на земјите-членки на НАТО, вклучувајќи го и грчкиот. Ова може да потрае повеќе од една година, имајќи го предвид пристапувањето на Црна Гора во 2017 година.

2. Може ли Русија да го попречи договорот со тоа што ќе стави вето на него во Советот за безбедност на ОН?

Според условите на договорот, Советот за безбедност и генералниот секретар на ООН се обврзани да го признаат неговото стапување во сила. Затоа, не постои начин Русија да го оспори договорот.

3. Може ли договорот да биде поништен во Грција од идната влада под водство на Неа демократиа, која отворено се противи на договорот?

Не може да се повтори процес сличен на оној што во 2008 ја спречи Македонија да се приклучи кон НАТО (со закана со вето). Ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент ја отстрани единствената пречка за пристапот на земјата во 2008 година - нејзиното уставно име. Лидерот на Неа демократиа, Киријакос Мицотакис, рече дека Грција го задржува правото да стави вето на пристапот на Македонија во Европската Унија. Сепак, според членот 2, став 1 од договорот, Грција се согласува „да не приговара на барањето или на членството на (Северна Македонија)... во меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции чиј член е (Грција)“. Понатаму, членот 20, став 9 јасно покажува дека одредбите на договорот се „неотповикливи“.

Се разбира, Грција може да ги одреди условите на спроведувањето на 35-те поглавја од процесот на пристапување, но суштината е во тоа што договорот ја спречува Грција да употреби вето. Секое прекршување на ова правило може да резултира со изолација на земјата од страна на меѓународната заедница и осуда од страна на Меѓународниот суд на правдата.

Што се однесува на пристапувањето на Македонија во ЕУ, Франција и Холандија приговараа за одредувањето датум за почеток на разговорите. Сепак, процесот се очекува да почне во јуни или декември и да потрае неколку години. Ова значи дека пристапувањето на „Северна Македонија“ во ЕУ ќе се случи по истекот на следниот мандат на грчката влада.

4. Како корист има Грција од договорот?

Поддржувачите на договорот го нагласуваат фактот дека го решава прашањето што 27 години шмукаше скапоцен дипломатски капитал. На Грција ѝ се припишува и заслуга за давање одлучувачки придонес во зајакнувањето на улогата на Западот на Балканот, бидејќи се гледа дека пристапот на Македонија во западните институции е резултат на влијанието на Русија (и Турција) во регионот, и покрај фактот што ова се спроведува преку верски и културни мрежи што функционираат независно од политичките случувања. Најголемата добивка на Грција, можеби, е тоа дека таа постигна одредени фундаментални барања, како што е присилување на соседната земја да го промени своето уставно име во сложено име со географска одредница, нешто што е грчки национален политички став уште од 2008 година. Грција, исто така, постигна дополнителни промени во Уставот на Македонија со кои се отстрануваат сите иредентистички елементи. Таа постигна јасна диференцијација меѓу историјата на античка Македонија и историјата на Македонија - иако некои експерти истакнуваат дека напорите за узурпирање на историјата на античка Македонија едноставно биле стратегија на поранешната влада на Никола Груевски и дека веќе се отфрлени од Скопје.

Освен тоа, иако договорот го признава јазикот што се зборува во Македонија како „македонски“ - што се смета за отстапка од Атина, за што, во замена, доби сложено име што ќе се користи erga omnes (што значи и дома и на меѓународно ниво) - Грција „победи“ со дообјаснувањето во член 7, став 4 дека овој јазик ѝ припаѓа на групата јужнословенски јазици.

5. Дали договорот отвора нови економски можности за Грција?

Целокупната нормализација на односите со Скопје сигурно ќе отвори нови можности за Грција од економска гледна точка, и не само во Македонија, туку и низ целиот Балкан. Регионот на грчка Македонија и цела северна Грција се очекува да има значителна корист, бидејќи Солун се очекува да стане фокусна точка на многубројни иницијативи.

6. Што загуби Грција како резултат на договорот?

И покрај тоа што национален политички став на Грција уште од 2008 е сложено име со географска одредница, голем дел од јавното мислење и натаму останува посветен на ставот што го усвои Советот на политичките лидери во 1992 година, кој се противи на секое име што го содржи терминот „Македонија“. Затоа, иако националната политика се смени, мнозинството граѓани го сметаат преименувањето во „Северна Македонија“ како пораз наместо победа за Грција.

Втората отстапка што ја истакнуваат негаторите е прифаќањето на името „македонски“ за словенскиот дијалект (или јазик) што се зборува во соседната земја, како и прифаќањето на двосмислениот англиски термин „nationality“, „националност“ (кој се користи во договорот), што може да се смета дека значи и „етничка припадност“ и „државјанство“. Оваа двосмисленост се смета за еднаква на тоа што Грција прифаќа дека луѓето од Македонија имаат „македонска“ етничка припадност. Признавањето на „македонска“ националност, која ја нервира и етничката албанска заедница во балканската држава, очигледно е точка што може да се гледа како поттикнување иредентизам.

Покрај тоа, верувањето дека договорот ѝ е наметнат на Грција од страна на странски сили, исто така, имаше цена. Тоа резултираше со колапс на коалицијата СИРИЗА-Независни Грци, по што земјата остана да ја владее влада што нема парламентарно мнозинство.

7. Зошто клаузулите за националност и јазик се сметаат за толку големи порази?

Од аспект на тоа колку јасно историското наследство на античката Македонија - која е грчка - е издиференцирано од историјата на географската област северно од грчка Македонија, националноста и јазикот дефинирани со договорот се чини дека му овозможуваат на словенското население во Македонија да се смета себеси за дел од македонска нација. Во оваа смисла, тврдат критичарите, договорот официјално утврдува, со признавањето на „македонски“ јазик и „македонска“ националност, дека Македонија не е само грчка - таа е мултиетничка. И покрај тврдењата дека Грција го прифатила „македонскиот“ јазик во 1977 година на Конференцијата на Обединетите нации за стандардизација на географските имиња, факт е дека единственото нешто што во тоа време беше признаено беше „македонско-кирилично писмо“. Впрочем, ако „македонскиот“ јазик навистина бил признаен во 1977 година, тој немаше да биде толку критична точка на раздор од 1992 до денес.

8. Дали навистина може да се бориме со иредентизмот?

Оптимистите истакнуваат дека очекуваното проширување на грчките инвестиции во соседната земја ќе ги ослабне иредентистичките тенденции. Во меѓувреме, скептиците предупредуваат дека грчкото признавање на „македонскиот“ идентитет на земјата претставува пресвртница во пропагирањето на иредентизмот и во понатамошната консолидација на словенско-македонската национална идеологија - идеолошката конструкција „македонизам“ - која настана кон крајот на 19 век. Според оваа идеологија, Егејска Македонија е под грчка окупација, додека Пиринска Македонија е под бугарска окупација.

9. Дали постоењето на „Северна Македонија“ претставува закана за Грција?

Историското време не може да се сведе на природно време. Грција нема да се соочи со никакви закани во наредните години; всушност таа ќе јакне додека на Балканот се зацврстува стабилноста. Меѓутоа, преминувањето на „ФИРОМ“ во „Северна Македонија“ и признавањето на „македонскиот идентитет“ во историски услови може да го засадат семето за нешто поголемо. Соседната држава ќе се развие во автономен зајакнувач на македонскиот идентитет. Во идниот геополитички развој, 30, 40 или 50 години од сега, големите сили би можеле да го поддржат создавање една единствена, мултиетничка федерална македонска држава - внатре или надвор од Европската Унија - која би предизвикала поделби на Балканот. Таквите геополитички пресметки се причина и за резервираноста на Бугарија кон Договорот од Преспа.

 

*На Екатимерини: ФИРОМ

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе