Димитров во Виена

Едштадлер нема разбирање за блокадата од Бугарија: Апелирам Софија да го прекине отпорот

Австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, по средбата со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров во Виена порача дека  Македонија е кандидат за пример и и дека за време на португалското претседателство со ЕУ треба брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата конференција.

„Сѐ што е одложување понатаму ќе не остави да бидеме губитници. Искрено велам, дека немам разбирање за тоа дека Бугарија понатаму блокира“, изјави Едштадлер на заедничката прес-конференција со Димитров.

Според неа, земјава дури го смени и името за да постигне вистински чекори кон Европа, и  под германското претседателство се вложија огромни напори за да се реши бугарската блокада, но тоа не успеа.

„И понатаму станува на врвот на агендата и во Советот и на ниво на министрите за надворешни работи да се реши оваа блокада. Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме во Виена како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакуум ако оваа перспектива на пристапување не ја реализираме во дела“, рече таа.

Тој вакуум, додаде Едштадлер, ќе биде пополнет со други земји што сакаат да извршат влијанија, како Кина, Русија.

„На Западниот Балкан сакам спротивното да го постигнеме и особено Северна Македонија да ја вклучиме во идната конференција. Западниот Балкан припаѓа во Европа и ЕУ нема да биде комплетна без него“, истакна Едштадлер.

Австриската министерка ја нагласи и поддршката што Виена ќе продолжи да ја дава за  Македонија и Западен Балкан на патот кон Европската Унија, додавајќи дека Австрија има особен фокус на регионот на Западен Балкан, со којшто, рече, нѐ поврзуваат историски корени.

„Имаме економски можности особено во Северна Македонија, која е главната точка, и затоа сме посветени на овој регион. Економската соработка е многу важна. Нашите претпријатија на лице место носат дополнителни вредности во регионот и кај нас“, рече Едштадлер.

Во однос на илегалната имиграција, министерката додаде дека Македонија останува важен партнер во ова поле и „ако сакаме да ја запреме илегалната имиграција мора да соработуваме со Северна Македонија, која исто така е и сосед на Грција“, напоменувајќи дека лани 41.000 мигранти поминале низ земјава.

Вицепремиерот Димитров, од своја страна, се заблагодари за гласната, принципиелна, пријателска и континуирана поддршка од Виена за европската иднина на целиот Балкан, како и за соработката и поддршката во поглед на ковид-19, врз основа на принципот на солидарност како обединувачка европска вредност.

„Нашиот пак кон ЕУ е посебно трнлив. Нашиот заеднички пријател и Ваш колега со кого ќе се видам после оваа прес-конференција, министерот Шаленберг, еднаш во Скопје кажа: ‘Тоа е како Тур д’Франс: има многу етапи, и патот е долг, но не треба да има дилеми кој треба да стои на почетокот на трката‘ и затоа и денес со Каролине согласивме дека стартот на овој маратон и трката по европските начела и стандарди, веќе не смее повеќе да се одложува“, изјави Димитров.

Тој кажа дека како 16 години земја-кандидат и 20 години во процесот на стабилизација и асоцијација, навистина е време да го почнеме пристапниот процес.

„Како нација направивме многу, но зеленото светло од март минатата година почна да трепка со последниот предизвик со нашиот источен сосед. Ќе биде многу важно за нашите македонски граѓани, но и за граѓаните од целиот Балкан, за да можат да веруваат на зборовите од Европа и одлуките на Европскиот совет, да видат реално поместување напред во оваа календарска година и ние ќе направиме сѐ што можеме тоа да го обезбедиме и работејќи на решение на билатерални прашања, но мислам дека не смееме да дозволиме пристапниот процес да стане заложник на билатерални прашања посебно кога тие прашања не се на линија со европските вредности“, рече Димитров.

Тој денеска во Виена треба да има средба и со министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг.

 

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе