Проблеми во коалицијата

Една изборна единица нова тема за несогласувања меѓу СДСМ и ДУИ

Амандманите на ДУИ на Изборниот законик, 5.000 на број, се нова тема за конфронтација меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ. Бројот на амандманите кои партијата на Али Ахмети ги предложи во однос на измените на Изборниот законик, против воведувањето на една изборна единица, претставува сериозна пречка за спроведување на изборната програма на СДСМ. И опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 1.300 амандмани за измените во законот кои се однесуваат на промена на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи на пратеници и општински советници.

Сепак, премиерот Зоран Заев не се откажува од промени во избирачкиот процес со една изборна единица.

„Ние ветивме една изборна единица и ќе се бориме до крај. Амандманската расправа можат да ја користат како деловничко право и секако тоа е нивно право. Но, ние ќе опстоиме, јас повикав во Парламентот да се преброиме, да видиме колку од претставниците на граѓаните изразени преку мандати се за промена на изборниот модел и секако тука ќе изгласа Парламентот“, изјави денеска Заев коментирајќи ги поднесените пет илјади амандмани за Изборниот законик од страна на ДУИ.

Пратеничката група на ДУИ поднесе речиси 5.000 амандмани на предлог – измените на Изборниот законик, затоа што смета дека процес на еднонасочно, еднострано менување на правилата на игра пред да започнат изборните процеси е опасен преседан со кој би се соочило ова Собрание и политичката сцена во нашата држава, изјави денеска пратеникот на оваа партија, Артан Груби.

„Сметаме дека тие правила на игра за сите политички партии мора да се донесат консензуално во согласност со сите политички партии“, рече Груби на денешната прес-конференција.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ДУИ е за менување на изборниот модел, Груби рече дека партијата е за разговори, информирајќи оти за утре министерката за правда Рената Дескоска свикала состанок на сите парламентарни, но и вонпарламентарни партии и на претставници на цивилното општество и на други институции, на кои ќе се разговара за изнаоѓање најдобар можен изборен модел и Изборен законик.

Овие решенија, како што рече, би требало да бидат консензуално срочени во предлог-закон и усвоени од сите затоа што тие правила на игра се однесуваат на сите.

Според него, не би требало да се прават опасни преседани со партиски калкулации само за следните избори од која било страна, затоа што со тоа се отвора Пандорината кутија и нема да се знаат последиците.

Прашан за големиот број амандмани поднесени од ДУИ за Изборниот законик, Костадин Костадинов, портпаролот на СДСМ ги повика сите политички партии и политичари да размислат и сите да се вложат во, како што рече, име на демократијата и демократизацијата на изборните процеси во државата кои ги бараат граѓаните.

„Апелираме амандманите да се повлечат. Да влеземе во суштинска дебата и конечно да го промениме Изборниот модел за кој се залагаме сите во изминативе години“, посочи Костадинов.

Тој го повика и нивниот коалициски партнер – ДУИ да размисли, да го преиспита чекорот и да ги повлече амандманите до почеток на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и да има суштинска дебата.

„Со промена на изборниот модел сите добиваме, пред сѐ граѓаните, затоа треба сите да се ставиме во функција на граѓаните“, смета Костадинов. 

За жал во овие тешки времиња некои политичари се занимаваат и со вируски патриотизам: на корона не сме се обратиле мултилингвално.

повеќе

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе