Изборен роковник

Единствената листа на кандидати треба да се објави до полноќ

Најдоцна до вечер на полноќ треба да биде објавена Единствената листа на кандидати за локалните избори откако Државната изборна комисија (ДИК) претходно го утврди редоследот на учесниците на изборите на гласачкото ливче. 

Утврдените листи на кандидат/и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се објавуваат покрај на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на службениот јазик и писмо што го употребуваат граѓаните во таа општина.

Општините, Град Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни локациите кои се нудат за политичко рекламирање да ги распоредат согласно критериумите од член 78-а став 3 од Изборниот законик, по пат на жрепка. Жрепката ја спроведува ДИК, најдоцна до денеска.

Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден завчера на седница на ДИК, а поради актуелната ситуација со ковид-19, не беа присутни претставниците од политичките партии, коалициите и групите избирачи.

Партиите настапуваат самостојно или во коалиции во зависност од општините и постигнатите меѓусебни договори. Од поголемите партии, на гласачкото ливче ДУИ е под број 3, Алијанса за Албанците под број 5, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија" под број 7, СДСМ под број 9, Алтернатива под број 10, Демократската партија на Албанците под број 11, БЕСА под број 16.... На листата се наоѓаат и помали партии, коалиции, а има и голем дел независни кандидати.

Првпат годинава на денот на изборите ќе бидат применети терминали за отчитување на отпечаток од прст на гласачите за што од страна на претставници од германската фирма „Дермалог” се спроведува едукација на членовите на избирачките одбори. Првите терминали веќе се пристигнати во земјава, а до 1 октомври треба да пристигнат и останатите.

Се уште трае и рокот за поднесување на барања за набљудување на изборите. Сите заинтересирани може да аплицираат до 6 октомври. Избирачкиот список во којшто граѓаните имаа можност да извршат увид, согласно Роковникот на ДИК, треба да биде заклучен утре, на 24 септември, а една недела подоцна, на 1 октомври да биде потпишан.

Додека во ДИК течат подготовките за претстојните избори, од понеделник партиите ја почнуваат изборната кампања која ќе трае до 15 октомври. Во овој период тие пред граѓаните ќе ја претстават својата изборна програма за следните четири години.

Изборите ќе се одржат на 17 октомври во недела. Ден пред одржувањето на изборите, ќе гласаат старите и изнемоштени лица и затворениците, како и лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на ковид-19 и оние кои се во самоизолација.

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе