четврток, 18 април 2024
Елени Стаматуку

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Како „дипфејкс“ може да предизвикаат политичка несигурност

Земјотресот во Турција во 2022 година ја мобилизира грчката држава со цел испраќање спасувачи и хуманитарна помош во разурнатиот регион. Не е првпат двата стари непријатели да се солидаризираат еден со друг. Една дипфејк слика создадена во чест на грчките спасувачи, сепак, создаде и позитивен и негативен бум на грчките социјални мрежи.

Кога земјотресот со јачина од 7,8 степени ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари 2022 година, грчката влада испрати спасувачки тимови на теренот, додека граѓаните собраа лекови, облека, постелнина, храна и други неопходни работи за хуманитарна помош.

„Земјотрес дипломатија“, овој термин се користи за да се опише феноменот на добри дипломатски односи меѓу Грција и Турција, кој започна во 1999 година по земјотресот во кој загинаа повеќе од 17.000 луѓе во Турција. Грчките спасувачи се обидуваа да бараат преживеани. Неколку дена подоцна, Турција возврати кога земјотрес со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала се случи непосредно пред Атина, при што загинаа 143 лица.

Фотографиите од грчките спасувачи кои работат на теренот кружеа на грчките социјални мрежи со пораки за поддршка и солидарност од обичните граѓани. Покрај нив, слика генерирана со вештачка интелигенција на која е прикажан грчки спасувач кој држи турско дете, објавена од Грк на неговиот личен профил на Фејсбук, предизвика позитивен и негативен бум на социјалните мрежи.

Природните катастрофи во случајот со Грција и Турција може да ги обединат двете земји, но какво е влијанието на дипфејк-от, дури и да се создаде за добра цел?

Вештачката интелигенција и лажните вести

Земјотресот, кој се случи во југоисточна Турција и соседна Сирија, остави зад себе 44.000 мртви, а десетици илјади други без покрив над главата. Владата предводена од Кирјакос Мицотакис за неколку часа испрати елитни тимови за пребарување на грчката Специјална единица за одговор при катастрофи, ЕМАК и Националниот центар за итна помош, ЕКАБ.

Грчката влада соопшти дека на теренот во Турција имало 36 лица, меѓу кои лекари и пожарникари специјализирани за спасување под урнатини, како и три кучиња спасувачи и три специјални спасувачки возила. Покрај тоа, им се придружија и волонтери кои работеа под турската управа за менаџирање со катастрофи и вонредни состојби, АФАД.

Во тешките времиња, двата стари непријатели Грција и Турција знаат да се солидаризираат и да застанат еден со друг. Социјалните мрежи во Грција беа преплавени со изрази на солидарност и информации за тоа како да се донира хуманитарна помош. Грчките наслови, некогаш преполни со страв од конфликт, сега зборуваат за „бран на солидарност“ и „благодарност на Турците на социјалните мрежи за помошта од Грција“, објави Балкан Инсајт (Balkan Insight).

Грк на својата лична страница на Фејсбук објави слика генерирана со вештачка интелигенција на која е прикажан грчки спасувач со грчкото знаме на шлемот, како со љубов држи дете со турско знаме на маицата. Сликата, иако лажна, се сметаше за реална и стана вирална на социјалните мрежи во Грција.

Грчкиот медиум LIFO објави дека сликата е направена од Photoshop и Midjourney, генеративна програма и услуга за вештачка интелигенција создадена од независната истражувачка лабораторија Midjourney со седиште во Сан Франциско.

Грчката АФП за проверка на фактите, го идентификува творецот на сликата како пензиониран генерал на грчката противпожарна служба. Во својата објава на Фејсбук, тој објаснува дека го направил во чест на своите колеги кои даваат се од себе за да ги спасат погодените од земјотресите во Турција, додавајќи го на сликата и изразот „Тука сум за тебе“ преведен на грчки и на турски јазик.

Сепак, во Грција, корисниците на социјалните мрежи напишаа дека ова е пример за моралната супериорност на Грците кон турскиот „непријател“, а додадоа дека треба да биде номинирана за „фотографија“ на годината. Надвор од државата, дури и поп кралицата Мадона, на својот Инстаграм ја објави сликата во која пишува дека луѓето претрпеле големи загуби и пустош и повика на донации.

Дипфејк-овите и политичката нестабилност

Дипфејк-овите (Deepfakes), според англискиот речник на Оксфорд се кој било од различни медиуми, пр. видео, кое е дигитално манипулирано за убедливо да се замени сличноста на една личност со друга, честопати злонамерно се користи за да се прикаже некој како прави нешто што тој или таа не го направил.

На грчкиот Инстаграм има две сметки, “Athens_Surreal” во кои се објавуваат надреални слики од Атина генерирани од вештачка интелигенција и/или слики генерирани од луѓе и “DEEPFAKEgr”, каде се објавуваат дипфејк смешни видеа главно од политички личности како грчкиот премиер и новиот претседател на СИРИЗА Стефанос Каселакис.

Двете сметки наведуваат дека нивната содржина е исклучиво креирана од платформи за вештачка интелигенција. Креаторот на спорната слика со вештачка интелигенција со грчкиот спасител го стори истото; на својата објава напиша дека „фотографијата“ е лажна; сепак корисниците на социјалните мрежи во Грција и во странство веруваа дека фотографијата е реална.

Гледајќи ги боите, дизајнот „Марвел универзум“, турското знаме на детската маица, грчкото знаме на шлемот на спасувачот и знакот на креаторот на десната страна на сликата, лесно може да се воочи дека се работи за лажна слика. Освен тоа, пренесува AFP, на почетокот спасувачот бил прикажан со шест прсти, кои на 8 февруари станале 5 според историјата на ажурирање на Facebook. Со оглед на сето ова, останува истото прашање: Што беше тоа што наведе толку многумина да веруваат дека станува збор за вистинска фотографија?

Брзината со која се шират вестите, секојдневниот проток на голем број на информации, моќта на социјалните медиуми и слабеењето на традиционалните медиуми за вести во комбинација со улогата на вештачката интелигенција, која е тука да остане и да ни го направи животот полесен и потежок во исто време, отсуството на регулаторна рамка, медиумската неписменост сето ова и многу други се некои од причините поради кои граѓаните се наведуваат да веруваат дека креираната содржина генерирана од вештачка интелигенција е реална.

Во овој случај, сликата не беше создадена со никаква злонамерна цел, таа беше создадена во чест на грчките спасувачи и да се покаже поддршката на Грција за Турција. Но, што ќе се случи ако еден дипфејк стане вирален за намерно да предизвика нестабилност во односите меѓу двете земји? Тоа може да предизвика дипломатски инцидент или дури и потенцијален конфликт со можеби жртви, итн.

Опасноста од ширење лажни вести со користење на алгоритми со вештачка интелигенција за производство на текст или реални фотографии или видеа е веќе реалност. Некои би можеле да ја искористат вештачката интелигенција за да промовираат пропаганда и да предизвикаат политичка нестабилност.

Грчката влада, по случајот со наводната смрт на 5-годишното девојче од Сирија на грчко-турската граница во 2022 година, одлучи да развие платформа каде, со помош на вештачката интелигенција, ќе се следат и ќе се спротивстават меѓународните кампањи за дезинформации против Грција.

Германскиот неделник „Шпигел“ во декември 2022 година објави напис во кој се известува дека направил грешки во врска со наводната смрт на детето заглавено со други баратели на азил на мало островче среде реката Еврос.

Шпигел објави дека наводната смрт на детето би била спречена доколку грчката држава постапила навремено, бидејќи детето било заглавено на грчката страна на границата. Грчкиот министер за миграција и азил ги демантираше изданијата и побара од уредниците да ги повлечат. Шпигел, ги повлече трите извештаи и подкастот, додека германскиот Народен правобранител утврди дека извештаите биле погрешни.

Сепак, дипфејк-овите можат да влијаат и на изборниот процес.

Агенцијата за безбедност на Европската унија, ЕНИСА нагласи дека изборите во ЕУ во јуни 2024 година се изложени на ризик поради порастот на манипулациите со информациите овозможени со вештачка интелигенција.

„Дипфејк содржините и другите такви технологии можат да ја оствараат целта преку реални и насочени социјални инженерски напади. Треба да бидеме предупредени за потенцијалната злоупотреба на чет-ботови напојувани со вештачка интелигенција во обиди за фишинг, манипулација со информации и сајбер криминал“, велат од ЕНИСА.

Во Грција, новинарите, како и медиумите, мали и големи, мора да преземат мерки за справување со овој вид дезинформации од поновите технологии. Најдобар начин е да се запознаете со овие платформи, да научите како правилно да ги користите за истражување итн. и да ги информирате читателите. Демонизацијата на технологијата, паниката и одбивањето да се користи нешто ново води само кон регрес. Технологијата отсекогаш постоела во животот на човекот, треба да научиме да ја користиме правилно и етички.

Елени Стаматуку

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Граѓани без портмоне!

Марјана Дода

Македонија како бојно поле на политичките интереси на премиерите Рама и...

Мирко Стојановски

Културни војни: Мишко и Брега

Фестим Ризанај

Вештачка интелигенција: помеѓу информациите и дезинформациите

Ристо Цицонков

Гасификација на Македонија – дали е веќе доцна? (1)

Рајко Пеколски

Семантичка коректност

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ