Интервју

Џевдет Хајредини: Нема излез од политичката криза без да се реши проблемот со ДУИ

Зоран Заев сега не само што ја плаќа цената за направените компромиси, туку беше принуден до огромна мера да прави отстапки и попуштања за да ја одржи власта со ДУИ и нејзините кадри, вели политичкиот аналитичар и поранешен министер за финансии Џевдет Хајредини во интервју за МКД.мк. Предвидува дека нѐ чекаат и економска и енергетска криза, пред сѐ поради долгорочното занемарување и долгорочната незрелост да се проектира развојот на една држава.

Што се случува, според Вас, сега во Македонија?

Сега се случуваат толку многу настани, временски густо распоредени, што не може човек да направи ранг-листа што е поважно од настаните. Но познато е во историјата кога вака се трупаат настани што создаваат една општа политичка криза, законитоста е дека расплетот може да отвори пат за некој подолготраен мир. Се гледаше дека половичните обиди да се решат одделни проблеми со кои се соочува Македонија не даваат резултати. Компромисите дека со делумни решенија дека некој ќе се спаси и дека оваа општа борба и страв, односно желбата да се дојде на власт и стравот да се напушти власта, доведоа до тоа сега за кратко време да се решаваат многу прашања, што е практично невозможно. Затоа народот секој ден се прашува што ќе биде. Дојдовме во ситуација статус кво, кога е невозможно да продолжи оваа состојба што ја имаме сега, не се гледа излез од наредните чекори ни на опозицијата ни на власта, не се гледа ни решение ни враќање назад. Ние што паметиме подолго знаеме дека други држави доаѓале во разни кризни ситуации, но во оваа ситуација во која дојде Македонија нема исти, има слични допирни точки, но иста комбинација на проблемите кај другите земји нема. Од друга страна, сите очекуваат, но за жал, не толку одлучните чекори на надворешниот фактор, не даваат резултати.

Што е тоа што ја прави ситуацијата во Македонија различна од другите земји?

Она што ја прави Македонија различна од другите земји е фактот што излегуваат на површина прашања како на пример со Бугарија. Сто години имаме сознанија дека кај нив постои таа аспирација или да ја приклучат Македонија или да направат од неа втора бугарска држава. Бугарија сега, во сплет на околности, дојде до тоа да го користи моментот и правото на вето во ЕУ. Знаете, во почетокот на векот светот ја третираше Турција како пациент на Босфорот, сега дојде Македонија да биде пациент на Балканот, а Западен Балкан пациент на Европа.

Како дојдовме до оваа политичка криза сега?

Повод беа настаните во ЕУ, но велам само повод, не причина. За главната причина ќе се вратам малку назад. Во 2015 се случи објавувањето на снимките, а таков настан во друга земја немало, барем не така драматичен. Потоа констелацијата и односот на политичките субјекти во Македонија беше таков што иако тие случувања беа чекор напред во смисла на паѓање на режимот на Груевски, се отвори врата за една многу невообичаена практика. Позитивно беше што се реши проблемот со Грција и земјата влезе во НАТО, но за тоа да го направиме, Заев беше принуден да прави такви компромиси внатре, па не се расчисти главниот проблем. Да, падна Груевски, влеговме во НАТО, ама се откри дека во Македонија сѐ било гнило. Работната група на Прибе јасно констатира дека Македонија е заробена држава и влезена во многу тешка кризна ситуација. Така е поради очигледна директна вмешаност на високи државни и партиски функционери во нелегални активности, вклучително и изборни измами, корупција, злоупотреба на овластување, конфликт на интереси, уцени, изнудувања, притисок врз вработените во јавниот сектор да гласаат за одредена партија со закана за нивно отпуштање, прекршувања на процедури за јавни набавки, непотизам и протекции, политичко мешање во назначување на судии. Проблемот е што сето ова продолжи и сега, денеска.

Само со друга партија…

Да, со друга партија на власт. И сега Македонија се соочува со нерешени прашања, сѐ поради еден чекор што, колку што беше макијавелистички, толку беше и неопходен, кога повеќе пратеници од ВМРО гласаа за да помине уставот.

Ја плаќа ли сега Заев цената за тие компромиси?

Не само што ја плаќа, туку беше принуден до огромна мера да прави отстапки и попуштања за да ја одржи власта со ДУИ и нејзините кадри. Да најдеше сила ДУИ во 2016 да ги исчисти своите хулигани, може немаше да биде принуден на тоа. Заев навистина беше заложник на таква ситуација, ама претера, не мораше до таа мера да попушти. Изолирано гледано, можеби неговиот чин е морален чин. Ќе влезе во историјата бидејќи најде смелост да ги направи чекорите за НАТО, нема дилеми дека е определен за Европа и дека морално настапи што се повлече. Ама, се повлече зашто немаше каде.

Вака како што говорите, се чини дека ДУИ ја диктира целата политика, бидејќи е 20 години во власта?

Ама тоа не дека само се чини. Заев, а пред него Груевски, на ДУИ ѝ плаќаа пари од Буџетот, спротивно на каков било закон. Имено, обајцата му ги обезбедуваа гласовите на Али Ахмети плаќајќи им ги на гласачите на ДУИ пари од буџетот без да одат на работа. Тоа не морале да го прават.

Мислите дека имало уцени?

Па да. Како дозволи Заев Артан Груби да му се однесува така? Според мене, да сум Македонец, со право би рекол, како е можно ние да паднеме толку ниско и тој да го уценува нашиот премиер и да се прави поголем од него. Од друга страна, пак, кај најпримитивниот слој Албанци, кој не е баш мал, велат овој е јунак, гледај што им прави на Македонците. И Заев дозволи ова да трае, оваа нивна валкана игра. Да му рече да прифати без нигде да е напишано, да го викаме прв вицепремиер?!

Потоа да го прати Законот за јазиците пред Венециската комисија да го брани хирург. Или да го направи Бујар Османи координатор за изградба на автопати, а автопатите нигде ги нема. Или да дозволи да се чатали Ахмети пред Албанците дека може да има министер за надворешни работи во време кога Македонија се бори за решавање на чисто национални македонски проблеми, македонски јазик, идентитет. Повторно поради уцена од Ахмети го намести на тоа место Бујар Османи. Не постои ниеден Албанец во Македонија што има солидни познавања за тој проблем, ниту пак ги интересира, зашто не го чувствуваат како свој проблем. А Бугарите јавно го фалат.

Заев тоа го дозволи.

Одржлива ли е коалицијата во парламентот меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алијанса и Алтернатива?

Многу е актуелно тоа прашање, но ова е краткорочно решение и беше донесено за да се изборат за нови избори. Мислам дека Алијанса сакаше по изборите да влезе во Владата, но Заев пак му удоволи, му попушти на Ахмети, а тој категорично не сакаше друг освен него да учествува во власта. Беса влегоа бидејќи беа на заедничка листа со СДСМ и така добија 4 пратеници, а тука Ахмети не можеше да поставува услови.

Се согласувате ли дека партискиот клиентелизам, не само сега, доведе државните служби да се претворат во резервати на партиски кадри, мал дел работат, останатите не одат на работа а земаат плата?

За таа практика со клиентелизмот треба да се преземат конкретни чекори, без оглед дали ќе има нов премиер или Заев ќе остане. Не може на Теута Арифи како градоначалничка на Тетово со 500 вработени да ѝ даваат повеќе од Куманово, Велес, Битола... Повторно ќе речам, нема излез од кризата без решавање на проблемот со ДУИ.

Значи, според вас, ДУИ е причина за криза?

Да, причина е и нема излез од кризата без да се реши тој проблем. Но сакам да кажам дека сега таму е почетокот на решението. Не комплетното решение. И ако се прави ранг-листа на приоритети, тоа е прва точка. Ако тоа не се реши, не може да се оди натаму.

Нѐ чека ли поголема економска криза, не само енергетска?

Нѐ чека. Прво економска криза зашто истите околности ги има на глобален план, па не може Македонија да биде таа што ќе го избегне. Не може да бидеме изолирани. Но еве, ќе почнеме од енергетиката, бидејќи има директно влијание на сѐ. Ако во текстилната индустрија, на пример, имаме проблеми, ќе останат без работа голем број работници, ама тоа не е голема пара бидејќи имаат мали плати. Енергетиката има друга улога секаде во светот. Ние живеевме во илузија дека енергија ќе најдеме, прво електрична, дека секогаш на пазарот ќе ја има еднаква или поевтина од нашите капацитети, ако беа во погон. Но се покажа дека тоа е голема слабост на нашите раководители повеќе од 20 години. Во Македонија до 1990 година имаше инсталирано 1.500 мегавати производствени капацитети, а од ‘90 наваму се изградени само 116 (Козјак и Света Петка). Тоа кажува сѐ. Потоа, нашите термоцентрали даваат 80 отсто од вкупниот капацитет и сила и енергија. Значи сѐ е на јаглен. Одамна се знае до кога има резерви на јаглен и во Битола и во Кичево и ќе дојде ден кога нема да има. Користењето на јагленот не било грешка, термоцентралите ја одиграле својата улога. Од друга страна, термоцентралите се прават кај рудниците зашто транспортот на јаглен е скап, со возови, па со камиони, и цената ќе дојде ѓавол и пол.

Што е сега вината на актуелните претставници на власта?

Не верувам дека не знаат, не треба тука наука. Но дрско од нивна страна е да го лажат народот дека оваа криза до Нова година нема да има раст. До Нова година има месец и пол. Потоа зборуваат дека „ова работи, она не работи“. Ниедна не работи. Од капацитетите во функција е Те-То, но тоа не е доволно, бидејќи неизвесно е и снабдувањето со нафта и гас. Ако дојде до тоа, мрак.

Но не се само актуелните претставници на власта. Во Преродбата во сто чекори и Груевски имаше список од 13 можни капацитети, кој му го направил Мицкоски, кој тогаш беше во ЕЛЕМ, ама не само што немало главен проект, туку немало ни идејни проекти. И така сите ги редат проектите 30 години.

За сегашната ситуација не се виновни само министерот Крешник Бектеши и Васко Ковачевски, туку се работи за долгорочно занемарување и долгорочна незрелост да се проектира развојот на една држава. До вчера се занесуваа на телевизија со проект за развој на Македонија до 2040 година направен со помош на странци. А не гледаат што им се случува во 2022 година. Велат ќе имаме стапка на раст, ама како ако капацитетите немаат струја?

Ако имаме енергетска криза, како ќе ги оствариме тие 4,6 отсто стапка на развој.

За економијата фалење и популизам не е потребно. За сите други области можеш да лажеш, ама тие лажат за состојбата во термоцентралите, а тоа не е за лажење, тоа не е појава што ќе се отстрани одма. Ќе трае.

Кога сме кај економијата, ќе имаме ли инфлација?

Сега за сега не, но еве како ќе дојде. Носиме закон за енергетска кризна ситуација за да трансферираме пари на компаниите ЕЛЕМ и МЕПСО. Па и без закон пренесуваш, за 2022 министерот за финансии го прашуваат дали се предвидени пари во буџетот за тоа, вели не. Па од каде тогаш пари? Ќе инвестираме, а не е предвидено да се инвестира во такви капацитети. Сме вложувале, велат, во обновливи извори, а ги нема.

И сега, наместо да се покачи цената на струјата, ти од буџетот што го плаќа народот ќе им дадеш пари на компаниите. Поинаква е само формата, суштината е иста. А не знам дали лесно ќе добиваме пари да се задолжуваме. Значи, нема ни брзо ни евтино решение. Решение за енергијата мора да се најде, не може вечно да биде вака. Ова е последица на погрешната политика, што не ѝ е посветено внимание на поддршката на домашните капацитети, бидејќи можеа да најдат релативно евтина струја во странство. Ама бидејќи не постои веќе евтина струја во странство, ова сега е скапо и долготрајно. Нѐ очекува тежок период. Кој и да се обидува ова да го крие од политички причини, на крајот ќе се соочи тоа.

Жана П.Божиновска

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе