Претседателот на Собранието Талат Џафери, нагласувајќи дека посетата на еврокомесарот ја смета за поддршка на цврстата определба на државата да остане на европскиот пат и покрај застојот со кој се соочува, изрази надеж дека заедничките напори ќе резултираат со одлука за почеток на преговорите во март или мај оваа година.
Тој подвлече дека и покрај големото разочарување од недонесувањето на одлука за старт на пристапниот процес по октомврискиот состанок на Европскиот совет, политичките чинители во земјата смогнаа сили и успеаја да останат фокусирани на стратешката цел на државата за полноправно членство во Европската унија.
„Иако причината за недобивањето на датум лежи во нерешените внатрешни прашања на самата Унија, политичките лидери на Република Северна Македонија решија да го вратат мандатот кај граѓаните и да ги повикаат да се изјаснат на предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година за понатамошниот пат на државата. Во периодот што следи, напорите ќе бидат насочени кон одржување на транспарентни, фер и демократски избори“, рече Џафери.
Комесарот Вархеји истакна дека неговата прва посета надвор од ЕУ е токму тука поради тоа што државата направила најмногу за да ги оствари своите аспирации за европска интеграција и дека на овој начин тој оддава признание на тие напори.
Тој информираше дека неговиот план е до март да се создадат можности за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија и Република Албанија и за таа цел новата методологија за процесот би била претставена до крај на месец јануари.
„Пакетот би содржел три столба и тоа методологија за целиот процес, отворање на пристапните преговори со двете држави и нов економски план за целиот регион“, рече комесарот за проширување и нагласи дека на октомврискиот самит беше направена грешка и дека новата методологија е начин таа грешка да биде исправена.