Во гостување во емисија на ТВ21 претседателот на Собранието Талат Џафери не ја исклучи можноста уште утре владејачката коалиција предводена од СДСМ и неговата ДУИ да излезат со изјава дека е зголемено парламентарното мнозинство.
Според Џафери, не е исклучена можноста пратеникот од редовите на Движењето Беса, Кастриот Реџепи, да биде дел од актуелното мнозинство, но сепак тоа, како што нагласи, е лична одлука на Реџепи.
Претседателот на Собранието на излегување од Собранието на Македонија на новинарите им изјави дека сепак, без оглед на тоа што опозицијата си замина, седницата за доверба на Владата треба да се затвори.
„Морам да ја затворам седницата која според Деловникот е отворена до 24 часот денеска. Се разбира, постојат процудури, без оглед дали пратениците де се присутни, де не се присутни. Морам да почекам до 24 часот и формално седницата да биде заклучена“, рече Џафери.
Инаку, пратеникот на Беса Реџепи, иако беше потписник на иницијативата за гласање недоверба на Владата, денеска не се појави во Собранието, а во своите две пораки преку Фејсбук, рече дека е добро и на сигурно место, дека имал закани од извесни индивидуи, но дека во своето политичко дејствување се раководи од државните интереси кои значат НАТО и европска интеграција на земјата.
Неговото отсуство од собраниската сала беше клучно опозицијата да нема 61 пратеник за да изгласа недоверба на Владата, но без него немаше ниту кворум за да се утврди дневниот ред и седницата да започне.
Партијата Беса беше во коалиција со СДСМ и дел од Владата, но реши да се приклони кон опозицијата за да се урне Владата, незадоволна од односот на ДУИ.