Џафери нема да ја свика Комисијата за избори и именувања додека не се врати соодносот власт-опозиција

Додека не се врати соодносот на власта и опозицијата во Комисијата за прашањата на изборите и именувањата претседателот на Собранието, Талат Џафери нема да свика седница на Комисијата за утврдување на предлози на четворица уставни судии, соопшти Џафери на денешниот брифинг со новинарите.

Откако Алтернатива влезе во Владата, а Беса одлучи да прејде во опозиција, во оваа Комисија мнозинство имаат опозициските партии со пратеникот на Беса, Фадил Зендели.

Според Џафери, ваквиот состав на Комисијата е во спротивност со членовите 20 и 108 на Деловникот, каде е утврдено кој го има мнозинството во работните тела и побара тој да биде доблесен и да го отстапи местото во ова работно тело.

„Зошто Зендели си даде оставка од потпретседателското место во Парламентот? Бидејќи деловникот утврдува од чии редови се потпретседателите. Така е и во Комисијата. Укажувам на секоја координација да се врати соодносот, очигледно тоа го гледаат како дневно-политичка калкулација и јас во тоа не можам да се мешам, но во крајна инстанца ја попречува функционалноста на Собранието и е спротивно на интересите на граѓаните“, рече Џафери.

Тој вели дека секако ќе го спроведе Деловникот и ќе го поврати соодносот во ова работно тело, иако не кажа дали ова значи разрешување на Зендели или пак назначување на нов член.

„Би било коректно да го направи тоа како што го направи како потпретседател на Собранието свесен дека тоа место не му припаѓа нему, како што верувам свесно знае дека тоа место не му припаѓа нему како опозиција, не како Фадил Зендели, како опозиција статусно. Статусно местото не ѝ припаѓа на Беса, а тој е пратеник на Беса во опозиција“, рече Џафери.

Работата на Комисијата, додаде тој, треба да го рефлектира мнозинството и од тој момент ќе може Комисијата да си работи во полн состав онака како што е пропорцијата на застапеноста на политичките партии.

Како што појасни Џафери, Зендели кој претходно беше и потпретседател на Собранието, по заминувањето на Беса во опозиција на 9 декември 2021 година поднесе оставка од функцијата потпретседател, затоа што, како што рече, тоа се коси со деловничкиот принцип дека од вкупниот број потпретседатели едно потпретседателско место ѝ припаѓа на најголемата опозициска партија или коалиција и неговиот статус по поминувањето во опозиција се косеше со правото на најголемата опозициска политичка партија, односно коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ да има потпретседател.

„По таа логика значи не може местото кое што го држел кога бил мнозинство да си го задржи како опозиција затоа што според пропорционалноста на застапеноста на политичките партии во работните тела тоа место не ѝ припаѓа на Беса. Тоа место е на СДСМ. Тоа го кажува Деловникот, не го кажувам јас за да бидам нечиј судија или адвокат, но прописот е тој. И од таа причина на секоја координација е укажано дека треба да се реши ова прашање за Комисијата за избори и именување за да може истата после да покрене процедура, постапка за доекипирање на другите работни тела по однос на пратениците кои заминале од Собранието како министри или како градоначалници и по однос на пратениците коишто дошле од истите листи коишто треба да се вклучат во работа на работните тела. Тоа е Деловникот којшто така го пропишува“, истакна Џафери и додаде дека за разрешување на случајот го има на располагање единствено Деловникот.

„Јас дадов време политичките партии да се вразумат, соодветна процедура да си покренат, соодветен однос и соодветна постапка. И на крајот на краиштата моја обврска и надлежност според член 60 од Деловникот е да го спроведувам Деловникот“, рече Џафери.

 

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе