Дијалог „Жан Моне“ во Охрид

Џафери: Консензуални решенија заради правилно функционирање на Парламентот и одговорно работење на пратениците

„Разговорите во рамки на процесот 'Жан Моне' се одвиваат во конструктивна, работна атмосфера, со консензуален став на учесниците за потребата од регулирање, односно дорегулирање на односите во законодавниот дом", истакна пред медиумите претседателот на Собранието Талат Џафери од Охрид, каде што се во тек разговорите на претставниците на парламентарните партии во македонското Собрание во рамки на процесот „Дијалог Жан Моне", како клучен принцип на консензус за обединет пристап кон евроатлантските интеграции за граѓаните на РМ и за институционално јакнење на Собранието како демократски столб на сите реформи, инициран од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан.

Џафери во кусата изјава за парламентарниот дијалог, што се одвива зад затворени врати, забележа дека позитивните движења во земјата резултираа со тоа разговорите да се одвиваат тука, наместо во Париз, како што беше првично предвидено. „Темите на дискусија се најавените - потребата од измени и дополнувања на Деловникот и носењето на етички кодекс, со додадени прашања на она што во други форми веќе е разговарано, а тоа е поголема самостојност и независност на Собранието. Претпладнево имавме плодна дебата по однос на Кодексот и мислам дека таа е завршена во поглед на текстот изготвен со поддршка на ЕУ. Очекувам таа да резултира со консензуално негово донесување како водилка во однос на однесувањето на пратениците во и надвор од Собранието", рече Џафери, нагласувајќи го тоа прашање од особена важност за враќањето на довербата во институцијата пратеник.

Тој ја посочи подготвеноста кај сите учесници во разговорите за потребата од усвојување таков документ, изразувајќи уверување дека присуството на сите парламентарни партии ќе придонесе во изнаоѓање консензуални решенија во насока на поставување на работите онака како што и се очекува од Парламентот. За самиот Кодекс на однесување во работата на законодавниот дом тој рече дека е новина, бидејќи досега Собранието немало таков документ. „Тој во целина е новина. Во секој случај предвидува морално-етички, а не кривично-правни аспекти, бидејќи по дефиниција пратениците за работата во Собранието не одговараат за она што ќе го кажат", рече Џафери.

Претседателот на Собранието ја изнесе оценката дека моментно климата во институцијата обезбедува консензуално работење и усогласеност меѓу политичките партии, што треба да се одржи, као што рече, не само заради важните прашања што евентуално би можело да бидат ставени на дневен ред, туку воопшто поради статусот и надлежностите што Собранието ги има.
Дијалогот во Охрид е предвидено да биде заокружен со заклучоци што ќе бидат презeнтирани на вечерата, на која е најавено присуство и на лидерите на парламентарните политички партии, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата на Албанците и од Беса Билал Касами. Пред нив е предвидено да се обрати и Сергеј Станишев, претседател на партијата Европски социјалисти.

Како вовед во дијалогот синоќа се одржа и вечера за учесниците во разговорите, за кои европратеникот Иво Вајгл рече дека се со цел во отворена атмосфера без присуство на јавноста да се разговара за сите проблеми, за кои можеби не е постигнат консензус. „Сметам дека во работна атмосфера со помош на експерти, ангажирани за оваа конференција, може да се дојде со согласност по некои прашања, за кои нема да решаваме ние, нема да се решава ниту тука ниту во центарот 'Жан Моне' во Париз, туку во Собранието на РМ. Се разбира, ќе стане збор за иднината на Македонија. Токму затоа сме тука, се ангажиравме во Пржинскиот договор, и оттаму со големо задоволство можеме да кажеме дека земјата има направено значаен чекор напред со добивањето гаранција за безусловно отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Се разбира, за тоа ќе решава Европскиот совет и можам само да кажам дека сум оптимист во тоа", изјави Вајгл.

Средбата во рамки на „Жан Моне" - процесот се смета како реализација на дел од реформите во земјата, имајќи предвид дека прашањата за конституирање на Парламентот и за пратенички прашања се дел од планот „3-6-9", а разговорите се очекува генерално да придонесат и за подобрување на политичкиот дијалог.

                                                                                                                           МИА

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе