„Невистини и манипулација“

Џафери до ВМРО-ДПМНЕ за интерпелацијата: Пред да обвинуваш некого, прво треба да се видиш во огледало

Претседателот на Парламентот, Талат Џафери преку соопштение до јавноста одговори на интерпелацијата што ја поднесе за него пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и вели дека таа содржи низа невистини низа невистини и претставува груб обид за манипулација.

„Стара вистина е дека пред да обвинуваш некого, прво треба да се погледнеш во ‘огледало‘. Да имаше малку самокритичност и објективност кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе се воздржеа од вакви неосновани напади врз мене и од креирање вакви сценарија. Затоа што фактите говорат дека и Етичкиот кодекс и законските измени со кои се овозможи независноста на собраниската администрација  се донесени во мојот мандат, дека најновиот извештај на ДЗР за работата на Собранието  е чист како солза, а дека прекршувањата на Уставот и на Деловникот беа пракса во едни минати времиња“, им порачува Џафери на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, тврдењата во интерпелацијата јасно укажуваат на намерата на подносителите без каква било основа да ги девалвираат неговите постигнувања, посебниот придонес што  го дал во изминатите пет години во подигнувањето на нивото на дијалог и демократска култура во законодавниот дом, преземајќи чекори кон јакнење на независноста на Собранието и на неговата контролна функција во однос на извршната власт – нешто што, како што вели, било речиси незамисливо во периодот кога дел од сегашните подносители на интерпелацијата биле мнозинство во парламентот.

„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, секако, се свесни дека, за дневно - политички цели, поттикнати од нивното партиско седиште, пласираат груби невистини со наводите во интерпелацијата дека ги прекршувам Уставот, законите и собранискиот Деловник.

Доволна потврда за нивните неосновани обвинувања во овој контекст се извештаите на Државниот завод за ревизија во периодот од 2008 година, заклучно со последниот Извештај за 2020 година, објавен минатата седмица, кој претставува аргумент плус за успешното и транспарентно работење и менаџирање на Собранието, во согласност со  законските прописи.

Но, тоа не е случај и со ревизорските извештаи за периодот од 2008 до 2016 година, во кои се констатирани многу слабости, нормативни прекршувања и има повеќе забелешки за тогашното раководење  и менаџирање на Собранието“, пишува Џафери.

Во врска со наводите дека го прекршил Деловникот со тоа што побарал да се затворат вратите на пленарната сала за да се пребројат присутните пратеници, додава дека на сите упатени во случувањата во Собранието во последните неколку години, веројатно им е многу јасно дека станува збор за чисто лицемерство.

„Односно, мошне јасна е намерата на опозицијата, која сите овие години ја опструира работата на законодавниот дом и оневозможува донесување на битни закони за граѓаните, и овој пат да создаде лажна претстава во јавноста дека јас постапувам спротивно на Деловникот.

Токму Деловникот ги демантира нелогичните обвинувања дека сум сторил нешто надвор  од моите надлежности. Според членот 95 од Деловникот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Утврдениот број на присутни пратеници се смета за точен сè додека претседателот или еден пратеник, чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, не побара повторно да се утврди бројот на присутните пратеници. Според тоа, вечерта на 25 мај, вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Всушност, во Деловникот е предвидена можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Поточно, членот 97 од Деловникот предвидува дека за време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното изјаснување, така што јасно е дека единствената намера на опозицијата, во овој случај беше да приредат евтина претстава пред јавноста“, објаснува Џафери.

Што се однесува до обвинувањата за прекршување на Кодексот, тој не сака да навлегува во „сценариото на пратеничката група на опозициската коалиција, која се обиде да создаде тензична атмосфера во салата на продолжението на 71.пленарна седница, со очигледна намера да предизвика инцидент, за што сведочи и однесувањето на координаторот на Пратеничката група, кој недозволиво навлезе во просторот определен за претседавачот со седницата“.

„Делумна вистина е и тоа дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, во еден период, откако не успеаја во своите задни намери на 27 април 2017 година, не присуствуваа на координациите кај мене, иако секогаш беа уредно поканети. Затоа пак, апсолутна вистина е дека координаторот и пратениците од оваа пратеничка група, и покрај неприсуството на координациите, како нивен политички маневар пред јавноста, во тој период, практично, не излегуваа од мојот кабинет, каде што доаѓаа дури и за лични потреби и барања.

 Од тој аспект, воопшто не држат вода наводите за мое несоработување со координаторите на сите пратенички групи, вклучително и со тие од опозицијата. Записниците од координациите, на пример, ги побиваат наводите во интерпелацијата дека јас го оневозможувам разгледувањето на интерпелациите за носители на јавни функции“, вели Џафери во одговорот на интерпелацијата.

 

Безбедноста, енергијата и миграцијата се три приоритети со најголема важност за британските граѓани, така што тие се на и на самиот врв на мојата агенда. Затоа патувам за Прага на средбата со европските лидери.

повеќе

Камбаните бијат поради нашата некадарна дипломатија, која е професионално  одговорна за дебаклот со Договорот со Бугарија, а пред тоа за Преспанскиот договор.

повеќе

На 6 октомври 1946 година почна носењето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, столицата на слободна Македонија.

повеќе