РЕПОРТАЖА

Два историски музеја лево од Вардар - два музејски света, раскош наспроти ерозија! (ФОТО)

Општоприфатена дејност на музејските установи е да се грижат за фондот од предмети од научно, уметничко или историско значење и да ѝ ги ставаат на располагање на јавноста во витрини или други поставки. Тоа го прават и Музејот на Македонија, и поновиот Музеј на македонската борба. Чуваат збирки од национални предмети. И двата се прогласени за објекти од културно наследство. Но кога ќе прошетате низ нив, добивате различни чувства за нивното одржување, приоретизирање и третманот од одговорните институции. 

Авторот на текстов во домашен музеј во Скопје не стапнал со години. Не се гордее со тоа. Оттука и идејата да ги посетам двата музеи, во ист ден, буквално како турист што пропатувал со апаратот преку Камени мост до Чаршија, а потоа да пробам да направам некаква споредба и прибелешки за двата објекти.

Можеби е неблагородно да се дава целосна слика за двете национални установи преточени во еден текст, но некои искуства мора да бидат забележани, подвлечени, па да отвориме платформа за дискусија за нивното значење и третман.

Прв на агендата е Музејот на македонската борба за државност и самостојност. Познат е и како Музејот на ВМРО. Тој постои скоро пет години. Поставен е на левиот брег од реката Вардар, над сега веќе непостојна плажа „Камени мост“. Отворен е на 8 септември 2011 година, за одбележување на 20-годишнината од прогласувањето независност на Македонија.

Низ јавноста музејот присобра различни реакции. Особено што стана доминантен дел од проектот „Скопје 2014“. Дополнително, надворешно е облечен во „барокна“ наметка, а како неговата неофицијална вредност се споменуваа 12 милиони евра, иако според базата на податоци од БИРН (со сите договори) се накачи на 17 милиони евра. Исто така, се дискутираше и за потребата за ваков музеј, особено што во близина веќе постојат музеи со историски фондови.

Сместен е меѓу Театарот и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите. Пред музејот ме пречека црвен туристички автобус. Подолу и полициски џип. На самиот влез до црешовите топчиња, пак, седеа тројца мажи, додека истовремено низ вратата поминуваа млади луѓе облечени во античка, средновековна и комитска облека. Тоа е т.н. „Туристичка стража“, ангажирана да ги анимира и да ги информира туристите на плоштадите „Македонија“ и „Карпошово востание“ (сега антиквизиран како „Филип Втори“).

Воведниот свечен хол е со вкупна површина од 305 квадратни метри. Доста е висок. Опремен е со современа климатизација, изолација, со лифт, мермерни подови и скали, противпожарен систем... Сето „свети“ во фоајето. Не се штедело на луксуз. Има пари за чување и чистење. Од лево и десно се два информативни пулта, рецепции, а на центарот во витрина се наоѓа Декларацијата за независност, поставена над мермерно стилизирано сонце со зраци на бесконечност. На врвот од холот, пак, има витраж направен од 14 илјади парчиња стакло со техника „тифани“ и сите бои на Македонија.

Главните скали за посетителите водат кон втори кат, кон восочни фигури од низа светски историски ликови, а со животен век низ 19 и 20 столетие. Тука ќе ги видите Абдул Ахмед Втори и првиот руски премиер Владимир Ленин. Потоа, основачот на Албанската православна црква Фан Ноли, српскиот социјалистички политичар, новинар и професор Коста Новаковиќ, може да се забележи и фигура на Георги Димитров, Вудроу Вилсон, Маркос Вафијадис, па сè до Баба Ванѓа, Цар Борис Втори и Винстон Черчил. Ако на некој му паднат во очи мустаќите и лулето на Јосиф Сталин, друг сигурно ќе помисли дека Бенито Мусолини и Адолф Хитлер се караат со размавтани раце. Всушност, си даваат нацистички поздрав.

Ова е единствениот музејски простор каде што е дозволена направа за фотографирање. За главната поставка се потребни активно слушање и фотографска меморија.

Презентацијата таму е храна за сетилата. Впечатливо патување низ временски тунел, низ активна поставка меѓу личности и настани. Се работи за една визуелна изложбена претстава, каде што безгласните восочни фигури ја играат главната улога во просториите согласно со периодот, а сите околни придушени светла, сенките, десетиците запазени детали и историските предмети имаат својство на обликувачи на траорно-носталгичен амбиентум и субјективна лирика. Сето тоа е во постојан контакт со зборовите и информациите со кои ве „храни“ водичот. Понекаде се чувствува и мазохостичката потреба на идејниот творец на музејот - да се пренагласат македонските личности како вечни страдалници и вечни борци за територијална, но и духовна слобода. Водичот вели дека таа борба трае и денес.

Директорот на музејот, Бранислав Светозаревиќ, во една прилика рече дека музејот не покажува само победници и јунаци, туку и „оние што на некој начин биле против каузата и делото“. „Има и лево и десноориентирани. Сите тие имале идеја за Македонија. Има и внатрешни и надворешни фактори, а сè со цел да се дојде до една вистинска слика зошто Македонија е ваква каква што е денес“, рече Светозаревиќ.

Технички гледано, во музејската постава се презентирани 109 восочни фигури и 16 уметнички слики-портрети на познати македонски дејци, револуционери и интелектуалци. Исто така, 80 уметнички слики-масовни сцени од настани од македонското минато, а исто така има и макети, карти, оригинални предмети (документи, фотографии, весници, брошури, албуми). Поставени се и разни оружја, сабји, кубури, бајонети, револвери, пушки, двогледи...

Музејската поставка опфаќа 13 одделенија. Има посебни тематски целини, хронолошки подредени, во кои е прикажана и историјата на Македонската револуционерна организација со разни карактеристики и активности.

Во првиот дел од поставката се прикажани ајдутството, реформите во Османлиското Царство, Разловечкото и Кресненското востание, па сè до периодот на двете војни и Народноослободителната борба. Во вториот дел, идејниот творец чувствувал потреба за посебна опсежна детална поставка, преку која сакал да вгради и да нагласи поднаслов за посетителите, односно Музеј за жртвите на комунизмот, со сцени од Голи Оток, со експлицитни начини за мачење...

Во целата оваа приказна, од почетокот на поставката, меѓу другото, ќе ја сретнете четата на војводата Илија Марков Малешевски. Има фигура од Димитар Поп Георгиев-Беровски. Тука е Гоце Делчев, кој е окарактеризиран како татко на нацијата, потоа Никола Карев, претставено е и убиството на Даме Груев, фигури од Јане Сандански, Тодор Александров, од Ќосето, основачкиот конгрес на ВМРО, фигури на Методија Шаторов Шарло и Павел Шатев... сè до Драган Богдановски и Ристо Шишков. Турата со водич-презентер трае околу час и половина.

Сето е „изгланцано“ со детали. Вложено многу средства, а ангажирано е и обезбедување, рецепционери, атрактивни водачки низ презентацијата. Конгресната сала се користи и за разни собири. Понекогаш се чува како „тврдина“ – на новинарите кордон полицајци во 2013 не им дозволи мирен протест пред објектот, со цел да искажат револт за пресудата за новинарот Томислав Кежаровски. Аргументот на управата на Музејот беше дека протестот се користи за дневнополитички цели, на празникот 23 октомври, па побараа да се одржат собирите „пред партиите и другите соодветни институции“.

Што се случува истовремено со Музејот на Македонија?

Тој е сместен под Кале, на крајот од Старата скопска чаршија, кај Куршумли ан.

Дотаму човек не може да отиде а да пропушти да го впие духот на Чаршијата. Тоа важи и ако сте стар скопјанец, и ако сте турист од Пекинг. Чаршијата сè уште е сертификат на традицијата, колку и да звучи тоа субјективно и носталгично... Независно дали ќе верувате во фрескиното чудо од црквата „Св. Димитрија“, дали Мустафапашината е најстарата џамија, дали Даутпашиниот амам кон крајот на 19 век бил складиште за нафта, дали јорганџиите некогаш имале цела своја улица, или, пак, дали Медлин Олбрајт чува брош-пеперутка од златарот Џељо, сигурно ќе верувате во магијата на Чаршијата. Некогашниот трговски синоним на Скопје е стар повеќе од седум века. Таа е најголем зачуван комплекс од ваков тип северно од Истанбул.

Чаршијата има посебен шарм. Туристите тоа го знаат. Но не се знае колку од нив го знаат Музејот на Македонија, кој претставува установа составена од етнолошки и историски оддел. Се чини Музејот живее затскриен зад пулсот на новите генерации трговци, угостители и занаетчии.

Во негов склоп беше и постојната археолошка збирка, но таа неодамна се пресели во новиот Археолошки музеј, крај Вардар, кој стана дел од „Скопје 2014“.

Историски гледано, првиот Археолошки музеј е формиран во 1924 година, а во 1945 е востановен Народниот музеј на Република Македонија. Музејските збирки биле сместени во Куршумли ан, во зградата на „Метропол“ (плоштад „Македонија“) и во една зграда на тврдината Кале, која била урната во земјотресот во 1963 година. Во 1949 година посебните одделенија се трансформираат во Археолошки музеј и Етнолошки Музеј на Македонија. Историскиот оддел, пак, датира од 1952 година, кога е формиран Музејот на НОБ. Целиот музејски комплекс е изграден во 1976, на површина од 9.560 квадрати. Во него се чувствуваат модернистички белези.

Овие бројки и датуми само дополнително говорат за сите временски, културни и политички премрежиња што се впиени во историјатот на збирките на Музејот.

Патот до него е покрај локалчето „Куршумли ан“, каде што сега луѓе на маси играа карти. На целиот простор се забележуваат испукан под и обраснати делови. Распукани и испокршени се и скалите што водат до главните влезови. Некаде ѕирка по некој графит. Многумина би посакале освежување на просторот, реставрација на ликот. За разлика од Музејот на македонската борба, овде времето како да е запрено. Тивко и мирно. Различна димензија. Нема современи зафати, нема луксуз, нема костумосани и дотерани ликови. Нема интензивна туристичко-маркетиншка кампања. Нема фама. Само по некој турист или студент за да види музеј. И да заплива во информации за историски пронајдоци и конзервирани предмети. Толку.

На мое лично задоволство, исто како и музејот покрај Вардар, и тука има место за оставање велосипеди. И тука културно ме дочека обезбедување, а кустосот ме упати до постојната музејска поставка во историскиот оддел.

Во Галеријата на икони се изложени најзначајните икони, иконостаси и 
фрескоживопис од повизантискиот период и од периодот на преродбата. Иконите се заштитени со аларм. Ќе се вклучи ако не се држиш на дистанца од 40 сантиметри. Овде нема изразена климатизација и хајтек-системи како во Музејот крај Вардар, но не е до толку топло за избегаш пред да ги видиш ликовите на св. Никола, св. Димитрија, иконата на Богородица Одигитрија, оплакувањето на Христос, иконостасен крст...

На подот во ходниците е распространет тепих. Со време, некаде влажноста создала големи кругови - дамки. На едно место се забележува и „дупка“ на таванот. Фали еден дел. На друго место, пак, покрај витрините е поставено столче. До него кожен двосед, изеден од времето, со дупки од кои ѕирка сунѓер. И тука, многумина би посакале освежување на ентериерот, каде што е видливо дека установата функционира согласно можностите, трудејќи се во прв план да биде чувар на музеолошката дејност и да ги заштити вредните збирки и предмети.

Кога сме кај дејноста, основно е музејот да истражува, прибира, документира, презентира и публикува музејски материјал. А го има насекаде по витрини. Многу повеќе од музејот на борбата. Познато е дека историската поставка ја претставува духовната, културна и политичка историја од османскиот период до крајот на Втората светска војна.

 

На пример, кај Маричка битка од 1371 година ќе видите оружја и предмети од турски војник, јаничар, од кадија и спахија. На друго место е претставен грбот на Македонија од 1595 година. Се гледа запис од Кирил Пејчиновиќ од црквата Св. Ѓорѓија во Старо Нагоричане, понатаму документи и значајни личности од Кресненското востание од 1878 година...

Вклучени се и ликовите од музејот крај Вардар, но нема интерактивно музејско искуство, туку деталите се добиваат низ бројки и изворни сочувани ракописи, па потребно е темелно читање и истражување. Во превод – целодневна посета за целосен преглед и пополнување историски дупки во глава.

Единствено некако се двои просторот резервиран за македонско-американски односи низ историјата. И онаа поставка на приземјето – сведоштвата за животот на децата-бегалци од граѓанската војна во Грција. Ова е веќе нешто друго. Комплетно средено и свежо за очи. Тука владее „пожив“ пристап во изложувањето. На драматичен начин преку лични предмети, фотографии, видео записи се проникнува во најмачните сегменти низ кој минувале македонците. Постојаната поставка опфаќа 11 целини, претставени преку патека за да се може посетителот да се запознае со животните судбини на децата-бегалци, и воопшто на голготата на илјадници семејства.

„Посетата на поставката на посетителот да му остави јасна и долготрајна слика за историската приказна“, рече на отворањето во октомври 2014 година Мирјана Нинчовска, директор на Музејот Македонија.

За крај, правец во етнолошкиот дел. Ќе заборавев на него без потсетник на еден повозрасен човек, веројатно вработен во Музејот. Самиот ме упати. Овде како средношколци доаѓавме да гледаме тематски презентирани целини од народната архитектура, обичаите, музичките инструменти, носиите и накитот, везовите и ткаењата.

Има што да се види. Проблемот е што во делови повторно се забележува излупени и поцрнети ѕидови. Од влага, од неможност континуирано да се реагира.

Прашањето е дали управата и вработените сами можат да го голтнат цел финансиски залак за потребните зафати? За мала реставрација на комплексот, инсталациите, патеките, подот и таванот, а во име и на музејскиот фонд. Дали сите овие различни предмети, носии, оружја и документи имаат помала национална вредност од таа во Музејот на македонската борба? Дали не е потребна функционална веб-страница и за овој Музеј? Дали државата има двојни аршини кон музеите?!

„Екс леге“ заштита

Од крајот, се враќаме на стартот. И Музејот на Македонија, и поновиот Музеј на македонската борба чуваат збирки од национални предмети. И двата се прогласени за објекти од културно наследство, со статус „екс леге“. Статусот „екс леге“ значи дека не се заштитени според нивните архитектонски вредности или староста (според Законот за заштита на културното наследство, еден од условите е да се постари од 50 години) туку според намената - чување и архивирање вредни добра.

Меѓу новозаштитените објекти, под превезот на „екс леге“ пристапија и НУБ „Св. Климент Охридски", Библиотеката „Браќа Миладиновци", Музеј на современата уметност, Институт за македонски јазик... но истовремено и Спомен куќата на Мајка Тереза и зградата на Државниот архив. Меѓу нив е и Портата „Македонија", отворена во 2012 година, а која припаѓа под НУ Музеј на македонска борба.

Дополнително прашање што произлегува е дали со вака поставеното „културно наследство“ се заштитува нова идеолошка рожба? Објектите не се вреднуваат сами по себе, туку за пренесената вредност од збирките во нив. Ако при ревалоризација биде констатирано дека овие збирки не поседуваат вредности или ако тие се дислоцираат во други објекти, нивниот статус би се изгубил? Дали така би останал заборавен и незаштитен и Музејот на Македонија во Чаршијата?

И додека си зборуваме за овие музеи, далеку од очите на јавноста, без конкретни рокови и прецизирани датуми, на Кале веќе неколку години трае процес на изградба на Праисторискиот, Музеј од отоманскиот период и Средновековниот музеј. Нивната приказна допрва ќе начнува прашања.

 

Бојан Шашевски

Промовирање на родителското отсуство и за таткото на детето кое како опција постои во Законот за работните односи, но само ако не го користи работничката.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе

Зоран Заев од позиција на премиер удира во самите темели на асномска, антифашистичка Македонија.

повеќе