ПРЕГОВОРИ ЗА НОВА ВЛАДА

ДУИ игра и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, членството на ВМРО-ДПМНЕ чека насоки

Синоќа претставници на ДУИ соопштија дека потписите на нивните 10 пратеници ќе ги дадат на СДСМ за да може претседателот на таа партија, Зоран Заев, да состави нова влада. А дали ДУИ ќе учествува во таа влада ќе почекаме до понеделник. Во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ вчера членството ги очекуваше наредбите од раководството кое синоќа исто така заседаваше.

Централното претседателство Демократската унија за интеграција вчера вечер одлучи да му ги даде потписите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев со цел тој да стане мандатар. Тоа не значи дека ДУИ станува дел од владата, а официјална одлука за тоа дали ДУИ ќе биде опозиција или не ќе има во понеделник, изјави синоќа портпаролот на ДУИ Бујар Османи.

„Поради некои околности кои се поврзани со рокови одлучивме да дадеме поддршка на СДСМ, но тоа не значи дека имаме договор за коалиција. Се дава само поддршка за мандат, да се деблокираат некои процеси. За да се испочитуваат роковите за локалните избори треба што поскоро да се донесат одлуки, а за тоа треба да се добие мандат и Собранието да почне со работа. Ако се одлучиме за учество во влада треба да се усогласат програмите“, рече Османи и додаде дека со оваа одлука се гледа дека ДУИ нема матни бизниси и не гледа по секоја цел да остане на власт.

Очигледна е поделеноста на раководството на ДУИ во однос на тоа дали да се коалицира или не со СДСМ. Аргументите за се сведуваат на тоа дека ДУИ мора да биде дел од новата реформска влада и активно да учествува во измените на законите за кои самата се залагала. Од друга страна, пак, ако ДУИ биде опозиција, тогаш не се прекршува принципот на коалицирање на „победник со победник“ на што инсистира ВМРО-ДПМНЕ.

И претставници на движењето Беса и на коалицијата Алијанса за Албанците претходно изјавија дека тие ќе го поддржат мандатарот Зоран Заев. Беса има 5 пратеници, а Алијансата 3. И тие учеството во новата влада го условуваат со решавање на двојазичноста на цела територија на Македонија.

Вчера во повеќе општини во Македонија членството на ВМРО-ДПМНЕ беше мобилизирано, штабовите на партијата беа преполни и се дискутираше за актуелната политичка ситуација во земјата. Планираните состаноци прераснаа во собири на кои главно се изразуваше незадоволство од подготвеноста на СДСМ да коалицира со ДУИ и „по цена на националните и државните интереси“.

Вчера членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на Фејсбук ја објави следнава порака: „Кога ВМРО ќе повика на протест, тоа нема да бидат 500 лајка, туку 50.000 народ пред Собрание за унитарна Македонија!

Почитувани 455.000 гласачи за унитарна Македонија, браќа и сестри, драги сограѓани, бидете здрави, живи, достоинствени и спремни“, напиша Милошоски.

За тоа каква би била реакцијата на партијата ако се состави нова влада, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека има долга листа на чекори, но што од тоа би одбрале не би можело да биде соопштено во овој момент. Извршниот комитет на партијата заседаваше вчера и ги разгледа најновите случувања околу актуелната состојба и понатамошните чекори кои ќе се преземат.

Милошоски изјави дека политичката ситуација се движи во непожелна насока и дека не ја одразува волјата на гласачите. Извршната власт мора да биде одраз на волјата на гласачите, но дека власта не е опција по секоја цена, рече Милошоски. 

A.Д.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе