Што кријат полициските архиви за војната во 2001

Државата мора да ги расчисти сите контроверзии за загинувањето на македонските бранители!

Потресните информации за загинувањето на полицајците на гробиштата кај Брњарци, според поранешниот разузнавач, се криеле од јавноста затоа што државата ќе морала да им плати обесштетување на нивните семејства.

Тројцата полицајци Атанас Јанев, Никола Пехчевски и Александар Стојчев не загинаа во борба со албанските терористи, туку од граната на македонската армија во акцијата за ослободување на Арачиново, тврди Јанко Бачев, поранешен разузнавач во Службата за државна безбедност, кој се повикува на службени белешки во архивите на МВР што биле направени во времето кога министер за внатрешни работи беше Љубе Бошковски.

„За време на војната во 2001 година, кога функционираше таканаречената широка влада, припадниците на двете клучни министерства (Министерството за внатрешни работи, раководено од ВМРО-ДПМНЕ, и Министерството за одбрана, раководено од СДСМ) поради некоординираност се однесуваа како две непријателски војски. Македонската јавност сè уште се замајува со некаква верзија за настанот според која сè се сведува на тоа дека тројцата припадници на МВР се убиени од албанските терористи при акцијата за ослободување на Арачиново, кое претходно, на 9 јуни 2001 година, тогашната ОНА го прогласи за слободна територија“, вели Бачев, кој сега е претседател на Народното движење за Македонија, и потсетува дека ниту една влада досега не успеала да го расветли контроверзното загинување на бранителите кај гробиштата во Брњарци, село на околу два километри од скопско Арачиново.

Тој ова свое тврдење прв пат го обелодени на годишнината од битката кај Арачиново. Досега никој не го демантираше, иако некои бранители што учествувале во војната велат дека ниту еден припадник на македонските безбедносни сили не загинал од пријателски оган.

„ВМРО-ДПМНЕ како народна партија со демохристијанска ориентација и силна верба во бог, има обврска, најпосле, 12 години по погибијата на тројцата полицајци во Арачиново, да ја сподели со јавноста вистината за нивното загинување“, вели Бачев, кој смета дека на тој начин ќе се тргне, како што вели, разочарувачката слика во Македонија, со оглед на тоа што ниту еден државен орган досега не се обиде да направи истрага, за да утврди што точно се случи со сомнителното загинување, но не само на тројцата припадници на МВР при акцијата за ослободувањето на Арачиново, туку и на македонските бранители кај Карпалак, осумтемина кај Вејце, осумтемина убиени во заседа кај Љуботенски Пат.

Потресните информации за загинувањето на полицајците на гробиштата кај Брњарци, според поранешниот разузнавач, се криеле од јавноста затоа што државата ќе морала да им плати обесштетување на нивните семејства. Но сега, 12 години по акцијата кај Арачиново, има само еден мотив за откривањето на строгодоверливите информации од полициските архиви - да поттикне интерес за нова истрага. Затоа што, расчистувањето на овие случаи е од интерес не само на семејствата и роднините на загинатите, туку и на државата.

На гробиштата кај Брњарци на 23 јуни 2001 година кога загинаа тројцата полицајци, од артилериски оган тешко беше ранет Оливер Китановски, припадник на Единицата за специјални задачи „Тигар“. Почина по пет дена, на 21 годишна возраст. Четворицата бранители, како што сведочат нивни колеги, доброволно се пријавиле да учествуваат во првите редови во акцијата за ослободување на Арачиново.

С.М.

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе