Петкратното убиство кај Смилковци пет и пол години подоцна

Досие Монструм: Неизвесност, различни ставови и талкање по судските лавиринти

И по пет и пол години сè уште трае дилемата за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, кое се случи на 12 април, 2012 година. Прашањата за мотивите и извршителите во случајот „Монструм“ и по половина деценија остануваат отворени. 

Единствено утврден е начинот на кој било извршено свирепото убиство, а кој до детали е заведен во обдукциските наоди подготвени од Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје. Одговорите на прашањата околу доказите, вината кај обвинетите, како и тоа дали им се суди на вистинските сторители, се различни.

За едни, обвинетите што се во притвор се свирепи убијци осудени на доживотни затворски казни врз основа на цврсти докази, за други пак, доказите се подметнати, вистинските сторители се на слобода, а процесот е политички монтиран. Првостепениот суд осуди шестмина на доживотни затворски казни, а Апелацискиот суд ја потврди одлуката. Сега на ред е Врховниот суд, кој треба да одлучи дали постапката ќе ја врати на почеток и обвинетите ќе имаат можност да се бранат од слобода, или пак, ќе ја потврди одлуката на првостепениот и второстепениот суд и ќе ги прати обвинетите на издржување на доживотен затвор.


Хронологија на дејствата по петкратното убиство во Македонија

На 12 април пред пет години околу 22 часот и 30 минути кај Смилковско Езеро беа пронајдени телата на убиените момчиња Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски, Киро Тричковски и на 45-годишниот рибар Борче Стефковски. Истрагата тогаш беше по стариот закон за кривична постапка и барањето докази беше под водство на полицијата, а не под палката на обвинителот, како што е сега.

Два дена по петкратното убиство МВР направи профил на убијците по кои интензивно се трагаше.

Информациите од полицијата со која раководеше тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, беа дека истрагата добро напредува. Утврдено беше дека возилото опел омега, кое беше најдено на 10 километри од Смилковско Езеро, било на местото на злосторството. МВР соопшти дека возилото е донесено во Македонија од странство, а на него биле ставени скопски таблички од друго возило. Како што минуваа деновите, МВР информираше дека секој ден има нов детаљ и нова трага што ги води до убијците, но во интерес на истрагата тие детали не се откриваа.

На 1 мај, 2012 четворица од осомничените сторители на петкратното убиство беа приведени, а потоа им беше определена мерка притвор.

По обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осомничени дека се сторители на делото, полицијата распиша потерница. Тие на Косово беа осудени за нелегална трговија со оружје и откако ја одлежаа казната, излегоа на слобода.

Но во Македонија никогаш не беа екстрадирани и сè уште се водат како недостапни на органите на прогонот. Нивните имиња пет години се наоѓаат на листата на потраги на официјалната веб-страница на МВР.

Неколку дена по апсењето на четворицата осомничени, во притвор заврши и Хаки Азири, кој првично требало да биде заштитен сведок, но потоа стана осомничен.

 

Гешковска: Mотивот за петкратното убиство е предизвикување страв кај населението

Откако обвинителството поднесе обвинителен акт, во судница влегоа петмина обвинети за тероризам. На двајцата осомничени извршители на масакрот им се судеше во отсуство бидејќи се водат како недостапни за полицијата. Мотивот за свирепото убиство што ја потресе целата македонска јавност, според обвинителката Гордана Гешковска, е предизвикување чувство на страв и несигурност кај граѓаните.

Во обвинението, кое во првостепената постапка го застапуваше Гешковска, се наведува дека Смилковско Езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото, па нему му бил познат теренот. Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште 3 непознати лица, како што се наведува во ОА, пред 12.4.2012 година го разгледувале теренот, односно регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото.

Како што се наведува во обвинението, директни извршители на петкратниот масакр што се случи на Велики четврток се Алил Демири и браќата Исмаиловиќ, кои истовремено од пиштол и автоматски пушки на растојание до 1,5 метри во телата на младите момчиња Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Накевски и Филип Славковски испукале проектили што биле кобни за нив.

Понатаму во обвинението се додава дека на само 50 метри случајно се затекнал рибарот Борче Стефковски, обвинетите го забележале, во него пукале со 5 куршуми додека тој бегал кон своето возило.

Тројцата извршители, според обвинението, биле заедно со уште две непознати лица и со возило опел омега веднаш се дале во бегство, освен Агим Исмаиловиќ, кој избегал со друго возило и други две непознати лица. Обвинителството тврди дека обвинетиот Сејди Рами бил логистика на случувањата, односно што да се прави пред и по ликвидацијата и како најдобро тоа да се изведе.

 

Обвинетите тврдат дека не се виновни

Тројцата обвинети раскажаа три различни алибија за кобниот ден. Тврдеа дека се верници, но немале бради и никогаш не биле во Авганистан. Првообвинетиот Агим Исмаиловиќ на кобниот ден поставувал канализациона цевка во семејната куќа; обвинетиот Фејзи Азири одбирал јагниња за градоначалникот на Илинден и за негов пријател, а обвинетиот Сејми Рами вршел размена на возила под Железничката станица во Скопје.

Сите тројца ги отфрлија наводите во обвинителниот акт. Обвинетиот Хаки Азири, единствениот обвинет што во истрагата ги потврди наводите на обвинителството за негова вмешаност во убиството, пред судот го смени исказот и рече дека не го прифаќа обвинението. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири не дадоа одбрана пред судот, бидејќи се во бегство.

 

Рибарите што сведочеа не беа сигурни дека ги виделе обвинетите ноќта на местото на убиството

Во судница како сведоци на обвинителството се појавија лица што раскажаа дека ноќта на убиството биле на местото на настанот. Пред судот тврдеа дека слушнале пукотници и кога тргнале да си одат, виделе маж со маска на глава и калашников во рака, кој ги предупредил дека ако не си заминат, ќе бидат убиени. По ова, сведоците тврдеа дека го напуштиле местото. Во судница еден по еден ги гледаа обвинетите, но ниту еден од сведоците со сигурност не потврди дека некој од обвинетите е истото лице што кобната ноќ го виделе на местото на петкратното убиство.

 


ДНК на обвинетиот Алил Демири меѓу доказите на обвинителството

Во автомобилот „опел омега“, кој беше најден неколку дена по убиството и со кој, според обвинението, се превезувале дел од обвинетите, биле пронајдени траги од ДНК на првообвинетиот Алил Демири, тврдеше обвинителството на едно од судските рочишта. Агим Исмаиловиќ, според обвинението, го зел ова возило од паркинг во Топанско Поле, додека обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, по убиството, со истиот автомобил дошле на обиколницата кај Качанички пат, каде што ги чекал обвинетиот Хаки Азири, го оставиле „опелот“ и се качиле во автомобилот на Азири.

На тркалата на автомобилот била најдена земја што се совпаѓа со земјиштето на Смилковско Езеро, но според Рауфи и ова не е релевантен доказ бидејќи таков вид земјиште имало на огромна површина.

Сопственоста на автомобилот „опел омега“ сè уште не е утврдена. Траги од обвинетите и од автомобилот „опел омега“ на местото на убиството, според Рауфи, не се најдени. Не е најдено ниту оружјето со кое биле извршени убиствата. Меѓу доказите на обвинителството беа листа на појдовни и дојдовни повици на телефоните на обвинетите, односно предмети што биле најдени при претресите во домовите на обвинетите.

 

Основниот суд Скопје 1 изрече шест доживотни и една ослободителна пресуда

Основниот суд Скопје 1 на 30 јуни 2014, една и пол година по почетокот на судскиот процес, ги прогласи за виновни и ги осуди на доживотна казна затвор обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. 

Единствено обвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда бидејќи судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот. На доживотните затворски казни жалби до повисокиот суд поднесоа осудените, а Апелацискиот суд Скопје ги потврди доживотните затворски казни.

 

Јавна седница пред Врховниот суд за доживотните казни, одлуката се чека

„Му предлагам на Врховниот суд да ги укине пресудите на првостепениот и второстепениот суд и да го врати предметот на повторно одлучување“, рече обвинителката Лилјана Спасовска во своето излагање пред врховните судии на јавната седница на која се разгледуваа жалбите на одбраната за пресудите за доживотен затвор во случајот „Монструм“. Со ова неочекувано барање, таа направи пресврт во текот на оваа постапка, а роднините на обвинетите на јавната седница со аплауз го дочекаа ваквиот предлог.

Обвинетите и пред Врховниот суд тврдеа дека не се виновни и останаа на барањето да бидат ослободени и предметот повторно да се суди. Одлуката од Врховниот суд се чека и ќе биде објавена на официјалната веб-страница на судот.

 

СЈО води предистражна постапка, родителите на убиените ги чекаат прислушуваните разговори што ги најави Заев

Специјалното јавно обвинителство води предистражна постапка за „Монструм“ откако адвокатите на обвинетите побараа од ова обвинителство да го преземе случајот.

Премиерот Зоран Заев во времето кога СДСМ почна да објавува дел од „бомбите“ , најави дека има прислушувани разговори за петкратното убиство и вети дека ќе им ги предаде на истражните органи и на родителите. Овие снимки, рече тогаш Заев, ќе ја откријат вистината за „Монструм“. Овие докази, кои ги побара и обвинителката Лилјана Спасовска, сè уште се чекаат.

Катерина Додевска

Фото: Роберт Атанасовски

Операциите направени кај повеќето интерсексуални новороденчиња е од козметички причини.

повеќе

Внимателноста во водењето на преговорите за името и изјавите околу нив сега е повеќе од нужна.

повеќе

Во најсеверните делови на грчките региони Западна и Централна Македонија, сите народни ора се инструментални песни. Традиционалните песни во овие региони некогаш имаа зборови - но тие беа на јазик што грчката држава речиси еден век се обидува да го избрише: македонскиот словенски, вели Петрос Карацареас, лектор по англиски јазик и лингвистика на Универзитетот на Вестминстер, Велика Британија.

повеќе