Некогаш на умирање, денес се прелева

Дојранско Езеро преполно со вода, нема кој да го запре дотокот од Ѓавато

„Каналот 'грга' вода, го преполни Езерото и не запира, тече и носи вода, плажите ги стесни, прелева преку шеталиштето, ги покри нивите, алги се множат и нема кој да рече стоп, а зашто? Поради еден човек“, вака мештаните ја коментираат новата „драма“ со Дојранско Езеро, кое некогаш испаруваше и беше на умирање, а денес не може да куртули од драматично висок водостој. А зборовите „поради еден човек“ се однесуваат на малата хидроцентрала „Топлец“, која за производство на струја ја користи водата од каналот Ѓавато, изграден пред две децении за да го спаси Езерото од исчезнување.

Пред 35 години почна агонијата на Дојранско Езеро. Нивото на Езерото од 1985 година драматично почна да се намалува. Црните предвидувања одеа до таму дека Дојранско Езеро умира, дека ќе исчезне од планетата заедно со растителниот и животинскиот свет и ретките, некои и уникатни видови риби, птици, водни растенија. Плажите стануваа сѐ пооддалечени од водата, рибите имаа сѐ помалку кислород зашто водата се намалуваше и цветаа алги.

Тоа беа сушни години, Езерото испаруваше, а немаше доволен дотек на вода, експертите велеа и дека покрај неповолните климатски услови, станува збор и за природен циклус на зголемување и намалување на нивото што се менува на стотици години. Работите беа уште полоши и затоа што грчките земјоделци Езерото го користеа за наводнување без оглед што неговото ниво се намалуваше, а грчката страна не беше заинтересирана за опстанок на Дојранско Езеро, имајќи предвид дека јужниот сосед има не само мориња, туку и поголем број езера, кои всушност и не претставуваат побитна туристичка ставка на Грција.

Агонијата продолжи и во деведесеттите години, имаше и протести, имаше и комуникација со грчката страна, која главно беше неуспешна. Голем број новинарски текстови се напишаа за опасноста од умирањето на Дојранско Езеро, научниците алармираа дека последиците ќе бидат повеќеслојни, не само економски, туку и климатски, за поширокиот регион, не само за дојранскиот.

Решение за проблемот најде македонската влада во 1999 година, кога прогласи елементарна непогода и покрена иницијатива за спас на Езерото, чиј носител беше Министерството за животна средина. Се изработи проект за довод на вода преку изградба на канал од извор во Ѓавачко поле богат со вода. Во 2003 година системот „Ѓавато - Дојранско Езеро“ беше изграден со финансиско учество на Телеком.

Езерото беше спасено. Водостојот тргна да расте. Се воспостави баланс во природата, ретките видови продолжија да живеат. И туристите се вратија. Дојран стана и едно од омилените станици за одмор на транзитните туристи што патуваат на летување во Грција. Ден-два крај езеро, сместување на чекор од водата, занимливи ресторанчиња со добра храна и пијалаци навечер.

Но балансот повторно е нарушен. Ако некогаш проблем беше катастрофално нискиот водостој, сега Дојранско Езеро има многу висок, мештаните велат - загрижувачки голем водостој. Езерото буквално претекува, плажите се стеснети, а ако дува ветар, водата оди и подалеку.

Ако некогаш од грчка страна имаше канал за истекување вода заради наводнување на земјоделските површини, сега од таа страна каналот е затворен и забетониран. Грчката држава, всушност, на земјоделските комбинати и мали производители им изгради систем за наводнување. Водата од Дојранско Езеро веќе практично не им е потребна.

А Хидросистемот Ѓавато - Дојранско Езеро секојдневно дотура и дотура вода во Езерото. Но зарем не може да се запре водата и повторно да се пушти кога ќе биде потребно тоа?

За чудо, не може!

Државата има обврска системот постојано да биде во функција. И точно е дека водата не смее да биде прекината заради хидроелектраната.

„Министерството мора да ја почитува обврската за обезбедување на одредено количество вода согласно со склучениот договор за концесија со компанијата што ја управува малата хидроцентрала на локација Топлец. Овој договор за концесија е склучен од претходната влада и е со важност до 2032 година и неговото раскинување ќе доведе до големи финансиски импликации врз буџетот на државата“, одговорија за МКД.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Сепак, дотекот на вода во изминатите години, поради водостојот на Езерото, како што велат од Министерството, е намален и се одржува на максимум 40 отсто од вкупниот капацитет.

Хидроелектраната мора да работи, во спротивно државата ќе плаќа високи пенали, но од друга страна, доколку целосно се запре водата, тоа би имало катастрофални последици за хидросистемот и финансиска штета за државата. Ако водата запре, тогаш моторите и пумпите ќе се расипат зашто бунарите ќе се наполнат со мил. Стручните анализи покажале дека ако хидросистемот се исклучи и не функционира неколку месеци, практично ќе биде уништен, а Дојранско Езеро ќе се врати на старите коти, и неговата агонија од пред неколку децении ќе продолжи.

Побаравме податоци колку чини одржувањето на Системот Дојранско Езеро и зошто е толку алармантно ако малата хидроелектрана „Топлец“, сопственост на Друштвото за научни дејности „Езотерна ДООЕЛ Струмица“, ја прекине работата, дали таа всушност произведува многу струја и на државата ѝ плаќа големи пари за концесијата?

Во 2019 година приходите уплатени од страна на Езотерна изнесуваа 1.099.765 денари (17.880 евра), а во 2020 година 739.155 ден. (12.000 евра). Сумата е различна бидејќи на фирмата „Езотерна“ за хидроелектраната „Топлец“ изградена во атарот на општина Дојран ѝ е даден повластен статус од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Обврската е годишната концесија да изнесува 15 проценти од испорачаната електрична енергија. Инсталираната моќност на „Топлец“ е 200 киловати, а планираното годишно производство е 1.500.000 киловатчаса струја.

Министерството за животна средина, односно државата, одржувањето на системот го чини многу пари, поточно, само за електрична енергија годишно се издвојуваат помеѓу 40 и 45 милиони денари, или повеќе од 650 илјади евра. Разликата до тие 12 или 18 илјади евра е очигледна.

Но проблемот е што ниедна институција не сака да го преземе на управување хидросистемот Дојранско Езеро, а по правило, со водите секогаш управува некое претпријатие, компанија. Во Министерството за животна средина велат дека со хидросистемот управуваат со многу мака, но мора, поради интересот за одржување на Езерото во кондиција.

„Владата размислува и бара соодветни најдобри решенија за да обезбеди одржливо управување на хидросистемот Дојранско Езеро, што подразбира санација на системот, намалување на трошоците за електрична енергија и предавање на управувањето на правен субјект кој, согласно со законската регулатива, ќе може да стопанисува со него“, се вели во одговорот за МКД.мк.

Инаку, од Министерството велат дека тоа што мештаните се жалат на собирање алги во крајбрежните води всушност е резултат на изградба на бетонирани површини, кои го оневозможуваат природното самочистење на водата.

Со изградбата на хидросистемот Дојранско Езеро, целта била, покрај одржување на нивото на Езерото, да се обезбеди и наводнување нови површини од околу 1.000 хектари во Богданско-ѓавачко-дојранскиот регион, квалитетно водоснабдување на регионот и производство на струја.

„Проектот за спас на Дојранско Езеро остава посебен белег, кој како колосално дело претставува гордост, предизвик и симбол на борбата за исправување на една голема неправда кон природата. Со изградбата на хидросистемот и доведувањето дополнителни количества вода во Дојранско Езеро, направен е најголемиот чекор за спас на Езерото, за враќањето на животот на овие простори и за спас на честа на македонската држава“, пишува на официјалната интернет-страница на Општина Дојран и се нагласува дека е изграден со учество исклучиво на македонски компании.

Според науката, Дојранско Езеро, всушност, е остаток од некогашното Пеонско Езеро, коешто зафаќало површина од околу 127 км2. Денес, Езерото има површина од 43 км2.

П. Џамбазоски

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Сабота, Јули 10, 2021 - 16:14

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе