Седница посветена на пратенички прашања

Договорот со Фронтекс, јадење ќебапчиња и тост по улици, дел од репликите во парламентот

На денешната седница во Собранието дојде до препукување меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот од СДСМ Јован Митрески по својот говор во кој нагласи дека договорот со Фронтекс е потпишан на македонски јазик, без фусноти и додавки, договорот им го подели на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Реагираше Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека и претходните договори со ЕУ се потпишувани на македонски јазик и праша зошто власта кога по улици јаде ќебапчиња и тостови (мислејќи на премиерот) е придружувана од обезбедување.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Митрески нагласи дека Договорот за Фронтекс, кој вчера беше потпишан во Владата, претставува прв официјален договор со ЕУ на официјален македонски јазик, без фусноти, без какви било додавки и појаснувања.

„Ова е исклучително важен и историски настан за македонскиот народ, затоа што целосно се потврдува македонскиот јазик во ЕУ и се издигнува на рамниште на сите останати 24 јазици во Унијата. Освен граѓаните и пратениците од СДСМ и од парламентарното мнозинство се особено горди, затоа што ова е нивна заслуга. Одлуката којашто ја донесовме во Собранието за отпочнување на преговори со ЕУ, со прифаќање на заклучоците за заштита на македонскиот јазик и идентитет се потврди дека е вистинска, државничка и патриотска. Сите лаги на Христијан Мицкоски, на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, со кои со месеци се ширење хистерија за наводна бугаризација, асимилација, за негирање на јазикот, потонаа во вода. Овде во Собранието, навредуваа пратеници, свиреа со вувузели, довикуваа, лажно обвинуваа за велепредавство, дека македонскиот јазик ќе бил дијалект на бугарскиот, дека во преговарачката рамка ќе има фуснота. На крајот избегаа од салата и не собраа храброст да гласаат ниту против заклучоците кои ги критикуваа. Сѐ што кажаа се потврди дека е безобразна лага“, рече меѓу другото Митрески.

Тој потоа влезе во пратеничките клупи на опозицијата и започна на нивните места да остава копии од договорот.

Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на тоа реагираше нагласувајќи дека не му е јасно на кој тоа јазик би можел договорот со Фронтекс да биде потпишан.. 

„Во 1996 година меѓу Македонија и Европската заедница беше потпишан договор и тоа на македонски јазик. И потоа, секој договор е потпишан на македонски јазик. Тоа е јазикот кој го зборуваме, а ако вие имате некој друг македонски јазик, тоа е ваш проблем. Ова што денеска го покажувате како успех е доказ дека ништо не работите. Да сме се радувале дека на македонски јазик  сме потпишале договор!?. Ова е преседан потпретседателе Мисовски, дозволивте пратеници за време на седница да влегуваат во редовите на опозицијата. Немојте да ви се случи на некоја наредна седница ние да ве потсетуваме за сите предавства кои досега сте ги направиле“, рече Мицевски.

Претседавачот со седницата, потпретседателот Горан Мисовски рече дека и претходно пратеници од ВМРО-ДПМНЕ влегувале во клупите на СДСМ со транспаренти и вувузели и додаде дека не би сакал да потсетува и на „крвавиот четврток“.

Митрески потоа рече дека ВМРО-ДПМНЕ реагира хистерично и дека таа партија  ширеше лаги дека Македонија ќе се наполни со мигранти, предупредуваа, рече, на опасност дека македонскиот јазик ќе стане дијалект на бугарскиот.

„Зошто од статутот на ВМРО-ДПМНЕ го исфрливте името Македонија, ете тоа одговорете им го на македонските граѓани, рече на крајот Митрески.

„Јадете по улици ќебапчиња и тостови демек за да ви се зголеми рејтингот, но не се мачете со полиција и обезбедување да шетате меѓу народот, туку ајде да видиме на предвремени избори кој ја има поддршката од народот. Ајде, согласете се за избори“, реплицираше повторно Мицевски.

Мисовски на тоа рече дека досега нема предлог за распуштање на Собранието.

„Ако 61 пратеник реши да одиме на избори, тогаш и ќе одиме, Уставот е јасен“, рече Мисовски.

Халил Снопче од Алијанса за Албанците ги повика двајцата координатори да не одземаат време со репликите и мудрувања за историјата.

„Тоа што сакате да го кажете можете да го соопштите на прес-конференции. Излезете и одржете си конференција со новинарите“, рече Снопче.

П.Џ.

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе