Атина

Договорот од Преспа помина во Комисија, утре на седница во грчкиот Парламент

По дводневна расправа, вкупно 12 часа и обраќање на 38 пратеници и двајцата известувачи, Комисијата за надворешни работи и одбрана при грчкиот Парламент го усвои нацрт законот со кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

„Како што произлегува од дискусијата и изнесените ставови на членовите на Комисијата, нацрт законот од Министерството за надворешни работи на Грција ‘Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите, прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните’ со мнозинство е усвоен и во секој член и во целост”, рече претседателот на Комисијата, пратеникот од СИРИЗА, Костас Дузинас.

Денешната расправа траеше континуирани шест и пол часа, а пратениците, во зависност од тоа која е нивната матична партија, зазедоа став, позитивен или негативен, за договорот од Преспа.

Комисијата за национална одбрана и надворешни работи ја сочинуваат 56 членови, од кои 27 од СИРИЗА, 14 од Нова демократија, четири од Демократска алијанса (Демократска левица- ПАСОК), три од Златна зора, исто толку од Комунистичка партија на Грција, а по еден претставник имаат Независни Грци, Потами (Река) и Сојуз на централисти, а учествуваат и двајца независни пратеници.

Во усвоениот нацрт закон, првиот член е потпишаниот договор во целост, вториот член се однесува на подигањето на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува во сила по објавувањето во Службен весник, а договорот по ратификацијата согласно членот 20.

Нацрт законот со датум 18 јануари 2019 е потпишан од грчкиот премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата влада.

Утре, во 10 часот наутро по локално време започнува пленарната седница, а гласањето ќе биде во четврток вечер.

МИА

Кинеското присуство во Македонија не треба да се преценува или стигматизира, туку да се искористи,

повеќе

Земјите од Западен Балкан се соочуваат со нов безбедносен предизвик: дерадикализација и реинтеграција на повратниците.

повеќе

Граѓаните сѐ повеќе ја согледуваат неопходноста од непартиска форма на самоорганизирање.

повеќе