Мешовит комитет

Додека експертите расправаат за картите, за грчкото МНР Македонија остана „производ на Тито“

Средбите на Мешовитиот македонско-грчки интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, вклучувајќи ја и последната што се одржа во Атина на 12 и 13 април, според заедничките соопштенија минуваат во „промовирање на духот на европските вредности на солидарност, доверба и меѓусебна соработка“. Но, официјалниот став на грчкото МНР кој сѐ уште стои на сајтот не оди во прилог на ваквите ставови од средбите на експертските групи. На сајтот на МНР и натаму пишува дека македонската нација е производ на Тито, зборот Македонија е грчки збор, а античките Македонци се Грци.

Според МНР на Грција проблемот со името почна во 1991 година со прогласувањето на независноста на „Република Македонија“ од СФРЈ.

„Историски, зборот Македонија е грчки збор и се однесува на кралството и културата на античките Македонци, кои се дел од грчката нација и стана нераскинлив дел од историското и културно наследство на Грција.

Географски, овој збор се однесува на еден поширок регион кој денес навлегува во територијата на неколку балкански земји. Најголемиот дел е во Грција, а останатите делови се во Северна Македонија, Бугарија и Албанија. Главниот дел од Античка Македонија е во границите на сегашна Грција. Таа територија историски се вика Македонија и на неа денеска живеат околу 2,5 милиони грчки граѓани“.

Историчарите на грчкото МНР не ја напуштија нивната и теоријата на бугарските историчари дека македонската нација е измислица на Тито. На интернет страницата на грчкото МНР пишува дека маршалот Тито ја преименувал тогашната Вардарска Бановина прво во Народна Република Македонија, а подоцна во Социјалистичка Република Македонија. На сајтот пишува дека Тито така почнал да ја развива идејата за постоење на „македонската нација“. Тој тоа не го направил случајно, пишува на сајтот, затоа што главната идеја му била да ги поттикнува и идните територијални претензии на поширокиот регион на Македонија за да обезбеди излез на Егејското Море. „Аспирациите на Тито беа најавени уште во 1944 година кога тој јавно најави дека неговата цел е да ги обедини 'сите делови на Македонија кои беа распарчани во 1912 и 1913 година од балканските империјалисти'.

Англиската верзија на текстот за односот на Грција со земјава извесно време ја немаше на страницата на МНР, но потоа повторно се појави со една измена, наместо БЈРМ сега стои Северна Македонија.

Грчката страна веќе најави дека и нивните учебници ќе го вклучуваат новото име Северна Македонија, а Маркос Боларис, шефот на грчката експертска група, рече дека со Договорот од Преспа „конкретни работи што треба да се отстранат од масата треба да излезат и од книгите. Тој дури вели дека во грчките учебници „многу е тешко да се најдат иредентистички или ревизионистички наводи“, но тие се отворени за забелешки од македонска страна, „врз основа на академската, научната, историската вистина, како што е меѓународно прифатена од меѓународната академска заедница“.

Според непотврдените информации, на последната средба на Комитетот во Атина, биле отворени учебниците, откако претходно македонската страна доби дури 37 пакети со учебници кои треба да се разгледаат и проучат, а од тоа произлегле забелешки за постоење иредентизам во нивните учебници. 

На средбата на маса се нашле и географските и историски карти за кои и двете страни имаат забелешки. За грчката страна е спорно што на картите стои името Македонија за целиот регион, а забелешките од македонската страна се за именувањето на државата.

Што ќе се менува во учебниците сѐ уште не се знае, а истото прашање ќе се најде на масата на наредниот состанок на Мешовитиот комитет планиран за средината на мај во Скопје.

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе