Првите сомневања ги објави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски кој рече дека Заревски беше носител на јавна функција, директор на Фонд за здравство, во времето на СДСМ и во Владата на Владо Бучковски. Фондот за иновации работи полошо од кога било, недомаќински ги троши парите, полошо од кога било и од која било институција на СДСМ, рече Арсовски.
Во описот на за проектот од ФИТР велат дека се работи за иновативен паметен пребарувач и дигитална платформа, со која ќе се одговори на аналитичките потреби на фармацевтските и здравствените компании.
ФИТР досега неколку пати доделуваше грантови на фирми блиски до јавни функционери - на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, на поранешниот пратеник на СДСМ Хари Локвенец, фирма на снаата на поранешна советничка за култура на премиерот Зоран Заев, Цветанка Ласкова, фирма во која малцински сопственик беше Мерита Адеми, член на потесно семејство на Асаф Адеми, кој тогаш беше министер за култура...
Директорот на ФИТР, Коста Петров денеска изјави дека фондот е единствена институција во државата која има сертификат ISO: 31007 за борба против корупција и дека сите апликанти пополнуваат формулар за сопственичка структура и кажуваат дали се јавни функционери или се поврзани со нив. Според него, ФИТР е единствена институција во државата која го мониторира секое евро инвестирано во секоја компанија. „Не планирам да поднесам оставка. Напротив примерот на ФИТР треба да го следат и другите државни институции, бидејќи постои систем по кој се оценуваат проектите, постои закон што се следи и се имплементирани сите можни законски регулативи за процесот да биде транспарентен и коректен“, изјави Петров.