Кој и што крие во анкетните листови?

ДКСК ќе го проверува имотот на Иванов, а тој вели дека нема проблем и повикува да се проверат имотите на сите функционери

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов изразува благодарност што Државната комисија за спречување на корупцијата ќе поведе постапка за проверка на неговата имотна состојба и ги повикува членовите на комисијата истото да го сторат за сите функционери.

Ја охрабруваме Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи по овој случај. Но, исто така, ја охрабруваме комисијата на ист начин да постапи и со сите други носители на државни и јавни функции во Република Македонија, онака како што постапува во случајот со претседателот Иванов. Претседателот Иванов порачува дека чесен влезе во политиката и чесен ќе излезе на крајот од неговиот втор мандат, пишува во соопштението од кабинетот на претседателот.

Државната комисија за спречување на корупцијата денеска објави дека ќе врши проверка на имотот на претседателот Ѓорге Иванов.

Мандатот на Иванов му истекува на 12 мај годинава, а проверката на имотната состојба е со цел да се види каква промена има во имотот на претседателот во двата негови мандати.

ТВ 24 вчера објави дека претседателот на државата Ѓорге Иванов, купил два стана на Водно, кои во Катастарот се запишани на име на неговиот син. Зградата сѐ уште не е официјално завршена.  

Едниот од двата стана на Иванов е со површина од 131 метар квадратен и се наоѓа на вториот кат од новата зграда на  улицата „Тодор Александров“. Вториот стан е во истата зграда, но најгоре, мансарда со површина од 91 метар квадратен. Мансардата е на две нивоа, со големи стаклени ѕидови од каде се гледа целиот град.

Од кабинетот на Иванов велат дека претседателот купил само еден стан, но не го пријавил зашто се уште не го исплатил и нема имотен лист.

„Сите пријавени средства во анкетниот лист за имотната состојба на претседателот Иванов по стапувањето на фукцијата претседател се употребени како уплата за купување на еден стан за кој дополнително е земен и кредит. Станот сѐ уште не е исплатен и не е во сопственост на семејството Иванови и поради тоа не може да биде пријавен во анкетниот лист. Кога станот ќе стане нивна сопственост, тогаш и ќе биде пријавен во анкетниот лист за имотната состојба“, велат од кабинетот на Иванов.

Вредноста на становите е повеќе од 250 илјади евра. Од кабинетот на преседателот се посочува дека за купување на станот бил подигнат банкарски кредит, кој пак не е евидентиран во анкетниот лист на претседателот.

Во анкетниот лист на претседателот од 27 април 2017 година пишува дека има промена на имотната состојба: продажба на земјиште во вредност од 2.152.325,00 денари и дека средствата од продажбата на земјиштето се ставени во банка на име на деца во вредност од 2.152.325,00 денари.

Преддоговорите за купување на становите биле склучени во 2016 година со инвеститорот на зградата, компанијата „Слободни ѕидари“.

„Двата стана и гаражата претседателот Ѓорге Иванов ќе има обврска да ги пријави во Државната комисија за спречување на корупцијата во рок од 30 дена од моментот на стекнување на сопственост. Доколку не го изврши пријавувањето во дадениот рок против него може да се поведе прекршочна постапка и постапка за проверка на податоци за имотната состојба“, велат од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Од анкетниот лист на Иванов се гледа дека тој за време на претседателскиот мандат заштедил  околу 100 илјади евра. Неговиот син 35 илјади, стекнати со продажба на имот. Кај сопругата Маја за десет години нема никаква промена. И тогаш и сега таа во банка има 2 илјади евра во денари.

Минатата недела ДКСК објави дека предмет на постапка ќе бидат предизборните унапредувања и именувања во Армијата што, како што наведоа оттаму, Иванов ги потпишал во предизборен период.

 

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе