Димитров-Захариева: Регионот порача дека е подготвен за суштински реформи

Регионот на Западен Балкан испрати порака дека е подготвен да ги спроведе суштинските реформи кои се налагаат од Европската Унија, за возврат ЕУ да ги исполни своите обврски кои ги даде кон овие земји. Берлинскиот процес поттикнува решавање на билатерални прашања меѓу земјите од регионот и тој го потпомага, но не е замена за процесот на зачленување на земјите од регионот во Унијата. Дојде време регионот да има поголема сопственост во овој процес и првпат две земји од Балканот да копретседаваат – едната членка, а другата земја кандидат за ЕУ.

 

Ова се главните пораки кои ги упатија шефот на дипломатијата Никола Димитров и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на прес-конференцијата по Состанокот на министри за надворешни работи со кој се означи почетокот на претседавањето на Берлинскиот процес меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Захариева на прес-конференцијата упати порака земјите од регионот да гледаат повеќе кон иднината, да ги решаваат билатералните спорови, бидејќи ЕУ нема да внесува нерешени прашања од Балканот.

„Треба да гледаме повеќе во иднината, историјата е важна, минатото е исто така важно, но исто така е важно да се учиме од грешките во минатото. И малку повеќе да бидеме заедно да ставиме акцент врз нашата заедничка иднина – тоа е мојата порака за колегите од Балканот. Европската Унија нема да ги внесе нерешените прашања со соседите. Кога заедо ќе седнеме на тркалезната маса, ние нема таму да ги испрпелетуваме нашите билатерални односи“, рече Захариева.

Истакна дека тоа е и основата на Берлинскиот процес, да работи на поврзување меѓу зејите од Западниот Балкан но и меѓу членките на ЕУ и Западен Балкан, за подобри соседски односиз за поврзување на младите луѓе.

Повтори дека Берлинскиот процес ќе го потпомогне, но нема да биде замена за членство во ЕУ. – Тоа е процес кој ќе го потпомогне членството на земјите од Западен Балкан и тоа беше мојата порака, како што земјите од Западен Балкан ќе ги исполнуваат ангажманите од ЕУ, така и ние од Европската Унија да стоиме на нашите обврски. Март е важен месец да донесеме одлуки за преговори за членство на Северна Македонија и Албанија, порача Захариева.

Во однос на новата методологија за преговори рече дека позицијата на Бугарија е јасна уште пред таа да биде презентирана, повторувајќи дека разработувањето на новата методологија не треба да биде причина за одложување на почетокот на преговорите.

Така што, рече Захариева, дури и до Советот на ЕУ на 26 март, да не биде одобрена новата методологија не мислам дека тоа треба да биде пречка за почнување на преговори.

„Позитивните работи од новата методологија се што го прави процесот не толку формален, туку многу пополитички, дава можност за отворање поглавја по кластери и она што е важно што дава можност за организирање на средба на врвот со Западен Балкан-ЕУ на секои две години, тоа се многу позитивни работи во оваа методологија. Во методологијата заедно со новите работи не треба да бидат заборавени традиционалните услови во процесот на проширување, како што се сопствените заслуги. И тука се и добрососедските односи – Берлинскиот процес помага решавање отворени прашања и никој нема проблемите од Балканот да ги внесе во ЕУ, принципот на добрососедство треба да биде многу јасен во оваа методологија“, посочи таа.

Димитров од своја страна истакна дека три главни сигнали произлегоа од заедничкото копретседавање на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес.

„Берлин како иницијатор на процесот и сите други земји од ЕУ кои се учесници имаа доверба дека дојде време регионот да има поголема сопственост во овој процес и две земји од Балканот да копретседаваат. Второ – да се даде сигнал до другите земји во регионот дека ваква соработка е возможна и билатерално процесот што го почнавме за пријателство со Софија, да имаме уште една алатка да го искористиме ова за натамошно зближување и градење пријателство. Тајмингот на овој процес е важен тоа се случува две недели пред важни состаноци во ЕУ, во контекст на тоа што се очекува, а тоа е финализирање на тоа што го почна Европската комисија со новата методологија и со ажурираните извештаи“, рече Димитров.

Рече дека во заедничката изјава што ја усвоиле од сите земји учесници, но пред се од шесте држави од Западен Балкан каде повеќе ние од овој регион даваме порака кон остатокот од Европа, што нас ни е важно, каква ни е визијата, ја реафирмираме нашата заложба дека ќе се посветиме на суштинските реформи во демократија, владеење на правото, слободата на медиуми, добрососедските односи.

„И мислам дека ова е важна порака од регионот, кон Европската Унија дека знаеме што не чека и дека сме подготвени тоа да го сработиме и тоа е убав резултат од денешната конференција“, заклучи Димитров.

 Претходно, Димитров го отвори состанокот на министри за надворешни работи со кој се означи почетокот на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес на Северна Македонија и Република Бугарија за 2020 година.

Состанокот го водеа ко-домаќините, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров и министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, а поздравно обраќање имаше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски.

На Состанокот којшто беше посветен на европските перспективи на регионот во контекст на мартовскиот Европски совет и Самитот во Загреб, министрите од регионот искажаа поддршка за освеженото политичко внимание од страна на ЕУ кон регионот.

Од нивна страна беше усвоена Заедничка изјава со која меѓу другото ги повторија своите заложби за посветеност кон демократските вредности, владеење на правото, независното судство, градење стабилни институции, борбата против организираниот криминал и корупцијата, стабилно економско владеење, како основа за политичката и економска стабилност на регионот и негови суштинско приклучување кон остатокот од европскиот континент.

Тие демонстрираа заедничка политичка визија за иднината на процесот, согласувајќи се дека Берлинскиот процес и останатите релевантни регионални иницијативи не се замена на процесот на проширување на ЕУ. На состанокот беше реафирмиран стратешкиот интерес на земјите од регионот да станат полноправни земји-членки на ЕУ, градејќи мирен, стабилен и просперитетен регион во силна и обединета Европа.

Покрај другото беа дискутирани и преостанати покрупни отворени прашања, а беше истакнат и напредокот и очекувањата на одредени земји за соодветна валоризација од страна на ЕУ во претстојниот период, во светло на Комуникацијата на ЕК за нова методологија за пристапниот процес и мини извештаите на ЕК за нивниот напредок.

Меѓу министрите за надворешни работи кои учествуваат на Состанокот беа на Албанија Гент Цакај,  црногорскиот министер Срѓан Дармановиќ, на Србија Ивица Дачиќ, на Косово Глаук Коњуфца, државниот секретар во МНР на Австрија.

Во рамки на заедничкото претседателство, од 8 до 10 март во Скопје се одржа и ТинкТенк Форум организиран од страна на Институтот за Демократија Социетас Цивилис – Скопје во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ECFR), од Софија. 

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе