Димитров за „Нин“: Македонскиот пат кон членство во ЕУ е неверојатно брдовит

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во интервју за српскиот магазин „Нин" вели дека македонскиот пат кон членство во ЕУ е неверојатно брдовит, но мора упорно да се работи на сите отворени прашања и „не смееме да дозволиме овој пораз на Европа и на европските вредности да се претвори во наш пораз". За блокадата на Бугарија, Димитров посочува дека ако соседот ви го оспорува вашиот јазик, тоа не може да води кон зрел однос меѓу две европски држави, заснован на заемно почитување.

„Главниот проблем е што под закрила на добрососедските односи и европските интеграции,  Бугарија отвори прашања кои по својата суштина се антиевропски. Ако сакате да имате добри соседи, мора и самите да бидете добар сосед, велеше Хари Труман. Ако соседот ви го оспорува вашиот јазик, нешто што е исклучиво ваше суверено право, и не може да биде предмет на признавање ниту негирање на друга држава“, вели Димитров.

Тоа, според него, никако не може да води кон зрел однос меѓу две европски држави, заснован на заемно почитување.

„Како нашиот македонски јазик може да претставува проблем за интеграцијата во ЕУ, во еден сојуз што слави и негува културна и јазична различност на европските народи како своја фундаментална вредност? Поради тоа, доведувањето во прашање на идентитетот на македонскиот народ, во исто време го загрозува и европскиот идентитет на Унијата. Дали воопшто би постоела ЕУ, ако предуслов за нејзиното создавање би бил сите земји членки да имаат целосно исти погледи на сите историски прашања? За голем дел од земјите-членки на ЕУ, ваквите спорови се целосно нерационални и неразбирливи, рече вицепремиерот Димитров за „Нин".

За него, вели, ова е многу тежок период и на професионален и на личен план.

-Многу личен напор и време, па и емотивна енергија, вложив во овој процес. Најпрво Преспанскиот договор, што донекаде исто така изгледаше невозможен, а сега и е и пример во светот, па договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, за кој мислевме дека овозможува решавање на сите отворени прашања со Софија, па после тоа француската блокада и промена на методологијата на пристапни преговори за членство во ЕУ…Еден по друг предизвик. На крајот овој предизвик со Бугарија…. Македонскиот пат кон членство во ЕУ е неверојатно брдовит. Иако мислам, дека ова се битки на нашата генерација и оти тука нема место за дефетизам. Ако успееме во овој период да направиме суштински чекор кон европеизација на нашето општество, тоа ќе биде најдобро што можеме да го сториме за сите наши земји, и најдобро наследство за нашите деца. Впрочем, ништо вистинско вредно и големо не се постигнува лесно“, оценува Димитров за „Нин".

Натаму подлекува дека мора упорно да се работи на сите отворени прашања и оти не смееме да дозволиме овој пораз на Европа и на европските вредности да се претвори во наш пораз.

„Мора да покажеме дека сме возрасни земји кои мора да ги решаваат отворените прашања на европски начин, низ меѓусебно разбирање, но и почитување. Мораме да ја зајакнеме имплементацијата на договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, но и промовирање на таа примена, бидејќи имам впечаток дека тоа доволно не го покажувавме, иако многу сработевме на тој план. Тогаш, мора да ги продолжиме внатре разговорите во Историската комисија, но меѓу историчарите, а не меѓу политичарите. Потоа тука се реформите. Процесот на интеграција кон ЕУ не е само процес на формални чекори кон членство во Унијата, туку и домашна трансформација“, оценува Димитров.

Според него, одложувањето на еден процес, за нас не смее да значи прекинување на друг поважен процес.

-На крајот мора да работиме со нашите ЕУ сојузници, со цел земјите-членки што побргу да најдат сила да ги зашититат принципите што беа прекршени овојпат и за да ја убедат Бугарија да ги отстрани билатералните прашања од преговорите и да го ослободи пристапниот процес од политичко заробеништво во кое сега се наоѓа, вели Димитров.

Истакнува дека Европа мора да се води од сопствениоит пример и оти Унијата не е и не смее да биде само еден џиновски пазар. -Со децении слушаме дека ЕУ пред се е заедница на вредности. Ако тоа е така, тогаш не смее да се дозволи процесот на европски интеграции да се инструментализира против правата на македонскиот народ на самоопределување, дециден е Димитров.

Во врска со негативните реакциите на бугарската блокада во регионот, и какви се истите во земјава, Димитров рече дека во државава реакциите се слични дури и поостри. -Токму тој песимизам и претворање на еврофили во евроскептици, или дури и еврофоби, меѓу граѓаните, но и внатре меѓу политичките елити, е најголем проблем на овој неуспех на ЕУ, рече Димитров.

Посочува дека Балканот нема друг пат туку оној што води кон членство во ЕУ, но тој пат мора да биде отворен, мора да функционира, можност за напредок мора да постои, бидејќи противниците на овој напредок се неуморни и кај нас, но и во странство.

„Што повеќе Европа би ги исполнувала своите ветувања, толку сите во регионот повеќе ќе веруваме во неа. Ние видовме како една поранешна блокада (во Букурешт 2008 година – НАТО самитот на кој Грција наложи вето на тогашниот напредок на тогашна Република Македонија за членство во оваа организација), може да предизвика комплетна политичка деканденција и назадување кон тоталитаризам и национализам. Ни беше неопходна една цела деценија од тоа да се опоравиме, и се уште се бориме со тоа политичко наследство. Овојпат мора да одолееме на искушението свесно да ја прифатиме улогата на жртва. Водејќи зрела политика мора упорно да работиме на тоа да станеме победник“, заклучува вицепремиерот Димитров во интервјуто за српскиот магазин „Нин". 

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе