Состанок на „Отворен Балкан“

Димитров: Ветото од Софија не е само за нас, туку и за европската политика на Балканот

Не е фер да се критикува целата Европска Унија, ние имаме проблеми со една земја членка, а Европската комисија кажа дека доцнењето на процесот на евроинтеграција на Северна Македонија и Албанија го поткопува кредибилитетот на Европската Унија во целиот регион, порача вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров на прес-конференцијата во Белград по состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“.

Фото: Претседателство на Србија

„Ветото не е само за нас, туку тоа е вето и на европската политика на Балканот и на македонско-бугарското пријателство“, рече Димитров, одговарајќи на новинарско прашање.

Но, како што кажа, кога се зборува за регионална соработка, тука никој не може да стави вето.

„ Влоговите стануваат поголеми и влоговите не се само наши и само регионални. Можеби ЕУ сака да стане глобален учесник, но не смее да станува неуспех на регионално ниво. Ако ЕУ не може да дејствува во регионот не можат ни глобално“, изјави Димитров.  

Говорејќи за политичката состојба во Македонија рече дека на македонската политичка сцена имаме прилично сложена ситуација, но иницијативата „Отворен Балкан“ е навистина важна и не може да си дозволиме да бидеме отсутни.

„Ако директно ги поврземе резултатите од локалните избори со Владата, може да се каже дека владејачките партии освоија повеќе гласови од опозициските. И иако ова е хипотетички кажано, тоа значи дека граѓаните сакаат да одат напред, а тоа меѓу останатото значи и добрососедски односи и регионална соработка“, објаснуваше тој.

Тој исто така одговараше на новинарско прашање, дали по резултатите на локалните избори постои ризик за учеството на Северна Македонија во оваа иницијатива, имајќи предвид дека се можни предвремени парламентарни избори и доаѓање на сегашната опозиција на власт, чиј лидер, како што рече новинарката, се изјаснил против оваа иницијатива.

„Интересен е контекстот во кој го споменавте зборот ‘ризик’ и ‘лидер на опозицијата’, бидејќи и во мојата глава ризикот го поврзувам со лидерот на опозицијата. Но, треба да кажеме дека секогаш е добро да имаме конкуренција, за тоа кој може подобро.  Дури и ако некогаш дојде до промена на власта, што не е невообичаено, бидејќи сме демократија, ќе се следи волјата на граѓаните, а тоа е земјата да оди напред. Затоа не гледам некој брз ризик за мојата земја, Република Северна Македонија да излезе од оваа иницијатива“, изјави тој.

Според Димитров, за земјата е важно да биде во оваа иницијатива како дел и подготовка за европската интеграција. Регионалната соработка, како што рече, е мудар, вистински и европски избор“.

Димитров нагласи дека регионалната соработка не е алтернатива на европската интеграција, туку напротив оваа иницијатива е оригинален придонес од земјите од регионот во функција на европската иднина и Северна Македонија останува цврсто посветена на оваа стратешка цел.

„Регионалната соработка е мудар избор, регионалната соработка е правилен избор и регионалната соработка е европски избор. Единствената одржлива и долгорочна визија за стабилен, победнички Балканот е онаа каде што границите се помалку важни, па дури и до степен да станат неважни и затоа поттикнувањето на регионалната соработка преку инцијативата ‘Отворен Балкан‘ е голем чекор кон остварување на оваа визија. Значењето што Владата на Северна Македонија го придава на регионалната соработка и на оваа иницијатива мислам е потенцирано со фактот што сум јас тука денес во Белград во услови кога на македонската политичка сцена имаме една прилично комплексна ситуација, но оваа кауза е преважна и го немаме луксузот да не бидеме тука присутни и на оваа сесија од оваа иницијатива меѓу трите држави“, рече Димитров.

Тој на прес-конференцијата говореше и за конкретните заклучоци од одржаниот работен состанок, односно од лидерските средби и средбите со претставниците на компаниите.

„Од аспект на граѓаните на трите држави, па и на целиот регион на Балканот, голем плус е ако ги елиминираме трговските бариери и овозможиме регионот да стане многу поатрактивен за странските инвестиции. Од перспектива на земјите-членки на Европската Унија, колку повеќе успешно соработуваме ние тука, толку повеќе ќе ги убедиме дека сме регион што не може да носи проблеми, туку ќе носи решенија. Ние покажавме дека имаме политичка волја, мислам дека има сосема очигледни услови таа политичка волја да се претвори во легислатива таму каде е тоа потребно или меѓународни договори. Тоа што недостасува што на овој состанок го адресиравме е да ја зајакнеме имплементацијата. Нашата заложба е на следната средба кон крајот на годината во Тирана, да бидеме во можност да објавиме неколку заеднички победи, вклучувајќи и решение за спроведување, и колку повеќе ќе испорачаме заеднички победи, толку поатрактивна ќе стане иницијативата и за другите земји од нашиот регион“, рече Димитров.

Според него, регионалната соработка има поголеми шанси за успех ако е навистина регионална во инклузивна смисла и, како што рече, „многу е важно да остане иницијативата отворена за сите и мислам дека колку поконкретно и одлучно чекориме напред, толку ќе бидеме попривлечни и за другите земји и ќе паднат резервите“.

Во рамки на работниот состанок, во соработка со Атлантскиот совет беше организирана и панел-дискусија на тема „Дигиталната трансформација како подадена рака за регионална интеграција“ при што беше истакната важноста на дигитализацијата за унапредување на регионалната соработка преку платформата „Отворен Балкан“.

Следниот работен состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ е планирано да се одржи кон крајот на годината во Тирана и на тој состанок ќе биде направен преглед на остварувањето на обврските преземени на средбите во Белград овие два дена.

Легенда под Главна слика

Фото: Претседателство на Србија

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе