Предвремени парламентарни избори

Димитров: Силјановска да каже дали се залага за поништување на Преспанскиот договор

Кандидатот за пратеник и носител на листа на СДСМ во ИЕ1, Никола Димитров денеска ја повика неговата ривалка, Гордана Силјановска Давкова, која е носител на ВМРО-ДПМНЕ во истата изборна единица, да и појасни на јавноста дали се залага за поништување на Преспанскиот договор.

„Слушнавме во текот на викендот дека Гордана Силјановска ќе барала да се поништи Преспанскиот договор. Договор што го поддржаа речиси 610.000 македонски граѓани на рефередумот, што за да биде успешен не ни фалеа гласови за, туку против. Договор што го поддржаа две третини од пратениците во Собранието, што не зачлени во НАТО и ни ги отвори вратите за членство во ЕУ“, изјави денеска пред паркот „Жена борец" Димитров.

Како што истакна, името што сме го наследиле од нашите предци и што е константа во сите сложени имиња во историјата на македонската држава, е името и именката Македонија.

„Прво, по Втората светска војна како Демократска Федерална Македонија, во 46-та, Народна Република Македонија, подоцна од 63-та, Социјалистичка Република Македонија, па Република Македонија, во независноста, и сега Северна Македонија. Која е константата во сите овие сложени имиња – именката Македонија. Ниту сме ние Мадагаскар, ниту сме ние Маурициус или Монголија, уште помалку Скопје“, посочи Димитров, потсетувајќи на зборовите на медијаторот Метју Нимиц, оти по Преспа веќе никој не може да спори дека во Северна Македонија живеат Македонци кои зборуваат македонски јазик.

Димитров запраша дали тоа значи дека Силјаноска се залага да го поништиме Договорот што е гарант на македонската иднина, дека се залага да го симнеме знамето на НАТО од пред Собранието, да заборавиме на ЕУ и оти повеќе сакаме преплатени споменици и да ни се обраќаат со Поранешна југословенска Република Македонија.

„Дали вие г-ѓа Силјаноска сте подготвена за последиците од ваквиот чекор. Дали сте вие воопшто сериозни. Во слепиот занос за власт ќе рушите историски чекори што воопшто не ги разбирате. Со каква тоа неподнослива леснотија се дрзнувате да се расфрлате со вакви закани по македонската иднина. Зошто тогаш неодамна во ваш пост анализа се повикавте токму на Преспанскиот договор во одбрана на македонскиот јазик. Ако вашата понуда е поништување на Преспа, што им нудите на Македонците кои зборуваат македонски јазик како алтернатива за НАТО членството и за пристапниот процес со ЕУ“, рече Димитров.

Тој ја запраша својата опонентка, дали ако била пратеничка во досегашниот состав на Собранието како ќе гласала на прашањето на собранискиот спикер – дали сте за ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО.

„Разбирам дека Силјаноска често делува небаре се срами од партијата што ја кандидирала и чијшто носител е и јас би се срамел. Но, освен што не го познава Статутот, очигледно не ја прочитала ниту програмата каде ВМРО-ДПМНЕ сепак не се осмелува да отиде дотаму па црно-бело да напише дека ќе го поништи Договорот, гаранција за македонската иднина“, истакна Димитров, повикувајќи ја уште еднаш да појасни на јавноста дали се залага за поништување на Преспанскиот договор. 

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе