„Ќе нѐ биде и точка!“

Димитров: Сеирџиството и баналното ликување не помагаат, системот почна да се бори со криминалот

Министерот за надворешни работи Никола Димитров со пораката „никој не рече дека ќе биде лесно“ се огласи на неговиот Фејсбук профил по вчерашната акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција, во која беа приведени Бојан Јовановски познат како Боки 13 и бизнисменот Зоран Милевски Кичеец, осомничени за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари, како и оставката на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

„Можеме да тонеме во разочарување и очај и да ја храниме самопоразувачката енергија дека од нас не бидува ништо. Со мазохизам и неразбирлива радост да ги дочекуваме лошите вести. Чашата секогаш да биде полупразна: ‘Ти кажав, не бива од нас држава‘. Бидејќи, веста денес може да биде и ваква: системот, со сите маани, почнува да се бори со криминалот, без разлика од каде доаѓа. 
Дека ќе нѐ биде и покрај сѐ и заради сѐ. И заедно со сите кои не веруваат дека ќе нѐ биде. Дека борбата против криминалот никогаш нема да заврши. И ќе трае, оти е борба всушност на доброто против злото. На некој начин, таа борба, што мене како и многу други, ме вовлече во и кон политиката, е на самиот почеток. Дека ќе треба интегритет, пот, солзи и многу работа за да ги тргаме наталожените раскомотени криминални мрежи. Дека сеирџиство и банално ликување не помагаат, ниту дефетизам и ширење немоќ, бидејќи најлесно е да се откажеме сите. Помага само да засукаме ракави и сите да работиме до последно. Бидејќи знаете што е државата? Сите ние, сите граѓани до последен. И кога фрламе по државата, фрламе и по себеси. Ќе нѐ биде народе, тогаш кога секој во своето, ќе турка до последниот атом. Јас не дигам раце додека не нѐ биде. Не сме ние ништо понеспособен народ од кој било друг. Мегданот тоа да го покажеме и докажеме е токму тука, токму сега.

Ќе нѐ биде и точка!„, напиша Димитров.

 

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе