Заедничка македонско-бугарска комисија

Димитров: Резултатот од средбата е „нула“. Ѓоргиев: За бугарските колеги нивната вистина е апсолутна

Уште една неуспешна средба на Заедничката македонско-бугарска комисија на која историчарите не успеаја да излезат од ќор-скокакот. За бугарската страна резултатот од вчерашната онлајн средба е нула, за македонската разликата се состои во тоа што имаме различен пристап во претставувањето на настаните и личностите од средниот век.

Според копретседателот на Комисијата од македонска страна, Драги Ѓоргиев, застојот во работата на Заедничката експертска македонско-бугарска историска комисија датира од октомври 2019 година со донесувањето на Рамковната позиција на Бугарија за старт на преговорите со Северна Македонија.

Тој во изјава за Телма потврди дека на дводневниот состанок што се одржа онлајн, се разговарало за претставувањето на државата на цар Самоил во македонските учебници и дека не успеале да постигнат согласност да формулираат заедничка препорака за претставувањето на тој настан во учебниците.

„Разликата се состои во тоа што имаме различен пристап во претставувањето на настаните и личностите од средниот век. Тука имаме генерално многу различни пристапи во однос на бугарските колеги и инсистирањето настаните од 10. и 11. век да се претстават во перцепција на апсолутна вистина дека постои само една вистина за тој настан и таа личност. Од друга страна обидот да се претстави цар Самоил и неговото царство во сите негови различни толкувања во светската историографија остануваат главен проблем во разидувањата на македонската и на бугарската комисија“, рече Ѓоргиев.

Тој уште потврди дека работата на Комисијата е апсолутно надвор од секакви политички влијанија.

Неговиот бугарски колега, историчарот Ангел Димитров, пак, како што пренесе БГНЕС, коментираше дека „кога не сакаш да прифатиш основна формулација на самиот Договор за пријателство и добрососедство, односно дека има заедничка историја, тоа значи дека се сомневаш во примената на тој договор“.

„За да може договорот да живее, мора да се преземат чекори во сите области на интеракција. Нашата комисија е само една од нив. За жал, како граѓанин го кажувам ова, а не како човек кој е директно вклучен во други области, дека нема напредок“, додал Димитров.

Резултатите од ддводневаната средба ги оценил со нула.

„Успеавме речиси да го комплетираме записникот од 12-та средба, која беше на почетокот на годината. Ова е исто така симболично. Резултатот е нула. Резултати нема“, кажал Димитров.

Тој информирал дека за февруари 2022 година е закажана 17-та седница на комисијата, а за цела наредна година се закажани вкупно 5 состаноци.

„Денешната средба ја одбележа она што се случи на 8 декември. Тогаш слушнавме дека Свети Климент ја создал македонската духовност. Уште во 2018 година донесовме неколку препораки, меѓу кои и за Светите браќа Кирил и Методиј. Велат дека нивната работа се развила во Бугарија. Истото важи и за делото на Свети Климент. Ова се дел од малкуте завршени резултати. За нив знае политичкиот врв на Северна Македонија. На 8 декември се вратија на старото толкување. Во овој контекст се случи и нашата неплодна средба. Разговаравме за цар Самуил и повторно разговорите не дадоа плод. Заглавени сме во 10-11 век. Се плашам дека и следната година ќе биде тешка работата“, изјавил вчера Димитров.

 

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе