Димитров ќе учествува на конференцијата на „Економист“ во Атина

Во рамките на „23-та тркалезна маса со грчката влада“ организирана од „Економист“ во Атина, на панел дискусија посветена на предизвиците во надворешната политика, ќе учествува и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Конференцијата на „Економист“ започнува денеска, а Димитров ќе учествува на утрешната прва сесија на која ќе говори за Балканот по Договорот од Преспа и како енергетиката влијае на регионалната геополитика. Заедно со него, на панелот ќе учествуваат и алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, задолжен за европски прашања Милтиадис Варвициотис, шефот на кипарската дипломатија Никос Христодулидис, поранешниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос и амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат, јавува МИА од Атина.

Во текот на денешниот ден, на различни панел дискусии ќе учествуваат министри од новата грчка влада, шефот на ЕСМ Клаус Реглинг, но и поранешната помошничка државен секретар на САД Викторија Нуланд, поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани, поранешниот италијански премиер Матео Ренци. Вечер, на гала вечера, главен говорник ќе биде поранешниот министер за внатрешни работи на Грција, Алексис Харицис.

Вториот ден од дводневната конференција ќе започне со панел дискусијата за надворешната политика на која ќе учествува Димитров, а во текот на денот, на различни сесии свои обраќања ќе имаат и поранешниот и актуелниот грчки министер за одбрана, но и други министри.

Конференцијата на „Економист“, односно „23-та тркалезна маса со грчката влада“ ќе заврши со гала вечера на која свое обраќање ќе има министерот за развој и инвестиции на Грција, Адонис Георгиадис.

 

Интернационалистички, универзалистички и солидарен пристап е единствениот начин да се надмине еколошката и климатска криза, во регионот и пошироко.

повеќе

Мора да се пристапи кон воведување нови мерки за поголема контрола на лицата кои поседуваат нелегални пари.

повеќе

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе