Посета

Димитров-Хависто: Финското претседателство со ЕУ да го паметиме по одлука за почеток на преговори

Проширувањето е важен чекор напред во Европската унија и се надевам дека оваа есен ќе биде донесена одлука Северна Македонија и Албанија да почнат преговори за членство во ЕУ. Сведоци сме колку важни чекори направи вашата Влада, ги следиме сите настани особено во областа на владеење на правото, има отворени случаи и работиме на нив, порача министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хависто, кој е во посета на земјава на две недели пред одлуката од Советот на ЕУ за почеток на пристапни преговори со државава.

Хависто, на заедничката прес-конференција со министерот Никола Димитров, рече дека ставот на Финска како претседавач со ЕУ е да почнат преговори, но потсети дека во процесот на носење одлуки се почитуваат ставовите на сите други држави членки на Унијата.

„Знаеме дека германскиот Бундестаг донесе позитивна одлука и мораме да почекаме сѐ додека сите држави членки на ЕУ не ја заокружат својата позиција за проширувањето“, изјави Хависто, додавајќи дека е потребно време да се заокружат односите особено во однос на Србија и Црна Гора, како и дека Брисел е преокупиран со многу работи како Брегзит, бегалската криза.

Неговата оценка е дека ЕУ понекогаш се движи многу побавно од очекуваното, и во неа понекогаш има проблем со владеење на правото и почитување на европските вредности.

Тој не одговори дали е оптимист или песимист за стартот на преговорите, но рече дека дебатата за пристапување на Северна Македонија и Албанија се интензивира во Брисел и оти има многу позитивни коментари.

Димитров пред медиумите кажа дека се надева оти Финска ќе ја паметиме како држава за време на чие што претседателство со ЕУ сме добиле одлука за почеток на пристапни преговори.

„Таа одлука ќе биде заеднички успех и важно охрабрување да продолжиме по патот што одамна го зацртавме -да си ја средиме куќата и Северна Македонија да  ја направиме модерна европска демократија“, рече Димитров.

Со оглед на тоа што има уште 14 дена од состанокот на Советот за општи работи каде што се очекува важна позитивна одлука за пристапните преговори, тој изјави дека со Хависто разговарале и ги споредувале впечатоците во однос на ставовите на земјите членки. Димитров ја презентирал, како што рече, нашата убедлива приказна и во однос на евроинтеграцијата и во однос на добрососедските односи, контекстот колку време чекаме, од  кога почнавме да одиме по патот и влогот што значи позитивна одлука за нас, за регионот и за ЕУ, и што би значело негативна одлука.

Одговарајќи на новинарско прашање што ќе значи отворањето пристапни преговори за граѓаните, Димитров забалежа дека работите нема да се сменат преку ноќ, но оти ќе почнеме процес во којшто ќе имаме поддршка и фондови за европски начин за живот во државата.

„Ќе има преговори  организирани во повеќе поглавја, со фокус за повеќе надеж, напредок и економски раст. Ако успешно го завршиме тој процес младите нема да мора да одат во Германија по европски начин на живот, туку тоа ќе го имаат дома. И немаме баш алтернатива и сами да сме тоа мора да го правиме, меѓутоа ако сме во процесот ќе имаме длабок мониторинг во сите области од администрација, правосудство, особено клучно ќе биде поглавјето 23 и 24. Ред, нормалности и правна држава. Практично ќе добиеме конкретна шанса и финансиска поддршка да си ја направиме земјата европска“, наведе Димитров.

Со неговиот фински колеа разговарале и за интересот на земјава за твининг проекти од областа на животната средина и за поголема соработка во образованието, како област во која што може да се научи многу од Финска.

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе