Јавна расправа за законот за надворешни работи

Димитров: Дипломатскиот мандат во странство е чест, но не е награда за чисто политикантски ангажман

Реформа на дипломатската служба, модерна, неутрална и професионална дипломатија ослободена од политиканство, напредување врз основа на мерит системот, разграничување на дипломатската од административната служба, се само дел од новите предлози во нацрт-текстот за предлог законот за надворешни работи, за кој денеска имаше јавна расправа во МНР.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во образложувањето на нацрт-текстот на законот за надворешни работи, рече дека тој има за цел реформа на дипломатската служба за нејзина целосна професионализација и приближување кон европските текови за современи дипломатски служби на мала држава.

„Се тежнее кон надминување на одредените слабости на постојниот закон, преку градење политички неутрална дипломатска служба со што ќе се овозможи зајакнување на капацитетите на Министерството во насока на функционирање согласно Виенските конвенции и другите меѓународни договори, да се надминат слабостите во кадровската политика со која се соочува Министерството, да се изгради модерна и ефикасна дипломатија, која ќе може да биде соодветен соговорник со светската дипломатија“, рече Димитров.

Според него, со нацрт-текстот се оди во насока на правичност, рационалност со оглед на буџетските можности и ориентираност кон иднината. Димитров информираше дека МНР има вкупно 432 вработени од кои 290 во куќата, и 142 во дипломатско конзуларните претставништва (ДКП). 

„Буџетот на МНР е 21 милиони евра или 0,58 проценти од вкупниот буџет на државата. Апелот што вчера оттука го упатив не претставува каприц, туку може да биде поткрепен компаративно, со фактот што најголемите достигнувања во изминатиот период релевантни меѓународни извори ги лоцираат пред се на надворешно-политички план“, рече Димитров.

Посочи дека првиот закон за надворешни работи е донесен во 2006 година и до 2015 година е дополнуван во пет наврати.

„Дополнителна конфузија на целокупниот систем е создадена со паралелна примена на Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавен сектор, Законот за работни односи, кои не секогаш ја земаат предвид специфичноста на дипломатската професија и не секогаш се применливи во пракса“, појасни тој.

Со новиот закон, додаде, се предвивува разграничување меѓу дипломатската од административната служба во Министерството.

„Со законот се предвидува воспоставување на три категории вработени: дипломати кои ги остваруваат правата и обврските во работен односно согласно Законот за надворешни работи, а за прашањата кои не се уредени со овој закон ќе се применува Законот за работни односи; административни службеници (стручни и помошно-стручни службеници) за кои ќе важат законите за администрацијата и помошно-техничките лица кои ги остваруваат правата и обврските од работниот однос согласно Законот за работни односи“, рече Димитров.

Тој додаде дека друга позначајна новина е во насока на зголемена професионализација и заштита на достоинството на професионалната дипломатска фела.

„Дипломатскиот мандат во странство не е награда. Тоа е чест, но во никој случај не награда за чисто политикантски ангажман, сфатена единствено како уживање на привилегии. Напротив, на професионалците кои одговорно и совесно ја извршувале оваа должност, им е сосема јасно со какви предизвици и обем на работа се соочени при извршување на мисијата во странство. Ако првичниот Закон предвидуваше две третини од амбасадорите да се именуваат од кариерните дипломати вработени во Министерството, со измените од 2008 година овој сооднос во поддршка на професионална дипломатија се девалвираше на една четвртина“, рече Димитров.

Актуелните законски одредби од 2015, потсети, предвидуваат најмалку една третина од вкупниот број на шефови на дипломатско-конзуларни претставништва да се именуваат од редот на дипломатско-конзуларните службеници.

„Навидум мало придвижување на бројката во правилна насока, но не ако се има предвид и праксата во тој период на вработувања на директно високи позиции во Министерството на лица кои набрзо потоа биле именувани за шефови на ДКП под превезот на кариерни дипломати. Затоа една од поклучните промени која сакаме да ја воведеме со новиот закон е зголемување на соодносот на 80 отсто од шефови на ДКП во прилог на кариерните дипломати. Ваквиот тренд е и на линија со праксата во други земји членки на ЕУ и многу пошироко од тоа“, рече Димитров.

Тој додаде дека дополнително се ограничува и бројот на вработувања на лица со договор или по пат на мобилност, т.н. преземање во рамките на предвидениот максимум еден процент од бројот на вработени во седиштето на МНР во текот на календарска година и истите мора да имаат релевантно искуство од најмалку пет години во областа на надворешната политика, меѓународните политички и економски односи и меѓународното право.

„Целта е да се затвори малата врата која што изминативе години била направена прилично широка и голема, можеби повеќе и од големата врата – редовно вработување во министерството“, рече тој.

Според него, намерата за зголемена професионализација е евидентна и преку акцентот врз релевантното искуство, воспоставените механизми, критериуми и оценувањето, кој е ставен во повеќе одредби кои го регулираат движењето и унапредувањето во дипломатската служба. Со новиот закон, како што кажа, се предлага формирање на тело Колегиум кое има надлежности во спроведувањето на насоките на политичкото раководство за остварување на стратешките цели на надворешната политика, но и заземање ставови и политика за управување со човечки ресурси. Колегиумот ќе биде составен од министерот и заменикот, државниот секретар и четири генерални директори од редот на искусни и високи дипломати.

„Еден од проблемите на актуелниот закон заради кои што не се имплементира соодветно е автоматското унапредување на сите нивоа. Решението што се нашло е да не се одржуваат обуки, практично да се сторнира или да се забави имплементацијата на актуелниот закон. Притоа, овој закон, консултирајќи многу пријателски држави, дел земји членки, дел земји во пристапниот процес одлучивме по автоматизам да се стига до нивото на советник, така што секој што ќе се вработи во ова министерство ќе може, во секој случај има и брза насока и редовна насока да стигне до нивото на советник“, рече тој.

Дополни дека за местото над советник личноста ќе треба да се истакнува и за високите позиции ќе треба да добие поддршка од Колегиумот, што смета дека е пофер ако се земе предвид мерит системот, кој, како што рече, мора да наградува работа.

„Тие што се во МНР и во оваа куќа добро знаат дека директорите вообичаено се борат да ги добијат луѓето што носат товар и што си ја вршат работата и главно битката е насочена кон една иста група дипломати. И затоа законот се обидовме да го поставиме така за да наградува и мотивира работа“, заклучи шефот на дипломатијата.

Поранешниот министер за надворешни работи Александар Димитров предлага во нацрт-текстот да се предвиди и системот на ветинг.

„Тоа ќе биде неопходно бидејќи имаше многу случаи на нерационални трошења, финансиски или други скандали, обвнинувања за афери и обиди за корупција, и поради тоа мора да се предвиди во идниот закон“, појасни тој.

Истакна дека е добро што се воведува внатрешна контрола и смета дека е одлично е решен системот на раководење.

Во врска со членот 1, смета дека треба да има нова точка 3, да се одвојат видот и начинот на отворање и затворање на наши ДКП-а и странски ДКП-а, како и тоа дека законот не може да решава за видот на странските претставништва кои би се отвориле во земјата.

„Морам да укажам дека битна промена што се прави со овој закон која може да создаде политички турбуленции. Имено со овој нацрт се предлага само Владата да ја утврдува надворешната политика, тоа е во член 7 алинеја 1, додека претседателот на републиката ќе учествува во креирање на надворешната политика, тоа е член 5 алинеја 3, а Собранието, за разлика од постојниот закон, сега се предвидува да учествува во спроведувањето на надворешната политика на РСМ. Тоа е битно отстапување од досегашните уставни поделби на власта и практично Собранието, да се сведува само на спроведувач на надворешната политика и не знам како тоа ќе помине во понатамшните расправи“, вели Димитров.

Во врска со членот 66 точка 4, во кој се наведува кој се може да биде шеф на ДКП, во делот каде што се наведува дека некариерен дипломат може да биде и афирмирана личност Димитров предлага тука да се додаде дека може да бидат и афирмирани новинари, уредници и непартиски личности. За него е спорно, што се предвидува само три месеци обука предвидени за некариерните дипломати.

Претседателот на Синдикатот на македонската дипломатска служба Рефет Ајдари, ја поздрави одлуката да се донесат дополнувања на Законот за надворешни работи, истакна дека поддржуваат многу одредби и членови, но и забелешки на одредени членови, кои ќе ги достават до ЕНЕР и на посебната електронска адреса на МНР каде ќе можат да се внесат сугестии, коментари и забелешки.

„Имаме забелешки во однос на одредени рокови за стекнување со дипломатски звања, како и во категоријата на колегите со административни звања кои сега ќе останат под капа на Законот за државни службеници, наш предлог ќе биде и тие да се дел од законот за надворешни работи, и ќе предложиме тие да бидат третирани како дипломатско-конзуларни референти“, рече тој.

Ајдари рече дека имаат забелешки и по однос на објавување на конкурсите при упатување на колегите во ДКП-та, во однос на тестирањето на познавањето на странски јазик, кои, како што рече, ќе ги достават на ЕНЕР.

Претседателот на Македонскиот дипломатски синдикат Зоран Дабиќ смета дека овој нацрт-текст е задоцнет и оти бил креиран во затворен круг вработени во нетранспарентна постапка, при што останатите вработени не биле воопшто вклучени.

„Имаме повеќе од 30 забелешки на закон кој има 120 члена. Законот по својот карактер е доминантно рестриктивен, пререгулиран и уредува едно силно централизирано авторитарно министерство. Има многу слабости, а катастрофален е по својата нестручност“, вели Дабиќ.

Според него, тој спречува односно забавува навремено кариерно напредување на дипломатите со бескрајни поставени рокови и прави поделби поради начинот на кој го дели дипломатскиот персонал од недипломатскиот, односно административниот персонал.

Тој смета дека со нацрт-текстот има негрижа за вработените во Министерството кои се со средно училиште, на кои не им се регулираат многу работи во врска со нивното патување во странство, вклучително и здравствено осигурување, надомест во случај на смрт и слично.

– Поддржуваме професионализација, се залагаме како синдикат за професинализација, но се залагаме и за подобра имотна и благосостојба на нашите вработени. Бараме инклузивен и транспарентен  процес за изготвување на нов закон“, вели Дабиќ.

Нацрт-текстот на предлог законот за надворешни работи е објавен на Енер, а сите забелешки, коментари и предлози ќе можат да се наведат и на посебна електронска адреса која Министерството ја креира за оваа намена.  

МИА

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе