Заладување на релација Скопје - Софија

Димитров денеска во Софија ќе го решава „проблемот“ со Гоце Делчев

Чиј е Гоце Делчев? Ова е темата која последниов период е причина за заладување на односите на релацијата Скопје - Софија. Продолжуваат преписките меѓу Македонија и Бугарија за Гоце Делчев, за тоа дали бил Македонец или Бугарин. Паралелно со ова одат и заканите од бугарските политичари за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Македонскиот министер за надворешни работи денеска ќе биде во Софија.

Никола Димитров,шефот на македонската дипломатија денеска во Софија во рамки на Црноморската иницијатива ќе се сретне во високи политички претставници на Бугарија. Една од темите ќе биде и ставот на двете држави за Гоце Делчев како историска личност и изнаоѓање на заеднички прифатливо решение. Димитров синоќа во „Само вистина“,  емисијата на ТВ Канал 5, рече дека изминатиот викенд читал оригинални писма од деецот, што најверојатно му послужиле како аргументи за подготовка пред денешното заминување во Бугарија.

Димитров веќе рече дека Македонија и Бугарија не треба да градат непријателства околу ликот и делото на Делчев, по замерките во политичките кругови кај источниот сосед дека Бугарија може да изгради негативно гледиште кон евроинтеграциите на Македонија доколку не се најде заеднички-прифатливо решение, иако веќе е потпишан договорот за добрососедство во 2017.

„Во времето на нашиот херој Гоце Делчев ние не сме имале држава и тој учествувал во еден огромен темел на нашата државност, во создавањето на политичката нација, што е многу блиску до создавањето на етничката идентификација. Изминатиот викенд најдов една архива и читав оригинални писма од Гоце Делчев што ги испраќал до Никола Малешевски и другите соборци. Тој бил неверојатен визионер и уште во тоа време во „Гоцевиот устав“ барал борба со т.н. тиранија, а не со Османлиите. Неговото визионерство може да ни служи како мост со Бугарија“, рече шефот на македонската дипломатија синоќа во телевизиското гостување.

Во меѓувреме продолжија преписките меѓу Македонија и Бугарија за Гоце Делчев, односно неговиот идентитет. Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски вели дека интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ ќе мине низ патот на признавање на вистинската историја.

„Ние ги поддржавме за членство во НАТО. Го направивме неопходниот геополитички чекор. Поддржавме братски народ, братска држава. Но од тука, па натаму, евентуалните преговори на членството на Македонија во ЕУ поминуваат низ демонтирање на фалсфикуваната историја за македонска државност. За нас нема дилеми. Македонската нација има свој роденден. 2 Август 1944 година, манастир Прохор Пчински“, рече Џамбаски.

Тој смета дека треба да се поздрави изјавата на македонскиот претседател Пендаровки, за тоа дека признал дека Гоце Делчев е Бугарин, но и додаде: „Гоце Делчев не се борел за никаква независна Македонија. Во времето кога живее Георги Николов Делчев, таков поим – „независна Македонија“, не постои“. Нема да дозволиме грст србомани да злоупотребуваат и да ни се качуваат на глава, изјави Џамбаски.

За премиерот на Бугарија Бојко Борисов, Гоце Делчев е бугарски херој, кој сѐ што имал жртвувал за слободна Македонија. Пред една недела и министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева рече дека нема да прави компромис со вистината и дека од Македонија не сака ништо повеќе освен вистината.

„На истиот начин Че Гевара, кој што по националност е Аргентинец, заминал да се бори за слободата на Куба, а потоа загинал за трета држава. Наместо тие херои со својата саможртва да нѐ прават горди сите, да нѐ обединуваат, да нѐ прават посилни, стануваат јаболка на раздорот. Не можам да разберам“, рече Борисов.

Експертите од заедничката македонско-бугарска комисија допрва треба да одлучат како заеднички ќе се чествува Делчев и што ќе пишува за него во учебниците.

Поранешната министерка за култура Ганка Цветанова му одговари на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.

Цитирајќи информации на престижен германски институт за состојбата во Бугарија, Цветанова бара од Џамбаски да не се занимава со Македонците туку да се обиде да го подобри животот на Бугарите.

„Во услови кога e најсиромашна држава во ЕУ, 40% од младите до 15 години не умеат да прочитаат едноставен текст, а 2/3 од населението од 25-64 години не знае да користи компјутер, за Џамбаски е побитно да биде националист/популист отколку да сработи нешто за доброто на својот народ”, му пишува Цветанова на Џамбаски.

Катастрофалните податоци што ги цитира Цветанова се дел од анализата на Berlin Institute for Population and Developmnet, базирана на податоци од европски истражувања.

 

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе