Димитров-Чавушоглу: Ние сме природни сојузници, а сега веќе ќе бидеме партнери и во НАТО

Ние сме природни сојузници, а сега веќе ќе бидеме партнери и во НАТО, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу на денешната заедничка прес-конференција со неговиот домаќин министерот Никола Димитров.

„Со Македонија уште пред да биде поканета во НАТО имавме природно сојузништво и во сите официјални документи на НАТО каде се споменуваше Македонија беше истакнато дека ја признаваме земјата под уставното име. И во понатамошниот период нашата поддршка ќе продолжи. Националното Собрание на Турција го ратификува Пртоколот за членство во НАТО пред мојата посета и за тоа сме особено среќни. Поради изборите имавме доцнење, но сега тој процес е завршен, а откако ќе продолжи и во другите земји се надевам дека Македонија и официјално ќе биде членка на НАТО што е од суштинско значење за регионот“, рече Чавушоглу.

Тој изрази поддршка и за евроинтеграцијата на земјата и кажа дека се надева оти Македонија во октомври ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ. Исто така, ја најави и посетатата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на нашата земја која е во подготовка.

Министерот Димитров се заблагодари на Турција за ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО.

„Тоа не менува ништо суштиски, бидејќи ние сме сојузници уште од првиот ден на нашата независност, но сега и формално, а наскоро како идна членка на Алијансата ќе станеме и во таа смисла сојузници со пријателска Турција“, рече Димитров.

Тој се заблагодари на Турција и за проектот за дигитализација на архивот на нашето МНР реализиран со поддршка од турската агенција за соработка и развој – ТИКА, кој денеска во просториите на Министерството беше пуштен во употреба. Со дигитализацијата ќе се овозможи пристап до архивите и нивна достапност за научни истражувања.

Во однос на економската соработка Чавушоглу оцени дека трговската размена континуирано расте, но потребни се уште напори да се постигне зацртаната цел таа да дистигне вредност од една милијарда долари, а во тоа помагаат, додаде и околу 100 турски компании кои инвестирале во земјава. ТИКА, како што кажа, во земјава досега реализирала 900 проекти со вредност од околу 100 милиони долари.

Чавишоглу вчера во Скопје присуствуваше на одбележувањето на тригодишнината од неуспешниот обид за државен удар во Турција. Во тој контекст турскиот министер за надворешни работи се заблагодари на народот на Македонија, за  поддршката и солидарноста со Турција во тој период. Нагласи дека ФЕТО е терористичка организација, која со својата мрежа во 160 држави во светот е закана и за нашата земја и рече дека очекува конкретни чекори во насока на нивните барања за ФЕТО.

Во рамки на дводневната официјална посета на Република Северна Македонија, министерот Чавушоглу се сретна и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, а треба да има средба и со премиерот Зоран Заев.

Фото: МИА

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе