Бледски стратешки форум

Димитров - Церар: Европскиот наратив за малите земји е нашата перспектива

Maкедонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров денеска на почетокот од 14-от Бледски стратешки форум оствари билатерална средба со домаќинот Миро Церар, министер за надворешни работи на Република Словенија, на која беа потврдени традиционално блиските и пријателски односи меѓу двете земји.

„На средбата, министерот Димитров детално го информираше својот словенечки колега за изгледите и перспективите на евроинтегративните процеси на Северна Македонија, во светло на добивање позитивна одлука на Советот на ЕУ, во октомври. Во тој контекст, МНР Димитров истакна: 'Конзистентната поддршка од Словенија и соработката на овој план е симбол на искрено пријателство и споделена европска визија. Словенечката приказна за европскиот успех е пример за целокупниот процес на проширување. Словенија беше првенец во тој контекст и инспирација за нас да целиме повисоко за да ги постигнеме нашите европски идеали. Благодарен сум и особено ја цениме вашата постојана поддршка и пријателство'.

На средбата беа разменети мислења и за актуелните политички случувања во земјата, за важноста од владеење на правото како гаранција за сигурноста на демократскиот пат, особено за земји како Северна Македонија и Словенија. Во таа смисла, министрите Димитров и Церар се согласија дека европскиот наратив за малите земји е нашата перспектива. Владеењето на правото и почитувањето на правниот поредок е нашата заштита во процесот на забрзана интеграција. Тие исто така се договорија за продолжување на поддршката и блиската, пријателска комуникација во сите сфери на заедничка соработка.

На маргините на Форумот,  Димитров денеска ќе се сретне со Метју Палмер, специјален пратеник на САД за Балканот и со генералниот директор за политички прашања во британскиот Форин Офис, Ричард Мур.

Утре Димитров ќе се обрати на панелот насловен „Западен Балкан - европеизација, демократизација, споделена одговорност“, на кој ќе се осврне на европските перспективи на Република Северна Македонија.

Овогодинешното мото на Форумот гласи „Ресурси/извори на (не)стабилност“/(Re)sources of (in)stability, а дискусиите се посветени на улогата на ресурсите/изворите во контекст на мирот и безбедноста, одржливиот развој и економскиот напредок“, соопшти Министерството за надворешни работи на Македонија.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе