Вицепремиерот во дискусија во Мадрид

Димитров: Бугарската блокада е инвестиција во антагонизам, не придонесува за пријателство

„Бугарската блокада е инвестиција во антагонизам наместо во пријателство, како што потврдува и истражувањето од бугарскиот тинк-тенк објавено деновиве, кое покажува дека говорот на омраза по социјалните мрежи, за којшто обвинува официјална Софија, всушност e потхранет токму од нивното вето“, рече вицепремиерот Никола Димитров во рамки на дебата за проширувањето на ЕУ со земји од Западен Балкан што се одржа во Мадрид. Без почитување на нашето достоинство, тешко е да бидеме пријатели, додаде Димитров.

"Блокирањето на евроинтегративниот пат дефинитивно не е помагање и е спротивно на членот 2 од нашиот договор, додека пак од страна на Северна Македонија не постои такво прекршување. Ние како политичари се договоривме да обезбедиме предуслови за успех на Комисијата за историски и образовни прашања, тие имаа повеќе средби и беше предложена и странска експертиза и помош за нивната работа. Со овој договор започнавме еден важен процес што некако беше исфрлен од колосек од причини кои сѐ уште се неразбирливи“, ги информира Димитров учесниците на дебатата за спорот што го наметна Софија.

Тој објасни дека во нацрт-преговарачката рамка што сè уште е на маса, има еден технички параграф што е ист за сите земји кандидатки кои отпочнуваат преговори и предвидува превод на правото на Унијата на сопствениот јазик – во нашиот случај македонскиот јазик, за да се овозможи соодветно функционирање на Унијата во согласност со нејзините правила и принципи откако земјата ќе стане членка.

„Оттука, ова прашање се третира како прашање на самоопределување, како што е уредено со меѓународното право бидејќи нема правна основа и не е пристојно ниту една земја во светот, вклучително и за самата Унија, да признае или да не признае јазик. Јазикот е прашање за нашиот народ, според меѓународното право", рече Димитров кој се осврна и на обидите за надминување на овој проблем.

„Бугарската страна покрена пет прашања од билатерален карактер, како услов за зелено светло од Софија, но на средбите во Брдо пак, Бугарија не можеше да го потврди овој свој став. Не може да се прави вештачка разлика помеѓу оваа билатерална патека и преговарачката рамка, мислам дека ако одиме согласно португалскиот предлог, односно предлогот застапуван од триото претседателства, почнувајќи од Германија преку Португалија до Словенија како актуелен претседавач, може да се најде разумно решение", рече вицепремиерот.

Димитров оцени дека бугарската блокада е инвестиција во антагонизам наместо во пријателство, како што потврдува и истражувањето од бугарскиот тинк-тенк објавено деновиве, кое покажува дека говорот на омраза по социјалните мрежи, за којшто обвинува официјална Софија, всушност e потхранет токму од нивното вето.

„Кога покрај петте прашања го поставувате и прашањето за дискриминација, а ние навистина немаме таков случај, па го покренувате прашањето за пописот - а ние ги немаме резултатите од тој попис, тогаш изгледа вие креирате мета во движење“, оцени тој.

Според Димитров, без почитување на европските вредности нема смисол евроинтеграцискиот напредок.

„Ако не го почитувате туѓото достоинство, навистина е тешко да сме пријатели.
Ако предусловот за придвижување кон Европа не е во согласност со европските вредности и ако сме условени со македонскиот јазик, тогаш, сум го кажал ова и кај нас, за мене е подобро да не постигнеме напредок кон ЕУ, бидејќи тогаш тоа не е зачленување во заедница на вредности. Не можете да создадете антиевропски услов и да го претставувате како критериум за една земја да се приклучи во ЕУ и секако не откако ја искачивме големата планина – проблемот со името. Решението со Грција беше можно, ние ја додадовме придавката Северна, само затоа што Грција ги прифати нашето право на  самоопределување и македонскиот јазик како македонски", рече Димитров во рамки на дебатата во Мадрид на која учествуваа  шпанскиот претставник во Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) Хуан Гонзалез Барба, претседавачот со ГАК Гашпер Довжан, министерката за европски прашања на Србија Јадранка Јоксимовиќ, како и високи претставници за надворешни и европски прашања од Албанија и Црна Гора.

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе