Поттикнувањето на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан" продолжува на работен состанок во Белград на 3 и 4 ноември на кој што во име на Владата на Република Северна Македонија ќе учествува заменик претседателот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, соопшти кабинетот на вицепремиерот.
Агендата за работниот состанок што се организира во соработка со Атлантскиот совет, опфаќа панел дискусија на тема „Дигиталната трансформација како подадена рака за регионална интеграција" на која ќе бидат усвоени заклучоци, а потоа ќе биде одржана и прес-конференција.
„Предвидени се лидерски средби и средби со претставници на компании од Северна Македонија, Албанија и Србија на кои што ќе биде разговарано за олеснување на трговијата“, пишува во соопштението.
Инаку, премиерот Заев учеството на состанокот во Белград го откажа ден по вториот круг од локалните избори кога изјави дека поднесува оставка од функциите претседател на Владата и претседател на СДСМ.