„Сакам да се заблагодарам во оваа прилика на сите кумановчани кои денес успеаја да се одважат и да излезат на избори, да се заблагодарам на секој еден добиен глас. Тоа е уште една обврска плус. Успеавме да победиме со еден лаптоп, со еден фотоапарат и со многу граѓанска поддршка. Благодарен сум на сите за наше Куманово. Сакаме заедно од граѓаните и со граѓаните да работиме за нашиот град. Од Куманово почнале големи општествени промени. Во Куманово победивме со гласовите на граѓаните, а не ги делиме на политичка партија. Благодарам на сите политички субјекти кои дадоа поддршка на сите", рече Димитриевски.
Неговиот противкандидат од СДСМ Оливер Илиевски вечерва, по завршување на гласањето од вториот круг на локалните избори, ја призна победата на Димитриевски.
Димитриевски освои 25.587 гласови од граѓаните, додека пак кандидатот од редовите на СДСМ Оливер Илиевски освои 19.468 гласови. Со овој резултат, Димитриевски заедно со граѓаните ги победи сите политички партии во Куманово.
Во првиот круг, граѓанската иницијатива „За наше Куманово" издвојува победа над кандидатите за градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Тони Михајловски, Алијанса за Албанците и Алтернатива Беким Салиу, како и кандидатката од ДОМ и ЛДП Теодора Димитровска.