Внатрепартиски избори

Димитар Ковачевски е новиот претседател на СДСМ

Со огромно мнозинство од гласовите на регистрираните членови на СДСМ, Димитар Ковачевски е избран за нов претседател на партијата, соопшти претседателката на изборната комисија Викторија Мадиќ.

На денешните избори на 194 гласачки места гласале 44.406 членови на СДСМ, односно 86,5 отсто од регистрираните членови.

Ковачевски доби 37.649 гласови, кандидатката Фросина Ременски освои 2.836 гласови, а за третиот кандидат Јован Деспотовски гласале 3.319 членови на партијата.

Неважечки се 602 гласачки ливчиња.

„Вечерва СДСМ е победник, одржа уште една лекција од демократијата. Сакам да ви се заблагодарам што гласавте за нов лидер на партијата. Што гласавте за мене, што ми дадовте поддршка", рече вечерва Димитар Ковачевски, новиот претседател на СДСМ. Тој им се заблагодари и на двајцата противкандидати, Фросина Ременски и Јован Деспотовски.
„Наша е одговорноста за се што ќе се случува во партијата но и во државата. Ни треба силен и обединет Социјалдемократски сојуз. Ние сме столб на прогресивниот дел од општеството", рече Ковачевски и додаде дека од утре мора да ги засукаат ракавите и да се фатат за работа.
Тој му се заблагодари на досегашниот претседател на СДСМ, Зоран Заев, кому му беше фаворит на овие избори.
„Дозволете ми да му се заблагодарам на досегашниот претседател Зоран Заев. Со неговата храброст сите не мотивираше и инспирираше. Заедно со граѓаните го сруши режимот на Груевски, ја внесе државата во НАТО, нѐ научи што е партиско другарство, ни остави аманет да го продолжиме патот на демократскиот развој. Вечерва завршуваме со ветувањата, од утре почнуваме со реализиација. Многу работа за да ја вратиме довербата на граѓаните и на членството", рече Ковачевски.
Инаку, Ковачевски е актуелен заменик министер за финансии.

 

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе

Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

повеќе