Во Штип на гласачкото ливче со реден број 1 ќе биде Симон Поликарт од Интегра, со број 2 ќе биде Сашко Николов од СДСМ, под реден број 4, Гоце Ангелов, од Коалицијата Иднината во наши раце, Трајчо Митев, предложен од група избирачи под број 5 и Лазар Наумов од ТМРО ќе биде со реден број 7.
Кандидати за градоначалник на Пласница се Алија Јахоски од ДУИ, кој на глаачкото ливче ќе биде под реден број 3, и Рамазан Шерифовски од Движењето за национално единство на Турците, кој биде со реден број 6.
Локалните избори за градоначалник во Штип и Пласница ќе се одржат согласно мерките и протоколите за заштита од ковид-19 што се применуваа за последните парламентрани избори што се одржаа во јули при што ќе важат и истите упатства за спроведување на изборите со одредени модификации, со оглед дека ова се избори за градоначалник.
Локалните избори за градоначалник ќе се одржат на 13 декември, а два дена претходно треба да гласаат лицата со ковид-19 или со самоизолација кои најдоцна до 4 декември треба електронски или преку поломошник да се пријават до ОИК за гласање.
Како што пренесува МИА, имајќи ги предвид големите бројки на заболени и трипати повеќе на оние што се во изолација, челновите на ДИК биле во дилема дали за Штип да се формираат четири или пет посебни избирачки одбори составени од медицински лица кои ќе го спроведат гласањето меѓу лицата со ковид или во самоизолација. Сепак, како што соопшти потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, која ја водеше седницата, избрани се членови за пет посебни избирачки одбори, но оваа бројка може да се намали или да се зголеми кога ќе се види колкумина ќе се пријават за гласање.
Избирачкиот список за овие избори ќе биде заклучен на 20 ноември, а кампањата ќе започне на 21 ноември. ДИК ги повика учесниците на изборите на фер и демократски избори со почитување на мерките за заштита од ковид-19.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на локалните избори во Штип и Пласница.