четврток, 28 март 2024

Изречена е првата осудителна пресуда во Македонија за говор на омраза кон ЛГБТ заедницата

Основниот суд во Неготино одлучувајќи по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци, а по кривична пријава од Квир Центарот, против С.М. од Демир Капија, за сторено кривично дело ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем донесе пресуда дека обвинетиот е виновен за делото за кое се товари. Ова е прва осудителна пресуда во судската пракса на Македонија со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација.

Објавено на

часот

Сподели

С.М. кој сега е неправосилно осуден на казна затвор, во јули минатата година, на социјалната мрежа фејсбук под споделена медиумска содржина напишал два коментари со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, во кои се повикува на насилство кон оваа маргинализирана група, соопштија од Квир Центарот.
„Со ова, тој сторил кривично дело ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, па судот му изрекол алтернативна мерка – условна осуда, казна затвор во траење од една година. Утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело“, информираа од Квир Центарот.
Од Центарот велат дека ова е прва осудителна пресуда во судската пракса на Македонија со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, иако уште од февруари 2014 година со измените и дополнувањата на Кривичниот законик, говорот на омраза е класифициран како кривично дело, па оттаму се забранува и казнува говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа.
Според Кривичниот законик, за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидена е казна затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа, вклучително врз основа на припадност на маргинализирана група.
„Скопскиот Квир Центар ја поздравува одлуката на судот кој демонстрираше дека сериозно го сфаќа поттикнувањето насилство и креирањето загрозувачка средина за ЛГБТИ+ луѓето. Говорот на омраза поттикнува сторување дела од омраза, па Квир Центар смета дека оваа осудителна пресуда е значајна победа во нашите напори да креираме безбедно опкружување за сите граѓани, без разлика на тоа поради кој основ или нивна различност ќе бидат мета на говор на омраза или дела од омраза“, порачуваат од Квир Центарот.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ